Хитлер бил „личност на годината“ на Тајм, но поради неговото негативно влијание

Published on:

Тврдењето дека изборот на Хитлер за „Човек на годината“ на „Тајм“ покажува дека историјата се повторува и дека како по учебник се повторуваат настаните, правејќи споредба со прогласувањето на Зеленски за личност на годината,  нема никаква врска со реалноста. Тајм објасни дека критериумите за избор се засноваат на влијанието – добро или лошо – што таа личност го има врз вестите и животите на другите. Хитлер беше избран во 1938 година поради неговото негативно влијание, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук се обидува да направи паралела меѓу претседателот на Украина, Володимир Зеленски и нацистичкиот лидер на Германија, Адолф Хитлер, повикувајќи се на прогласувањето на „личност на годината“ од страна на Тајм магазинот.

Неодамна (07.12.2022) Тајм го прогласи Зеленски за личност на годината. Постот потсетува дека и Хитлер бил „личност на годината“ според Тајм во 1938 година, поистоветувајќи го со Зеленски.

Како по учебник се одвиваат настаните. Не ја постирам насловната од Хитлер од претходно искуство, зошто одма следат санкции.

Но, она што не се спомнува во постот е контекстот во кој Хитлер бил прогласен за личност на годината. Точно е дека Тајм го избрал Хитлер за насловната страница во 1938 година, но не во позитивно, туку во негативно светло.

Франшизата за личност на годината на магазинот Тајм започна во 1927 година, тогаш позната како „Човек на годината“. Првата личност која се појави на насловната страница беше Чарлс Линдберг во 1928 година, по неговиот историски соло лет преку Атлантикот.

Една деценија подоцна, на ред дојде Адолф Хитлер. Списанието го прогласи нацистичкиот лидер за „Човек на годината“ за 1938 година.

Иако е точно дека Хитлер беше избран за „Човек на годината“ на Тајм за 1938 година, тоа не беше израз на пофалба.

Критериумите на списанието за избор се „личноста или лицата кои најмногу влијаеле на вестите и нашите животи, за добро или лошо“, напиша Тајм во 2014 година.

Австралискиот Асошиетед прес откри дека тврдењето дека Хитлер бил „личност на годината“ кружи на интернет најмалку од 2016 година.

Како и претходните тврдења, и сегашниот пост што го рецензираме погрешно ја разбира природата на изборот на Тајм, што го прави бесмислен обидот да се извлечат заклучоци за легитимноста на Тајм  или медиумите воопшто, или пак, да се прават некакви паралели со други личности, како што е сега случај со Зеленски.

Изборот на Тајм на луѓето со најголемо влијание врз вестите не е секогаш чест и привилегија.

Изданието на Тајм од 1939 година го опишува Хитлер како „најголемата заканувачка сила со која се соочува демократскиот, слободољубив свет денес“. Во него се вели дека од постапките на Хитлер „биле згрозени цивилизираните луѓе“ и се опишува како „човекот најодговорен за оваа светска трагедија„ како „ неприкосновен, 49-годишен аскет роден во Австрија со мустаќи како на Чарли Чаплин“.

Во написот за  Хитлер од 2019 година, Тајм забележа дека дури и портретот на изданието од 1939 година не бил типична корица.

Тој беше прикажан како мала фигура свртен со грбот кон гледачот, како свири на огромен оргул со неговите убиени жртви кои се вртат на тркалото на Света Катерина“.

Нацистичкиот водач беше еден од најконтроверзните избори на Тајм, но тој не е единствената негативна фигура што е избрана. Меѓу другите беа поранешниот водач на Советскиот Сојуз Јосиф  Сталин, поранешниот советски премиер Никита Хрушчов и поранешниот врховен лидер на Иран, Ајатулах Хомеини, пишува Ју-ес-еј Тудеј.

Тврдењето дека изборот на Хитлер за „Човек на годината“ на „Тајм“ покажува дека истооријата се повторува и дека како по учебник се повторуваат настаните, правејќи споредба со прогласувањето на Зеленски за личност на годината,  нема никаква врска со реалноста. Тајм објасни дека критериумите за избор се засноваат на влијанието – добро или лошо – што таа личност го има врз вестите и животите на другите. Хитлер беше избран во 1938 година поради неговото негативно влијание.

Според тоа, можеме да заклучиме дека на постот што го рецензираме, му недостига контекст.

 

Related