Со текот на годините разни државни институции се рекламираа со народни пари во медиуми кои произведуваа лажни вести или беа рецидивисти прекршители на Етичкиот кодекс на пишаните медиуми. Многу медиуми кои некогаш профитираа илјадници евра од договори со јавните претпријатија денес не се активни и престанаа да постојат како бизниси, пренесува косовскиот портал Kallxo.com во истражување направено за Центарот против дезинформации на Западен Балкан, предводен од Фондацијата Метаморфозис.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Имаше дури и случаи кога јавните институции трошеа народни пари за промовирање на одредени политичари. Над 140 илјади евра одвоило Министерството за европски интеграции во текот на 2019 година за договор за промоција на материјалите на ова министерство и проевропскиот наратив на Косово. Договорите имале ваква цел, но според обвинителството, дел од нив завршиле со промоција на партијата што раководеше со ова министерство.
Од анализата на податоците се откри дека медиумите во некои случаи не известувале за евроинтеграциите, туку за изјавите што министерката ги дала за време на нејзината изборна кампања. Овие тврдења се наведени во долгото обвинение на Специјалното обвинителство, кое е во судски процес, во којшто поранешната министерка Дурата Хоџа ја негираше вината.
За да открие во кои медиуми се потрошени јавните пари за рекламирање, Kallxo.com побара податоци од 47 институции во земјава преку барање за пристап до јавни документи. Побаран е списокот на медиумски компании кои низ годините склучувале договори за „медиумски услуги“ со министерствата, општините, кабинетот на премиерот и претседателството.
Само 34 институции одговориле на барањето за трошоците за рекламирање. Од нив, 6 институции изјавиле дека немале договори со медиумите, а некои понудиле табели и фактури од ваков карактер, додека други побарале дополнителен рок.
Една од институциите, Косовското биро за осигурување, го одби барањето, со образложение дека не се јавна институција и се финансираат од приватен капитал.
„Шел“ медиуми
Една од институциите кои најмногу потрошиле за рекламирање е Јавното претпријатие „Косовски Телеком“, кое од 2015 до 2019 година за маркетиншки договори потрошило 2.219.528 евра.
Списокот на распределба на парите од Телеком оди на 109 бизниси, кои главно се занимавале со објавување на реклами и кампањи на оваа компанија.
Од оваа листа на бизниси, некои од нив се шоубизнис портали, дизајнерски агенции или дури и сметководствени бизниси.
Истражувањето спроведено во Регистарот на бизниси покажува дека 44 бизниси кои некогаш имале договори за маркетинг со Косовски Телеком веќе не се активни.
Од 109 медиумски бизниси кои склучиле договори со Косовски Телеком во периодот 2015-2019 во вкупна вредност од над 2 милиони евра, 8 од нив се телевизии или радио станици. Додека останатите 101 се главно весници или онлајн портали, со исклучок на мал број кои се дизајнерски агенции, сметководствени бизниси или приватни колеџи.
Од овие весници и онлајн портали, само 24 од нив се членови на Советот на печатени медиуми на Косово (СПМК), додека останатите не се членови, а дури голем дел од нив веќе не се ни активни во 2022 година.
Ќерим Ондози, кој беше задолжен од СПМК да спроведе една студија, вели дека институциите не требале да склучуваат договори со медиуми кои не се членови на СПМК.
Секако, за печатените или онлајн медиумите, во овој случај, би морало да биде критериум да бидат членови на СПМК, за да понудат каква било услуга на јавните институции, со оглед на тоа што институциите го признаваат СПМК како единствено саморегулирачко тело на медиумите, изјави Ондози за KALLXO.com.
СПМК е саморегулаторно тело на онлајн и на печатените медиуми кое се залага за заштита на слободата на говорот, граѓаните да бидат целосно и навремено информирани, а притоа да има потполно почитување на Новинарскиот етички кодекс. Целта на СПМК е да ги заштити граѓаните од невистинити написи и да ги заштити новинарите од неосновани поплаки. По претставките, СПМК ги испитува вестите објавени во онлајн и печатените медиуми за да види дали тие се во спротивност со Кодексот на печатените медиуми.
Тој додаде дека доделувањето договори на анонимни медиуми кои воопшто не биле членови на СПМК довело до финансирање на медиуми за кои не се знае каков квалитет на новинарство произведуваат.
Со милионските суми што едно јавно претпријатие ги нуди на еден или повеќе медиуми, може да имаме одредени проблеми во смисла на разни фаворизирања, вели тој.
Институциите им дадоа договори и на медиумите кои продуцираа информации кои не беа вистинити.
Медиумите кои имаа маркетиншки договори со Телеком, Министерството за култура и општина Урошевац или Штимље, објавиле најмалку 58 пати вести кои не беа целосно вистинити. Овие вести од „Крипометар“ се оценети како лажни или вести кои немаат контекст.
