Како одговор на економските санкции на западноевропските земји и САД кон Русија заради воената агресија врз една суверена земја, Кремљ отвори фронт во срцето на Европа и ги „затвори славините“ за гас. Со тоа ги крена во астрономски височини цените на енергенсите на светскиот пазар, го соочи континентот со брутална економска криза и рецесија и ја стави на тест европската солидарност со Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Солидарноста во осудата и заедничкото преземање акции за санкционирање за опасните воени игри на Владимир Путин воопшто не е поколебана, но екстремно високите цени на енергенсите и прашањето дали ќе ги има или не, ја предизвика отпорноста на Европа на зависноста од руските енергенси, како и од кампањата со дезинформации што ја придружува оваа војна со енергенси, како што ја опишува ситуацијата Алекс Мунтон, експерт за глобалните пазари на гас во консултантската куќа Рапидан енерџи груп.
Руските кампањи со дезинформација имаат за цел да ја поткопаат поддршката на Европејците за Украина со субверзија на јавната дебата и со наметнување дефетистички наративи за иднината на Европа, предупредија неколку европратеници.
Во таа реакција, европратеничката Натали Лоазо од француските либерали, шеф на поткомитетот за безбедност на Европскиот парламент, рече дека „злонамерните кампањи за дезинформации кои потекнуваат од Русија“ траат со години со интензитет „дизајниран да го одврати јавното мислење на ЕУ од поддршката на Украина и да биде одбиен новиот пакет санкциите против Русија“.
Руските дезинформации како тригер за социјални тензии
Заканите од руските деизнформации како тригер за социјални тензии во Германија, ги препозна и на нив предупреди и претседателот на контролниот гремиум на Бундестагот, пратеникот од Партијата на Зелените, Константин фон Ноц.
Јулијана Смирнова, од тинк тенкот Институт за стратешки дијалог, во истиот текст на Дојче Веле потенцира дека проруски активисти „уште на почетокот од војната го нафрлија прашањето за недостиг од енергенси во Европа и тоа го претставија како последица на западните санкции и генерално како последица на солидарноста на западот со Украина.”
Руската пропаганда го шири наративот дека Германците мора да се смрзнуваат заради Украина, вели Смирнова
Притоа додава дека:
Сега кога зимата ни чука на врата, таквиот наратив има голем потенцијал да допре до луѓето кои имаат легитимни стравови и грижи.
За да ги пресретне социјалните тензии, Европската комисија предложи обемни интервенции за распоредување на околу 140 милијарди евра, пари на европските граѓани, да им се вратат како поддршка на компаниите и домаќинствата.
Сите земји одделно креираат кризни буџети. Обединетото Кралство објави програма за спас од 46 милијарди долари, Шведска најави гаранции за ликвидност од повеќе од 20 милијарди долари за своите енергетски компании, а Германија, освен мерките за заштита од социјалните удари, започна да ги национализира големи енергетски гасни гиганти.
Освен овие мерки на членките на ЕУ, кои се разликуваат од земја до земја, Европската Комисија на 14 септември 2022 година, преку својата претседателка, Урсула фон дер Лајен, го соопшти пакетот мерки од кои се очекува да се ублажи влијанието на високите цени на енергијата, предизвикани од Русија. Главните точки на овој пакет се: заедничко складирање гас; 3 милијарди евра за да се олесни развојот на технологијата за масовно производство на хидроген; Програма за штедење; Даноци на компаниите за фосилни горива, имајќи предвид дека актуелната криза им обезбеди високи профити од зголемените цени на нафтата и гасот и ограничување на цените на електричната енергија – ЕУ предлага ограничување на големопродажната цена од 180 евра/MWh.
Оваа шема се очекува да донесе околу 140 милијарди евра вишок приходи, кои ќе бидат прераспределени на крајните потрошувачи на енергија, односно кај најзагрозените во индустријата и кај домаќинствата.
Внимателните аналитичари на ситуацијата и на пристапот на Европската Комисија за справување со оваа „воена“ состојба со енергенсите предизвикана од Русија, посебно внимание посветија на еден акцент во обраќањето на претседателката на Европската комисија, кога рече дека актуелната состојба ги стави на виделина сите слабости на пазарот на електрична енергија во ЕУ и дека „ни треба нов пазарен модел за електрична енергија, кој навистина функционира и ќе нè врати во рамнотежа“.
