Што објавувал Македонецот Тодоровски, кого Грозев го обвини за ширење руска пропаганда во медиумите

Published on:

И покрај тоа што не е афирмиран новинар во земјава, Тодоровски успеал дури трипати да биде поканет од Русија да оди на „прес тури” во Украина, од каде потоа неговите согледувања и репортажи завршиле во македонските и во бугарските медиуми. Преку неговите извештаи од разни конференции со антизападни наративи, суптилно биле пренесувани ставови коишто одат во прилог на Кремљ, но сето тоа е направено под превезот на новинарството и политикологијата. Со други зборови, личностите коишто Тодоровски ги интервјуира или чии ставови ги пренесува, не отстапуваат многу од гласот на Кремљ, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

 

Македонецот од Делчево и докторанд на Претседателската академија во Москва, Дарко Тодоровски, ги негира тврдењата на бугарскиот новинар Христо Грозев од Белингкет, дека тој бил каналот преку кој се слевале пари во бугарските портали за да објавуваат лажни вести создадени од специјални служби на Кремљ. Ваквото обвинување Грозев го изнесе на комисиска расправа за надзор на бугарските тајни служби во парламентот во Софија. Тој рече дека Тодоровски за 250 евра продавал лажни вести произведени во Русија, а дека бугарски портали ги објавувале. Новинарот Грозев е баран со потерница од страна на Руската Федерација, а истражувачката мрежа Белингкет каде што тој работи, во Русија е прогласена за странски агент.
Можам да кажам дека еден од каналите преку кои се доставувани дезинформациите во бугарските медиуми за заплашување, поминува преку македонскиот граѓанин Дарко Тодоровиќ (ски), кој се претставува како дописник и експерт за руско украински теми. Со проста проверка се гледа дека многу бугарски медиуми се повикуваат на негови извештаи и сами може да заклучите до каде е стигнато тоа, изјави Грозев.
Во изјава за Вистиномер, Тодоровски ги отфрла обвиненувањата дека плаќал пари за ширење на лажни вести. Точно е вели, дека соработувал и соработува со различни портали, сајтови, медиуми, компании и во Македонија и во Бугарија, во Србија и во Русија. Има и свој Телеграм канал за воена тематика. Тој вели дека на бугарскиот сајт Поглед објавувал репортажи од војната во Украина, каде што бил на покана на Министерството за одбрана на Русија.
Јас сум подготвен да ги објавам сите документи каде јас студирам и живеам во Москва, како и сите банкарски трансакции. Зошто јас сум инволвиран, најверојатно поради моите текстови во Поглед. Сите мои текстови во Поглед се потпишани со мое име и презиме. На Поглед има мои текстови и репортажи од две прес тури во воените зони во Украина, како и текстови од други настани и конференции во Русија. Јас имав плодотворна соработка со Поглед до летото 2022 година. Како резултат на тоа што во светот се води Светска војна, и на законите и цензурата којашто се донесе и во Европа (Бугарија), и во Русија, соработката ја прекинавме. Во денешно време, и Русија и Западот се обвинуваат меѓусебно за ширење на лажни вести и пропаганда. Во такви случаи најлесно е да се обвини некој, посебно ако е државјанин на друга држава, и доколку тој има различно мислење и ставови, вели Тодоровски за Вистиномер.

 

Како Тодоровски го виде бомбардираниот Мариупол?

