ЗA МРЕЖАТА

Мрежата против дезинформации за Балканот (АДН-Балканс) служи како основа за соработка помеѓу граѓанските организации, медиумите, образовните институции и сите други релевантни чинители со цел да се формира широк фронт за спротивставување на дезинформациите преку афирмација на највисоките стандарди за проверка на фактите и сите други етички принципи на професионалното новинарство, како и промовирање на медиумска писменост и критичко размислување.

Нејзините членки се придржуваат до Декларацијата која ја потврдува слободата на изразување во нејзините различни форми, нагласувајќи дека ситуацијата на Балканот бара дополнителен фокус на спротивставување на проблемот со дезинформациите на регионално ниво, особено прекуграничните дезинформации, како и зајакнување на граѓаните преку едукација и ставање на нивните реални потреби како приоритет во работата на медиумите.

АДН-Балканс постепено се развива преку билатерална и мултилатерална соработка на нејзините основачки членки, која се интензивира од 2018 година наваму како одговор на зголеменото ниво на дезинформации во регионот. Мрежата е отворена за соработка и проширување со сите субјекти кои работат во регионот кои се придржуваат до принципите наведени во нејзината основачка декларација.