Ова нѐ доведува до најважната, скапо платена лекција, дека Европа ја научи неопходноста од енергетската отпорност и независност од истокот.
Војната во Украина ќе ја забрза европската Зелена Агенда
Познавачите на оваа тема во нашата земја велат дека на Европа ќе ѝ биде тешко оваа, а можеби и идната зима, додека се вакви цените на рускиот гас, но за неколку години континентот ќе си обезбеди енергетска независност.
На тоа какви се цените на гасот и како станаа оружје во војната на Путин и влијанието на Русија, укажува илустративната експликација на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.
Трошокот за производството на илјада кубни метри гас, за Гаспром во 2020 година изнесуваше околу 40 американски долари. Не верувам дека нешто им се качиле трошоците во 2021 или оваа година. Еве да го додадеме и максималниот трошок за транспорт, цената најмногу достигнува до 100 долари за 1.000 кубни метри сибирски гас. На крајот на август оваа година цената на гасот на Гаспром достигна 2.900 долари за илјада кубни метри. Ете така се финансира војната во Украина, вели Бислимвски од РКЕ во разговор за потребите за оваа анализа.
И Митко Андреевски, еден од најупатените енергетски консултанти во Македонија, е на мислење дека Европа разгледува неколку сценарија и дека ќе најде начин да се справи со оваа закана.
Дали ќе има штета? Ќе има! Дали ќе се справи? Ќе се справи, затоа што, да не заборавиме ЕУ бездруго со Зелената агенда ја планираше и се спроведува постепено, стратегијата за намалување на зависноста од природниот гас и тотално исклучување на негово користење до 2050 година, посочува Андреевски.
И Бислимовски укажува на долгорочната стратегија на Европа, односно на ЕУ, целосно да се ослободи од енергетската зависноста од Русија со сериозни инвестиции во обновливи извори на енергија, ветерници и фотоволтаици и ако има нешто корисно од оваа исклучително кризна ситуација, тоа е забрзувањето на имплементацијата на Зелената агенда.
Сега има нагорен тренд и во инвестирање во батерии за складирање на електрична енергија произведена од фотоволтаици и од ветер. Така се создаваат резерви кои ќе се искористат кога ќе затребаат, објаснува претседателот на РКЕ Бислимовски.
Меѓу долгорочните сценарија за излез од кризата, што ги спомнува Андреевски, се дополнителните поволности за инвестиции во изградбата на нови капацитети од обновливи извори за електрична енергија и терминали за ЛНГ, односно втечен гас. Германија веќе ги гради, а во регионот во Грција, освен во Александопули, најавен е уште еден кај Волос.
Европа нема да ѝ прости Русија
Сето ова ја најавува новата рамнотежа во светот, која сега ја вклучува и економската страна. Иако економијата со пазарна логика и природата на парите не познаваат воени и политички граници, сепак ќе поминат многу години пред да се воспостави рамнотежата што овие фактори ја диктираат. Но, Европа нема да ѝ го прости ова на Русија, а Русија ќе мора да прифати долгорочни последици што си дозволи да го стави на колена континентот, кој како најголем пазар го има пред своите порти.
Русија природно припаѓа кон Европа и долгорочно таа треба да биде свртена кон Запад, но сега со овие цени ја финансира војната. Ама, кога финансираш војна која почнуваш да ја губиш, тоа станува посебен проблем. Русија, со тој енергетски потенцијал што го има, во мирнодопски услови може да владее со светот без војна, а ова сега е насилство, смета Бислимовски.
Од друга страна, вели тој, тоа што Русија сега се свртува и прави гасоводи кон Кина, Пакистан и други пазари на исток, нема да им обезбеди такви цени какви што сега наметна кон Европа. Ќе бидат далеку пониски, како што е и цената на нафтата што ја продаваат во Индија.
Европа ќе се сврти кон другите големи ресурси на енергенси како што се Азербејџан, Катар, САД, а Русија ќе стане кинеска колонија кога Кина, како најбрзо растечка економија, ќе влезе масивно на рускиот пазар, и тоа, долгорочно, што не е паметна опција, прогнозира Бислимовски.
Во војната со дезинформации и со енергенси, најдобар начин да се направи неефикасно новото оружје на Путин – енергијата, е интеграцијата на Европа во заедничка мрежа за енергетска безбедност, сметаат аналитичарите во едно од најстарите списанија во САД, „Атлантик“. Тоа е еден од приоритетите и неопходните услови за да се овозможи полна функционалност на Северно-атлантската алијанса, НАТО, во светот што се менува пред нашите очи за да може да ги заштити земјите членки.