Вистиномер ги пронајде текстовите на Тодоровски во бугарски Поглед. Едниот е објавен на 8 мај 2022 година, откако руската војска го презема Мариупол. Таму Тодоровски објавува репортажа од периодот кога бил во бомбардираниот и уништен Мариупол насловена  „Како се живее во градот и што навистина се случува во Мариупол“.
Во репортажата пишува:
Некои граѓани (во Мариупол н.з.) велат дека се Руси и дека зборуваат руски јазик и дека се радуваат дека руската и доњецката армија се во Мариупол. Голем број мариуполци се борат во редовите на доњецката армија. Но некои граѓани велат, дека очекувале од Русија да го направи уште во 2014 година она кое го направи денеска, и дека тогаш градот ќе паднел без борба, за разлика од сега кога е практично уништен. И многумина не разбираат зошто градот е разрушен. Ја обвинуваат Украина, Русија и НАТО за сè што се случува.
При пишувањето на неговата репортажа изоставени се важни моменти, како на пример не се споменува ни збор за масовните гробници полни со украински жртви во Мариупол. Наместо тоа, Тодоровски кој дури трипати одел во Украина на прес тури организирани до Министерството за одбрана на Русија, раскажува дека забележал млада мајка со едногодишното дете, како чекале на ред за хуманитарна помош. Кога жената дошла на ред да разговара со новиот градоначалник на градот, му кажала дека не знае што ќе прави понатаму и како ќе си го храни детето, со оглед на тоа што сопругот загинал од мина и таа самата го закопала во дворот. Но, потоа во регионот каде што живее ѝ побарале 10 до 15 илјади гривни за да го погребаат сопругот во градските гробишта. Во репортажата на Тодоровски, тој пишува дека „новиот градоначалник на регионот кажал дека тоа е незаконски и дека сите загинати во битката за Мариопол ќе бидат бесплатно погребани во градските гробишта“.
Тие ветија дека одговорните за барањето пари ќе бидат казнети. Заедно со детето, жената отиде во воениот штаб да го реши проблемот, пишува Тодоровски на бугарски Поглед.

Па, така во градот каде има масовни гробници со натрупани украински жртви, новиот градоначалник во репортажата на Тодоровски станува решавач на проблемите. Репортажата на Тодоровски е напишана петнаесетина дена откако украинските власти објавија дека во село во близина на Мариупол се пронајдени масовни гробници, заедно со ровови во селото Мануш во Доњецк, за кои Вадим Бојченко (екс градоначалник на Мариупол) изјави дека руските сили ги собирале телата во камиони и ги фрлиле таму за да ги прикријат своите злосторства. Ама за ова во репортажата на Тодоровски од Мариопул, нема ниту збор.

Пред тоа, во февруари 2022 година, Тодоровски го интервјуирал Тит Турншек, поранешен министер за одбрана на Словенија, а интервјуто завршило и во некои македонски портали.

Турншек на Тодоровски му вели дека Русија е принудена на операцијата во Украина зашто цели осум години Украина не сакаше да го исполни Минскиот договор”. 

 
Сето тоа ја поттикна Русија воено да интервенира, да го заштити руското население. Русија пробуваше на мирен начин да го реши конфликтот, но Украина поддржана од САД и НАТО не ја слушаше загриженоста на Русија. Русија се одлучи да стави крај на тоа и се одлучи за војна. Да се потсетиме дека Украина осум години водеше граѓанска војна против Доњецк и Луганск и за таа цел користеше многу паравоени групи со нацистичка идеологија, вели Турншек во интервјуто.

Соговорникот на Тодоровски во интервјуто оценува дека оваа војна најмногу им одговара на САД, кои „цело време свесно ја провоцирале Русија на оваа војна и на крајот успеале“.

 

Што говорат фактите?

Наспроти ваквите ставови, односно обиди за оправдувања за воената агресија на Русија, во Украина немаше организиран прогон против луѓето што зборуваат руски јазик. Има два договора од Минск. Првиот е оној на кој се согласија Украина и сепаратистите поддржувани од Русија во 2014 година. Требаше да се разменуваат затвореници, да се доставува хуманитарна помош и да се повлече тешката артилерија пет месеци по почетокот на конфликтот во кој загинаа 2.600 луѓе (претседателот на Украина Володимир Зеленски тврди дека се 15 илјади загинати). Овој договор брзо се распадна, со прекршувања од двете страни. Вториот договор беше меѓу претставници на Русија, Украина, ОБСЕ и лидерите на двата проруски сепаратистички региона. Потпишан е во февруари 2015 година и има 13 точки. Овој договор воспостави воени и политички чекори кои останаа неимплементирани. Најголемата блокада беше од тоа што Русија инсистираше дека не е страна во конфликтот и затоа ,,не е обврзана со договорот”. Десеттата точка,од овој договор, на пример, повикува на повлекување на сите странски вооружени формации и воена опрема од Доњецк и Луганск. Украина вели дека тоа се силите од Русија, но Москва негира дека таму има какви било руски сили.