KALLXO.com ја анализираше и базата на одлуки на Советот на печатените медиуми на Косово (СПМК) и откри дека од 2017 до октомври 2022 година се одобрени вкупно 306 жалби против овие медиуми кои имале договори за рекламирање со неколку јавни институции. Одобрените жалби се за прекршување на Етичкиот кодекс, известување за вистината или правото на одговор.
Според податоците собрани од KALLXO.com, јавните институции како општина Урошевац, општина Штимље, Министерството за финансии, општина Малишево, општина Глоговац (Дренас), Министерството за администрација на локалната самоуправа (МАЛС), општина Раховец, Кабинетот на премиерот, општина Драгаш, општина Призрен и Министерството за култура, млади и спорт (МКМС), овие јавни институции од 2011 до 2020 година склучиле договори за „медиумски услуги“ со 41 медиумска компанија. Од нив, 12 се радио станици или телевизии, а 29 други се весници и онлајн портали.
Прекршителите на етичкиот кодекс
Податоците на Советот на печатени медиуми на Косово (СПМК), покажуваат дека 16 од овие 29 весници или портали не се членови на СПМК, додека останатите 13 се членови.
На веб-страницата на Советот на печатени медиуми се објавени решенијата за прекршување на етичкиот кодекс од онлајн и печатените медиуми. Овие решенија укажуваат на клевета, навреди, непочитување на стандардите и ширење лажни вести.
Анализирајќи ја оваа листа и листата на медиуми за кои е утврдено дека произведуваат лажни вести од сертифицирани проверувачи на факти и споредувајќи ја со медиумите се финансирани со јавни пари, се откриваат интересни податоци.
Првиот медиум што е анализиран е печатен весник и со онлајн издание. Податоците од владините договори за финансирање покажуваат дека на 28 мај 2019 година, Министерството за култура склучило договор во вредност од 4.800 евра со овој весник, додека Телеком за овој весник издвоил 12.483 евра. Според податоците на СПМК, помеѓу 2017-2021 година, овој медиум го прекршил Етичкиот кодекс на СПМК во 44 случаи. И проверувачите на факти, во два случаја утврдиле дека овој медиум дистрибуирал лажен материјал, според проверката направена од „Крипометар“.
Друга интернет страница која 43 пати го прекршила Етичкиот кодекс на СПМК и објавила лажни вести во 8 случаи според оценката на „Крипометар“, успеала да добие 105 илјади евра од јавните средства. Според финансиските извештаи, овој сајт има добиено 24 илјади евра од Министерството за култура и 81 илјада евра од Косовскиот Телеком.
Јавни средства се доделени и на друг онлајн медиум против кој, според анализата на случаите, во СПМК има 49 одобрени претставки поради прекршување на Етичкиот кодекс. Исто така, проверувачите на факти утврдиле дека овој портал во 9 случаи споделил лажни информации. Според податоците, Министерството за култура издвоило 20.600 евра за ова интернет страница.
Друг весник во периодот 2015 – 2020 година имал договори со различни државни институции – општина Урошевац и Штимље, МАЛС и со Кабинетот на премиерот. Вредноста на потпишаните договори изнесува 59.730 евра, а во 4 случаи има прекршување на Етичкиот кодекс на Советот на пишани медиуми.
Една новинска агенција која има договори со државни институции за покривање на настани и рекламирање, добила околу 60 илјади евра од јавни институции, како што се: Општина Урошевац,, Министерството за финансии, Општина Митровица и Косовски Телеком.
И други не многу познати портали кои не се членови на СПМК потпишале договори со јавни институции, како што е Министерството за култура, во износ од 2.400 евра за „медиумски услуги“ (во моментот нема активна веб-страница со такво име).
Друг голем портал, го прекршил Кодексот на печатените медиуми дури 49 пати во периодот од 2017 до 2022 година. Истиот медиум е фатен 9 пати од „Крипометар“ како известува за лажни информации или кои имале недостаток на контекст. Овој медиум добил околу 95 илјади евра само од две институции: Косовски Телеком и Министерството за култура во периодот 2015-2020 година.
Друг онлајн медиум кој порано бил весник, од 2018 година го прекршил Кодексот на печатените медиуми дури 51 пат. Истиот медиум е фатен 5 пати од „Крипометар“ како известува за лажни информации или кои имале недостаток на контекст. Овој медиум има добиено 165 илјади евра од Министерството за култура и Косовски Телеком во периодот 2015-2020 година.
Друг онлајн медиум добил 96 илјади евра преку договорите што ги имал со Министерството за култура и Косовски Телеком во периодот 2015-2020 година. За истиот медиум е констатирано дека во 21 случај го прекршил Етичкиот кодекс, додека пет пати споделил лажни вести, според проценките на „Крипометар“.