Војна со енергенси – Случајот Македонија: Најскапа е онаа енергија што ја нема
И додека војната со дезинформации добива на интензитет и се шири низ југоисточна Европа и особено на Балканот, во очекување на долгата „студена“ зима, за која сега ниту политичарите во земјата не кријат дека е пред нас, Северна Македонија не е нем набљудувач.
Колку ќе бидат ефикасни мерките и политиките што се преземаат за ублажување на ударот, останува неизвесно, затоа што има премногу отворени прашања, а нови се наметнуваат со секој нареден ден.
Пред да видиме што ја очекува Македонија и дали нашата земја ќе ги прифати промените што се покажуваат како неопходни и што толку скапо ги плаќа Европа, кусиот преглед на ситуацијата во регионот вели дека во нашето географско опкружување најдобро со енергетската криза ќе се справи Грција. Енергетскиот консултант Митко Андреевски наведува две причини.
Прво затоа што е единствената земја на ЕУ која нема, и најверојатно нема да има, рестрикции и за која не важи обврската да го намали користењето на гас и да заштеди електрична енергија за 15 отсто што го наметна ЕУ. Втората причина е географската поставеност на Грција. Просечната температура во текот на зимата е неспоредливо повисока во однос на Германија или Шведска, на пример, вели Андреевски.
Дополнително, и во ваква криза, објаснува Андреевски, Грција има вишоци електрична енергија и е најголем извозник во регионот. Тоа произлегува оттаму што во последните години Грција влезе во сериозна иницијатива за изградба на енергетски објекти, пред сѐ, на огромен број фотоволтаици и гасни електрани за коишто има капацитети за гас од свои извори и резерви во пристаништата, а и заради конекцијата со Азербејџан преку ТАП, со што има капацитет да прими и да складира огромни количества природен гас и да го трансформира во електрична енергија, независно од гасот што го добива од Русија.
Од останатите земји, Србија се соочува со недостиг на електрична енергија, но во последниот период видовме интензивен енергетско-дипломатски ангажман на српскиот претседател Алксандар Вучиќ, кој воспостави контакт со Азербејџан, а се сретна и со Ердоган на истата тема и најверојатно ќе има посета и на Бугарија.
Да не заборавиме дека во Босна и Херцеговина има значајни капацитети за производство на електрична енергија и со конекцијата со Република Српска и со стоотстотна покриеност со природен гас, заради договорот со Русија, со конкурентна цена, Србија нема да има рестрикции на електрична енергија во текот на зимата, смета Андреевски.
Бугарија е, исто така, извозник на електрична енергија, па затоа остануваат Северна Македонија и Косово коишто се очекува дека ќе бидат најпогодени. Северна Македонија ќе биде една од потешко погодените земји во регионот, прогнозира Андреевски.
Македонија меѓу најлошото и помалку лошото сценарио
Експертите велат дека кога се соочувате со една таква најава, кога станува збор за енергетиката, секогаш се прави најлошото сценарио, се проектираат екстремни прогнози за да се добие јасна претстава кои се очекувањата и кои чекори треба да се преземат.
За Македонија најлоша ситуација што може да се случи е да немаме пристап до природен гас и во тој случај снабдувањето на Скопје со топлинска енергија ќе биде доведено во прашање и наместо природен гас ќе треба да се користи мазут, којшто може го замени гасот во топланите, освен кај ТЕ-ТО, која работи исклучиво на гас.
Доколку ‘го снема’ природниот гас за оние компании од нашата индустрија кои го користат како енергенс, ќе има сериозни проблеми и ќе треба да го замени со екстра лесното гориво, нафтата, или со мазут, доколку е тоа можно, предупредува претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимовски.
За да го изостриме контрастот и да биде сликата појасна, гас користат компаниите од ТИРЗ-овите, значаен дел од нив странски инвеститори, дел од поголемите компании во Скопје, при што станува збор за извозни компании, како, на пример, Алкалоид, Макстил и други, инаку главни капацитети од коишто се полни БДП и кои, доколку имаат проблеми или доколку им се зголемат трошоците за работа, ќе нè соочат со сериозни економски последици.