Русија е страна во договорите од Минск и тоа се најновите формални договори во кои Русија го афирмираше суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет. Русија сепак, не се придржуваше на договорите од Минск. Руската страна и нејзините проксија, не испорачаа прекин на огнот, повлекување на тешка артилерија, имплементација на размена на политички затвореници, или пак, доставување на хуманитарна помош базирана на интернационални механизми. Наспроти тоа, Русија ги зајакнуваше илегалните вооружени формации во источна Украина. Русија, исто така, не дозволи пристап на ОБСЕ за мониторирање, вклучително на украинско-руската граница каде и ограничената мисија на ОБСЕ беше прекината поради руското вето летото 2021 година. Без целосно имплементирање на прекин на огнот, повлекување на тешката артилерија и дозволата за целосен пристап на сите територии за мисијата на ОБСE, тешко е да се дискутира за имплементација на политичките аспекти на Минск 2. Украина, пак, имплементираше колку што можеше од договорите од Минск и покрај тоа што немаше контрола на територијата. Украина донесе легислатива за специјален статус и амнестија и подготви драфт легислатива за локалните избори 2014 година. Украина усвои уставни амандмани за да им даде поголема автономија на териториите.
 
Во фактичката реалност, луѓето што зборуваат руски јазик или етничките руски граѓани во источна Украина не беа цел на никаков прогон, а камоли геноцид во рацете на украинските власти, ова е потврдено во извештаи објавени од Советот на ЕвропаКомесаријатот за човекови права на Обединетите Нации и ОБСЕ.
Американскиот претседател Џо Бајден многупати досега истакнуваше дека не предизвикува војна меѓу НАТО и Русија и додека САД или нивните сојузници не се нападнати, сè дотогаш САД нема директно да се вмешаат во конфликтот, ни со праќање американски војници да се борат во Украина, ни со напаѓање на руските сили.
Не ја охрабруваме Украина да цели надвор од своите граници. Не сакаме да ја пролонгираме војната само за да предизвикаме болка во Русија. Мојот принцип во кризата е дека ништо за Украина нема да биде решавано без Украина. Нема да ја притискам украинската влада ни приватно ни јавно. Украинските разговори со Русија не се запрени зашто Украина ѝ го свртела грбот на дипломатијата, туку тие се заглавени зашто Русија продолжува да води војна за да преземе контрола врз што поголем дел од Украина. САД ќе продолжи да ја зацврстува Украина и да ја поддржува во напорите да постигне преговарачки крај на конфликтот. Неиспровоцирана агресија, бомбардирање на родилишта и центри за култура и присилно протерување на милиони луѓе, ја прават војната во Украина длабоко морален проблем, рече Бајден.
Со тоа што Русија продолжува да го прекршува меѓународното право и другите договори со илегално присвојување на Крим и со акти на вооружена агресија против Украина, таа веќе има прекршено 12 интернационални или билатерални договори.
Со други зборови, руските акции за поткопување и за закана кон територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, се илегални, пишува делегацијата на ЕУ во Кина.

 

