Не е точно дека претставници на Европскиот парламент го газат знамето на Донецката Народна Република

Published on:

Оваа информација e објавена на 8 декември годинава, на Јаху Њуз. Луѓето кои го газат знамето воопшто не се претставници на Европскиот парламент, а видеото е снимено месеци по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, така што ова видео не би можело да биде една од причините за инвазијата, спротивно на она што се тврди во постот, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека претставници на Европскиот парламент го газат знамето на Донецката Народна Република (ДНР – Донбас), a се презентира и видео материјал каде луѓе кои зборуваат на англиски јазик застануваат врз знамето, претходно едниот од нив си ги брише чевлите со знамето, а му се придружуваат и останатите.

Претставници на европскиот парламент го газат знамето на Донбас.
И после зошто фашизам, зошто нацизам, зошто војна во Украина, зошто медиумски мрак за украинските бомбардирања со години, се вели во постот што го рецензираме.

Оваа информација e објавена на 8 декември годинава, на Јаху Њуз. Луѓето кои го газат знамето воопшто не се претставници на Европскиот парламент, а видеото е снимено месеци по почетокот на воената инвазија на Русија врз Украина, така што ова видео не би можело да биде една од причините за инвазијата, спротивно на она што се тврди во постот.

Според написот на Јаху, видеото првпат е објавено на 7 декември 2022 година од страна на Серхиј Притула, украински политички активист, ТВ презентер и актер. Вистиномер го пронајде видеото на Твитер на профилот на Притула на следниот линк.

И Ајриш Сан пишува дека видеото го објавил самиот Притула.

Заедно со други претставници на украинско волонтерско движење Притула, бил поканет во Конгресот од страна на Комисијата за безбедност и соработка во Европа (Хелсиншка комисија), пишува Јаху њуз.

Претставниците на Ranzom for Ukraine, Сино-жолто за Украина и претставници на Фондацијата „Се враќаме живи“, зборувале со конгресменот на САД за нивната работа со цел да ги зајакнат украинските одбранбени можности и да го поддржат цивилното општество. Потоа, претставникот на Хелсиншката комисија, според текстот на Јаху, Кајл Паркер, решил да го демонстрира својот став кон Кремлин на начин што си ги избришал чевлите од знамето на Донечка Народна Република. Нему му се придружиле и други присутни.

Групата украински активисти водена од Притула, се сретнале со претставници од американскиот Конгрес каде го споделиле своето искуство за финансирање на украинската армија. Медиумите известуваат дека американските политичари не учествувале во она што се гледа на видеото.

Притула при споделувањето на видеото на својот Твитер профил напиша:

Дури и во американскиот Конгрес знаат дека оваа крпа има само една употреба, реферирајќи на знамето.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека претставници на Европскиот парламент го газат знамето на Донбас.

Related