Другиот проблем, покрај оној што може да го предизвика прекинот на снабдувањето со гас, е електричната енергија, односно тоа што ние со нашите капацитети не ги задоволуваме вкупните потреби со оваа енергија во државата и тоа ќе не соочи со нашиот стар проблем на оптоварување на преносниот систем и со чести испади, бидејќи дистрибутивната мрежа за електрична енергија не е проектирана за греење со струја.
ЕСМ најави дека ќе ги обезбеди потребите за домаќинствата и за малите потрошувачи, но има голем број компании коишто се на слободниот пазар. Снабдувачите на овие компании им ја обезбедуваат од увоз потребната електрична енергија од слободниот пазар, но таа сега е значително поскапа и тоа ја прави многу „поскапа“ и помошта што, евентуално, владата ќе се обиде да ја обезбеди со субвенции или на друг начин.
Енергетскиот консултант Митко Андреевски вели дека за Македонија на овој план е добро што ја имаме Бугарија во соседството, којашто има сериозен извоз на електрична енергија и со која се прават напори да се обезбеди електрична енергија по разумна цена, која во голема мерка може да биде определена од највисоката граница за која Европската Комисија предложи да биде 180 евра/MWh.
Проблем со увозот може да биде ако се јави недостиг од вишоци на струја на пазарот во Европа заради ситуацијата со војната. Тоа е малку можно сценарио, но како лошо сценарио треба да се има предвид. Во таков случај може да ги имаме сите пари во светот, ама ако нема струја, џабе ни е, вели нашиот соговорник Андреевски.
Андреевски објаснува дека проблем во ова сценарио е што Франција од извозник на струја стана увозно зависна заради проблемите со некои нуклеарни електрани на кои се потпираше оваа земја, која сега е свртена кон европскиот пазар на струја.
Меѓу домашните и странските фактори кои влијаат на енергетската одржливост на С. Македонија
Што се однесува до гасот, тој сега засега доаѓа, но секогаш виси над главата Дамокловиот меч во форма на славина на која стои раката на Гаспром, односно на Кремљ.
Два поголеми трговски оператори во земјата увезуваат природен гас – Макптетрол и ТЕ-ТО, при што ТЕ-ТО исклучиво си купува за потребите на нивната ко-генеративна постројка во земјата, а Макпетрол обезбедува за индустријата и од февруари и за БЕГ. Тој гас доаѓа од Гаспром преку Турски тек и тоа е руски гас.
Тоа открива една парадоксална ситуација во која се наоѓа нашата земја којашто и во оваа екстремно вонредна состојба продолжува да добива руски гас од Гаспром.
Бислимовски од РКЕ тоа го објаснува со малата потрошувачка на гас, којашто за Гаспром е капка во морето.
Лани ние имавме рекордна потрошувачка на гас од 427 милиони кубни метри. Тоа за Гаспром е капка во морето. Како илустрација, Србија сега има резерви од природен гас од 660 милиони метри кубни гас и тоа е количина за само два месеца. Ние немаме значајна потрошувачка на гас. Да не беше ТЕ-ТО, ние ќе имавме потреба од 130-140 милиони метри кубни гас, објаснува Бислимовски.
Претседателот на РКЕ, Бислимовски, вели дека иако „до крајот на годината сме обезбедени, но, за жал, ние никогаш не успеавме да обезбедиме капацитети за целосно покривање на домашните потреби со енергија, особено со електрична и тоа нѐ прави зависни од повеќе надворешни фактори“.
Ако Русија дефинитивно го запре гасот ќе имаме сериозен проблем затоа што во тој случај ние нема да може да ги користиме потенцијалите на ТЕ-ТО, бидејќи оваа когенеративна топлана, освен „парно“ за Скопје, произведува и електрична енергија и работи само на гас. Без разлика што е странска и приватна компанија, ТЕ-ТО мора да работи и тоа без прекин, бидејќи дава евтина топлотна енергија и од технички аспект добро влијае врз електро-енергетскиот систем зашто го намалува притисокот од поголемата потрошувачка на струја, предочува Бислимовски.
Предупредувањето на Бислимовски треба да се земе многу сериозно затоа што ТЕ-ТО се снабдува со гас од некои компании ќерки на Гаспром, и доколку се случи Гаспром, односно Министерството за одбрана на Русија, да го прекине дотокот на гас, во земјата ќе имаме сериозен проблем заради ТЕ-ТО и заради топланите во Скопје, затоа што ќе треба да се префрлат на мазут со што ќе се отвори повторно прашањето со загадувањето на воздухот, кое, се чини, ќе треба да го проголтаме ако мора да се прифати и да се реализира најлошото сценарио.