Еден онлајн весник кој објавил 4 лажни вести според проценките на „Криптометар“ и 18 пати го прекршил Кодексот на печатените медиуми, добил 33 илјади евра од договорите за реклами што ги имал со Косовскит Телеком и Министерството за култура.
Онлајн медиум кој порано бил весник го прекршил Кодексот на печатените медиуми во 19 случаи, а „Крипометар“ 4 пати оценил дека објавил лажни вести. Истиот весник имал договори со општина Урошевац и Штимље во вредност од 5 илјади 286 евра. Друг портал, од 2016 до октомври 2022 година, 8 пати го прекршил Кодексот на печатените медиуми, а добил 12 илјади евра од Косовскио Телеком.
Министерството за култура и Косовски Телеком во периодот 2015-2020 година имаа потпишано маркетиншки договори во вредност од 78 илјади евра со еден портал, кој во последните 5 години 12 пати го прекршил Етичкиот кодекс. Овој медиум во рубриката за лажни вести на „Крипометар“ бил фатен 5 пати низ годините.
Медиумска независност и предизвиците за финансирање
Албан Зенели, професор на Одделот за новинарство на Универзитетот во Приштина, вели дека доколку јавните пари се инвестираат во рекламирање во медиумите кои се членови на СПМК, институциите би помогнале да се зголемат капацитетите на медиумите кои доброволно се согласиле да ги почитуваат професионалните и етичките стандарди на новинарството.
Но, според него, има случаи кога институциите трошеле јавни пари за некредибилни медиуми.
Од професионална гледна точка, ова несомнено „испраќа вода во водениците“ на непрофесионалците кои не прифатиле да се зачленат во саморегулаторното тело, што би значело и спроведување на професионалните и етичките правила – вели Зенели.
Понатаму, Зенели вели дека со оглед на тоа што редакциите на медиумите во Косово не се одвоени од агенцијата за обезбедување реклами за медиумите, влијанието на институциите врз медиумите кои се рекламираат е полесно.
Во различни земји во Европа, како што вели Зенели, има случаи кога државите одлучуваат да им помогнат на одредени општествени сектори, вклучително и медиумите, но формите се многу поразлични отколку тие што се користат во Косово.
Кога јавните институции се заинтересирани да произведат медиумски содржини кои поттикнуваат кампања за маргинализирани социјални групи, различни аспекти на културата, спортот итн., се објавува јавен повик за медиумите кои сакаат да произведат такви емисии или содржини, кои потоа се избираат од стручни комисии. Во овие случаи, изборот се врши преку јасни критериуми и начинот на избор е многу транспарентен – изјави Зенели за KALLXO.com.
Организацијата „Чоху“ (Стани) во периодот јануари 2020 година до декември 2021 година мониторирала 24 медиуми, за поплаки против нив за прекршување на Етичкиот кодекс на печатените медиуми на Косово.
Според овој Извештај, едно од најпрекршените поглавја на Етичкиот кодекс е „Рекламирање и спонзорство“.
Во ова поглавје се наведува дека:
Комерцијалното и политичкото рекламирање, како и спонзорираниот материјал, вклучувајќи и написите или додатоците, мора јасно да се разликуваат од уредувачката содржина и јасно да се идентификуваат што е тоа.
Како и дека:
Спонзорираниот материјал јасно ќе го наведе изворот на спонзорството.
Според сознанијата на „Чоху“ во периодот на мониторирање, биле поднесени 31 претставки за прекршување на ова поглавје, при што 25 од нив биле одобрени како основани од страна на СПМК.
Законот за избори во Косово јасно дефинира дека платеното политичко рекламирање во печатените медиуми мора да биде јасно идентификувано за читателот. Во членот 50 од овој Закон се вели дека печатените медиуми обезбедуваат фер и непристрасен пристап за сите регистрирани политички субјекти кои ќе побараат рекламен простор.
Во секој платен политички оглас се наведува организацијата или поединецот којшто е одговорен за тој оглас – стои во став 50.3 од овој Закон.
Дури и во Законот за независната комисија за медиумите е прецизирано дека спонзорствата треба да бидат идентификувани за гледачите на аудиовизуелните медиуми.
Во членот 31 од овој Закон се вели дека гледачите ќе бидат јасно известени за постоењето на спонзорски договор.
Спонзорираните програми треба јасно да се идентификуваат со името, логото и/или било кој друг симбол на спонзорот, како на пример референца на неговиот(те) производ(и) или услуга(и) или ознака за разликување која се наоѓа таму, на соодветен начин за програмите, на почетокот, за време и/или по завршувањето на програмите, се вели во точка четири од овој член.
Но, различни извештаи на невладини организации откриваат дека политичките партии не поднесуваат точни извештаи за трошоците што ги прават за време на кампањата. Како последица на тоа, не се знае точно колку политичките партии трошат за рекламирање во медиумите.