Не германските власти, туку активисти поставиле тенк пред руската амбасада во Германија

Published on:

Не е вистина изнесеното во постот, дека германските власти имале неуспешна акција за поставување на руски тенк пред амбасадата во Германија. Германски активисти, односно кустоси на музеј, биле организатори на поставувањето на тенкот, кои протестирале против руската инвазија во Украина. Што се однесува до положувањето на цвеќињата на тенкот наредниот ден, на протестот присуствувале и лица кои ја поддржуваат помошта што Украина ја добива од Европа, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

02.03.2023
 Неуспешна акција на германските власти за поставување на застрелан руски тенк пред руската амбасада. Оваа акција не одеше целосно според планот, луѓето донесоа масовно цвеќиња и го накитија тенкот.

Не е вистина изнесеното во постот дека тенкот којшто беше поставен пред руската амбасада во Берлин, бил поставен од германските власти. Како што објави Ројтерс на 24 февруари 2023 година, тенкот го поставиле активисти кои протестирале против руската инвазија во Украина. Тие паркирале уништен ‘рѓосан тенк пред руската амбасада во Берлин, како своевидна симболика на воените случувања во Украина.

Тенкот е обележје на пораз. Украина ќе биде Сталинград на Путин, изјавил Виланд Гибел, кустос на музејот Берлин Стори Банкер, мислејќи на поразот на Германија во големата битка во Втората светска војна, пренесе Ројтерс.

Според организаторите на настанот, Гибел и неговиот колега Ено Ленце, рускиот тенк  T-72 B1 бил уништен од противтенковска мина на 31 март 2022 година, близу Киев.

Како што пишува Ројтерс, тие изјавиле дека тенкот бил пренесен во Германија со помош на украинското Министерство за одбрана и Националниот музеј за воена историја на Украина..

Според Ројтерс, округот (Berlin’s Mitte borough) минатата година ја одбил апликацијата на организаторите, Гибел и Ленце да го изложат тенкот.

Потоа организаторите покренале постапка пред берлинскиот упрвен суд  и добиле дозвола да продолжат со проектот и да го изложат тенкот. Според написот на Ројтерс, тенкот ќе продолжи да биде изложуван низ Европа и можно е да заврши во германскиот музеј за тенкови.

Дека навистина двајцата организатори на изложувањето на рускиот тенк во близина на руската амбасада во Берлин, добиле дозвола за тоа откако претходно ги тужеле локалните власти, покажува и текст на Дојче Веле од минатата година (2022). Во текстот се известува дека двајца управители на музеј добиле судски процес во кој се жалеле на локалните власти дека не им дозволуваат да го постават тенкот во близина на руската амбасада во Берлин. Округот Берлин Мите, поради судската одлука морал да ја дозволи оваа поставка на која претходно се противел. Ено Ленце и Виеланд Гибел од Берлин Стори Банкер музејот првпат ја предложиле идејата за поставувањето на тенкот во јуни 2022 година, истакнувајќи дека имаат намера тенкот да го остават како поставка на улицата во текот на две недели. Нивната инспирација била од градови како Киев, Прага и Варшава каде имало слични поставки. Но, градот Берлин ги одби. Првата причина која ја навеле локалните власти била тоа дека ќе биде нарушена безбедноста на Германија. Судот сепак решил, да одобри да биде поставен тенкот на барање на двајцата управители на музејот, но не веднаш пред руската амбасада во Берлин, туку на улицата отспротива која можела да издржи 40 тони тежок тенк.

Амбасадорот на Украина во Германија, Андреј Мелник, според Дојче Веле, ја поддржал идејата за поставувањето на тенкот, бидејќи на таков начин ќе им се приближи на германските граѓани ужасната слика на бруталната уништувачка војна од која страда Украина.

Полиграф пишува дека еден ден по поставувањето на тенкот, на 25 февруари, германските  крајно десничарски партии одржале „протест за мир“ на истата локација каде бил поставен тенкот. Организаторите побарале германската влада да престане да испраќа воена помош за Украина. Според Дојче веле, организаторите на протестот, „одметнатата социјалистичка политичарка“  Сара Вегенкнект и писателката Алис Шварцен повикале на преговори со Путин, зашто според нив, „нема начин да се порази најголемата нуклеарна сила”.

Потоа крајно десничарската партија Алтернатива за Германија, повикала да дојдат луѓе на тој протест, каде на крајот имало 10 до 13 илјади учесници, иако организаторот лажно прикажувал дека дошле 50 илјади.

Гардијан објави фотографии од протестот каде луѓе завиткани во украински знамиња со транспаренти „Сопрете ја војната на Путин“, „Помогнете ѝ на Украина да се одбрани“ и „Недоставувањето оружје за Украина е еквивалент на поддршка на геноцид“. Тоа значи дека во близина на тенкот на протестот следниот ден имало и поддржувачи на тоа да се испраќа воена помош за Украина, иако руската страна го злоупотребила протестот и го присвоила.

Екстремно десничарската партија „Алтернатива за Германија“ е обвинувана за блиски релации со Русија, а официјално е против ЕУ и против имигранти во Германија.

Видео на Твитер покажува како поддржувачите на оваа партија на протестот на 25 февруари не им дозволувале на дел од присутните да ги кренат знамињата со поддршка на Украина. Германската служба за безбедност, според Полиграф, во 2021 година ја ставила под набљудување оваа партија, што е првпат после Втората светска војна политичка партија во Германија да биде мониторирана зашто е закана за германскиот устав.

Руските медиуми за протестот од 25 февруари известија дека бил за поддршка на Русија, а главниот пропагандистички медиум Раша Тудеј објави видео од тенкот со известување дека луѓето од Берлин положуваат цвеќе на рускиот тенк „како симбол на борбата против неонацизмот во Украина“.

Александер вон Бизмарк, германски поддржувач на Путин, изјави дека негова група на луѓе ги донеле цвеќињата и ги положиле на тенкот.

Многу е важно што донесовме 2 илјади рози и ги поставивме на тенкот пред руската амбасада. За да ѝ покажеме на владата дека треба да почне да преговара. Русија не е наш непријател. Ние сме пријатели. Ги градевме добрите односи повеќе од 30 години, рече Бизмарк, пишува Полиграф.

Асошиејтед прес извести за повеќе градови во балтичките држави каде биле изложувани тенкови кои биле користени во Украина, а кои биле посетувани од руските малцинства во овие држави кои на нив положувале цвеќиња.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина изнесеното во постот, оти германските власти имале неуспешна акција за поставување на руски тенк пред амбасадата во Германија. Германски активисти, односно кустоси на музеј, биле организатори на поставувањето на тенкот. Што се однесува до положувањето на цвеќињата на тенкот наредниот ден, на протестот присуствувале и лица кои ја поддржуваат помошта што Украина ја добива од Европа.

hubmk

Related