На прашањето што да се прави и дали финансискиот пакет од 350 милиони евра на Владата на Северна Македонија, се доволни за излез од помалку лошото сценарио, Бислимовски вели:
Треба да се знае дека според овие цени што сега се на пазарот на гасот, само за топланите во Скопје ќе ни требаат околу 200 милиони евра, а за мазут сега се потребни некаде меѓу 50 и 60 милиони евра.
Во таа насока Бислимовски уште еднаш нагласува дека сега е најважно да се обезбедат суровини за производство на електрична енергија, односно доволно јаглен и мазут и да проба државата да најде поевтин природен гас.
Тој гас кај нас може да дојде од Грција како ЛНГ, односно втечен гас, потоа природен гас, претпоставувам од Катар, од Алжир, азербејџански гас од ТАП, а има и руски од приватните добавувачи во оваа земја, информира Бислимовски.
Гасниот терминал Александрополис, македонскиот влог за независност од истокот
Ситуацијата во којашто се најде Македонија, од злоупотребата на руските потенцијали со енергенси како оружје во политиката и војната во Украина, отвори дополнителни суштински прашања за стратегијата на нашата земја во однос на сопствената енергетска независност како единствена исправна перспектива.
Во последните две или три години, се најавија инвестиции во големи капацитети во фотоволтаични и ветерни електрани и во земјата влегоа двете најголеми компании за обновливи извори на енергија, германската ПВД со ветерен парк со најголем капацитет во регионот, и „Акио Енерџи“ од Франција во соларен парк, исто така, најголем во регионот, а до крајот на годината ќе заврши евалуацијата на понудата на единствениот и конечен инвеститор за изградбата на проектот Чебрен на грчкиот конзорциум ППС, по што се очекува потпишување на договор за изградба.
Сепак, она што обесхрабрува е реализацијата на овие големи проекти. Проектот ХЕЦ Чебрен, кој како идеа се роди во далечната 1963 година, конечно стигна во својата втора фаза, откако пропаднаа 13 или 14 тендери.
Овој тип загрижености се заканува да се преслика и во учеството на С. Македонија во проектот Александрополис кој опфаќа два мегаподпроекти – Гасниот терминал за ЛНГ, односно втечен гас од САД, Катар, Египет и други земји и гасната електрана на „прстофат“ до терминалот со капацитет од 800 мегават часови којшто, според бизнис планот на инвеститорите, треба да бидат завршени до крајот на 2024 година.
С. Македонија беше поканета уште на стартот на овој голем проект, кој со 167 милиони евра е поддржан и од ЕУ, да биде содружник, односно акционер, но Владата на Димитар Ковачевски, откако претходниот премиер Зоран Заев ја започна постапката, не направи поконкретни чекори и целата постапка остана на безброј потпишани меморандуми и изразени намери за учество без конкретни договори, освен договорот за закуп на гас.
Проектот Александополис не е само гасниот терминал, и за количествата коишто треба таму да се закупат, туку станува збор и за гасна централа како енергетски објект со капацитет од 800 мегавати којшто ќе биде завршен во 2024 година.
Од ЕСМ за потребите на оваа анализа добивме информација дека гасниот терминал во Александрополис, кој започна да се гради во мај годинава, АД ЕСМ ќе закупи 10 отсто од капацитетот, односно за истото веќе е потпишан договор. Капацитетот на гасниот терминал ќе изнесува 5,5 милијарди nm3, од кои АД ЕСМ односно Р. Северна Македонија ќе закупи 10 отсто, односно 500 милиони nm3 гас од вкупниот капацитет на терминалот. Годишната потрошувачка на гас кај нас изнесува приближно 400nm3, што говори дека државата не само што има потреба за таа количина, туку со неа само од Александрополис ќе ја обезбеди трајната и безбедна набавка на неруски гас, односно ќе се реши зависноста од гасот на Гаспром, односно Министерство за одбрана на Русија.
Ова е важно и заради фактот што побарувачката ќе се зголемува, ако имаме предвид дека во развојната програма на АД ЕСМ е зацртана изградба на гасна електрана во кругот на РЕК Битола, гасна електрана во Енергетика-Скопје, можна пренамена на ТЕЦ Неготино од мазут на гас или изградба на целосно нова гасна електрана до постоечката во Неготино.