Тодоровски информирал и од меѓународна конференција во Москва

Непосредно пред Русија да ја нападне Украина, Дарко Тодоровски ја информирал македонската јавност за меѓународна конференција на тема „Геополитичката војна на Западот против Русија – украинскиот случај“, којашто се одржала во  Општествената палата на Руската Федерација во Москва. Како што самиот напишал во својот извештај од конференцијата, тој бил единствениот поканет новинар од Балканот, на оваа конференција со длабоко тенденциозен наслов. Конференцијата свечено ја отворил Максим Григориев, член на Општествената палата на Руската федерација со следното излагање:
Западот смислено ја обвинува Русија дека ја напаѓа Украина и користи и креира лажни вести за тоа. Русија е предмет на масовна пропаганда и се води тешка информативна војна против Русија.
Директорот на Центарот за геополитички експертизи Валериј Коровин, пак, на истата конференција кажал дека:
Западот поттикнува војна во Украина бидејќи нему му е потребна. Украина е потрошен материјал. САД веднаш спроведуваат неколку задачи да ја елиминираат Русија како геополитички непријател и да ги свртат руските финансиски елити против Путин. На САД им е потребна оваа војна за да ја истуркаат Русија од Европа. 

 

Војна со дезинформации

Овој навредлив став за Украина е комплетно спротивен на оној на Зеленски кој вели дека Украина го почитува интернационалното право и суверенитетот на секоја држава и дека токму за својот суверенитет Украина се бори против руската агресија. Украина кажува колку ќе се бори, дали ќе преговара, Западот и САД комплетно не се мешаат во тие прашања, туку само даваат поддршка.
Не сме заинтересирани за територијата на други држави. Само сме заинтересирани за деокупација на нашата држава и нашите територии, рече тој.
Стејт департментот, исто така, има објавено неколку факти околу дезинформациите од Кремљ, меѓу кои и таа дека „Западот поттикнува војна во Украина“ – а баш ова е тонот односно „песната што ја пееле“ сите учесници на конференцијата од која известувал Тодоровски.
Фактите се дека Москва ја поттикнуваше кризата со тоа што постави повеќе од 100 илјади војници на границата со Украина, без слични акции да бидат преземени на украинската страна на границата.
 Русија ги обвинува другите за својата агресија, но одговорност е на Москва да ја заврши кризата мирно со дипломатија и деескалација. Москва изврши инвазија во Украина во 2014, го окупираше Крим. Ова е навика на руско однесување на поткопување на суверенитетот и територијалниот интегритет на земјите во регионот, како што окупираше делови од Грузија во 2008 година, а и не ги исполни своите обврски да ги повлече трупите и муницијата од Молдавија каде остануваат без владина согласност, напишаа од Стејт Департментот на 20 јануари 2022.

Стејт Департментот го спомена и наративот кој често се користи во руската пропаганда, дека Русија наводно ги брани етничките Руси во Украина.

Како што претходно напоменавме, нема кредибилни извештаи за етнички Руси или население кое зборува руски јазик, а да е под закана од украинската влада. Сепак има кредибилни извештаи дека во окупираниот Крим како и во Донбас, Украинците се соочуваат со супресија на нивната култура и национален идентитет и живеат во окружување на страв. Во Крим, Русија ги присилува Украинците да земат руско државјанство или да го загубат имотот, пристапот до здравствена заштита или работните места. Оние коишто мирно се спротиставуваат на руската окупација и контрола, се затворени неосновано, им се вршат рации во домовите, се дискриминираат и во некои случаи се малтретирани. Религиозните и етничките малцинства таму се испитувани и прогонувани како екстремисти и терористи, пишува Стејт Департментот.

Според извештајот што го напишал Тодоровски, сите учесници на конференцијата се согласиле дека ескалацијата на ситуацијата со неизбежната инвазија на Украина е „најголемата американска информативна специјална операција против Русија дизајнирана да ги мобилизира земјите на НАТО, да ја консолидира Алијансата и Западот и да ја демонизира Русија пред целиот свет“. 

Но, ова е контрадикторно. „Неизбежна инвазија“ нема, особено во услови кога Русија не беше нападната од Украина, ниту, пак, на кој било начин загрозена територијално

Друг учесник во конференцијата, пак, Јохан Бакман, изјавил дека во Европа „се промовираат две идеологии, хомосексуалност и русофобија“.

Баш за ваквите конференции, Стејт Департментот напишал дека се еден од начините на кои Русија инјектира дезинформации во медиумскиот простор.

Првиот наратив што Русија го користи е дека таа е невина жртва. Руската влада лажно ја потртретира Русија како жртва, а нејзините агресивни акции како принуден одговор на наводните постапки на САД и други демократски сојузници и партнери. За да ги засили овие тврдења, Русија ја користи нејзината омилена кованица ,,русофобија“. По инвазијата на Украина во 2014 година, руската влада и државно контролираните дезинформациски меидуми почнаа да ги обвинуваат сите што се сомневаат во руските акции дека се русофоби. На пример, Русија тврди дека негативните интернационални реакции за нејзината инвазија врз независна држава е само зашто луѓето се плашат од Русија и ја мразат Русија. Но, според табелата подолу, русофобијата не беше загрижувачки проблем за руското Министерство за надворешни работи или државно финансираните дезинформациски медиуми сè додека руската војска не ја нападна Украина. Тврдењата за русофобија, се одржуваат низ различни теми и се користат кога и руската влада да сака да изигрува жртва, кога е всушност агресорот, пишува Стејт Департментот.

 

Релативизација на злото

Тодоровски објавувал и во Инфомакс и во Антропол, а за Вистиномер тврди дека за тоа не добивал хонорари. Тој вели дека „оваа војна наликува на граѓанска војна, а во региони со мешано население Русите се за Русија, Украинците за Украина“. Според него, и лажните вести се релативни, односно зависи кој суди за нив.
Како и вие, и јас сум се начитал пропаганда и fake news и од двете страни. И самиот Христо Грозев во своите обвинувања кажува дека нема докази дека се вршени трансфери на пари, иако спомнува астрономски суми на пари. Статиите во Поглед се мои, со мое име и презиме, но јас не сум плаќал, ниту сум вршел трансфери на пари во Бугарија, ниту сум бил во Бугарија во последните неколку години. Ниту, пак, сум одговорен за некаква пропаганда во Бугарија или на Балканот. Тоа лесно може да се провери и докаже. Околу Infomax, двапати имам онлајн настапувано кај нив. И неколку мои текстови се објавени таму, плус тие преземаат мои текстови од мојот Телеграм канал или ФБ страница. Преземаат и други портали, кои ме прашаа за тоа. Со Infomax немам никаков работен ангажман или хонорар и тоа може да се провери. Се работеше за доброволна соработка, нив ги интересираше мислење и видувања на некој којшто живее во Русија, и којшто бил во воените зони во Украина. Мене ми беше интересно да ја споделам својата точка и тоа што сум го видел во воените зони, вели Тодоровски.
Тврди дека не работи во претседателската администрација на Русија, ниту во невладина организација во Москва поврзана со руските железници, туку дека студира на Претседателска академија во Москва, насока политологија.
Ги изучувам воените конфликти и работата на воените компании и пишувам на таа тематика докторски труд. Со години пишувам на својот Фејсбук профил на тие теми. Трипати како новинар заедно со групи од 40 странски новинари бев дел од прес тури на министерството за одбрана на Руската Федерација во воената зона во Украина по почетокот на војната во Украина, и мои текстови се имаат објавено и во Македонија и во Бугарија, плус настапи во Македонија, Србија и Бугарија. Зад сите мои текстови и анализи објавени низ годините, како и видео настапи стои моето име и презиме. Имам напишано стотици статии, научни статии на разни теми. Тоа лесно може да се провери. И за голем дел од тие текстови и настапи сум добивал хонорари, вели Тодоровски за Вистиномер.
И покрај тоа што не е афирмиран новинар во земјава, Тодоровски успеал дури трипати да биде поканет од Русија да оди на „прес тури” во Украина, од каде потоа неговите согледувања и репортажи завршиле во македонските и во бугарските медиуми. Преку неговите извештаи од разни конференции со антизападни наративи, суптилно биле пренесувани ставови коишто одат во прилог на Кремљ, но сето тоа е направено под превезот на новинарството и политикологијата. Со други зборови, личностите коишто Тодоровски ги интервјуира или чии ставови ги пренесува, не отстапуваат многу од гласот на Кремљ.
Пишува: Мирослава Симоновска
hubmk

Related