Со оглед на местоположбата што ја имаме како држава и поставеноста на своевидна крстосница, со нашето учество во Александрополис се отвора и можноста преку С. Македонија, со дополнителни интерконектори да се реализира снабдување и на земји, пред сѐ Албанија и Косово и на тој начин како држава да оствариме значителна заработка.
Но, овој договор на ЕСМ нема да може да се спроведе доколку нашата држава преку Национални енергетски ресурси (НЕР), не го потпише договорот да купи 10 отсто од акциите во гасниот терминал и со тоа да се стекне со делумна сопственост во самиот терминал како инфраструктура.
Оваа можност во 2020 година ја договори претходниот премиер Заев, кој издејствува учество на нашата земја во овој проект со тоа што петте акционери ДЕПА (грчката државна компанија за изградна на гасна инфратсруктура), Булгартрансгас (државна компанија за дистрибуција на гас), Гаслог (приватна компанија за бродски транспорт на ЛНГ), Копелузос (приватна компанија за трговија со гас и гасна инфраструктура) и ДЕСФА (државна компанија за дистрибуција на гас), како содружници акционери, се согласија да отстапат по 2 отсто од своите акции за Македонија, односно за НЕР, акционерското друштво за вршење енергетски дејности во државна сопственост.
На прашањето зошто се одлага веќе две години овој договор, од НЕР ни одговорија:
Во тек се преговори за усогласување на текстот на договорот за интерконекција меѓу Гама (македонскиот дистрибутер на гас) и Булгартрансгас, кој ќе биде потпишан многу скоро. Во тек се преговори за усогласување и на патоказот меѓу НЕР и Булгартрансгас, кој се надеваме дека исто така ќе се потпише многу скоро, и со тоа ги дефинираме сите наши натамошни правци на соработка, во интерес на двата система за пренос на природен гас.
Очигледно имало многу што да се усогласува и многу „ќе“, но останува да веруваме дека наскоро ќе имаме настан за потпишување на договор со кој конечно ќе се официјализира конкретно учеството на нашата земја во проектот Гасен терминал Александрополис.
Како што рековме, од овој договор ќе зависи дали ќе се реализира закупот на АД ЕСМ за 500 милиони кубни метри гас, бидејќи е врзан со 10-те отсто од нашето учество во терминалот вредни 37 милиони евра.
Од ЕСМ велат дека вредноста на закупениот гас од 500 милиони кубни метри за нашите потреби ќе изнесува 9,8 милиони евра годишно и тие средства ќе бидат дел од цената на гасот, односно ќе бидат вградени во неа и ќе се вратат преку продажбата на гасот, односно нема да постојат финансиски импликации, туку ќе има враќање на средствата вложени за закуп.
Од ЕСМ уште нѐ информираа дека што се однесува до гасната електрана во Александрополис, за проектот е потпишан меморандум меѓу ЕСМ и грчката страна, но нема донесена одлука од Владата на РСМ за потпишување договор.
Тоа е добар проект, вели претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Бислимовски
Енергетскиот консултан Андреевски препорачува поголема проактивност во овој проект и нагласува:
Бевме едни од првите поканети да земеме учество во тој проект којшто е силно поддржан од САД.
Северна Македонија и Бугарија се поврзуваат енергетски со помош на САД и ЕУ
Во меѓувреме, кон средината на октомври 2022, бугарската државна компанија за дистрибуција на гас „Булгаргтрансгас“ соопшти дека заедно со ГАМА, македонската државна компанија за пренос на гас, започнале постапка за склучување договор за интерконектор Ќустендил/Жидилово, на македонска страна, за да се овозможи дистрибуција на гас.
Ова значи дека освен пренос на рускиот гас од Гаспром, ГАМА сега ќе биде во можност до нашата земја да го донесе и гасот од Грција што преку интерконекторската врска што ја воспоставија Бугарија и Грција на 1 октомври, на церемонија на која присуствуваше и претседателот Стево Пендаровски.
Преку оваа врска и со поврзувањето на нашата земја со Бугарија со интерконекторот Ќустендил/Жидилово, во Северна Македонија ќе може да доаѓа природен гас од Азербејџан, Катар и други земји, како и ЛНГ, односно втечен гас, од САД, Катар и други извори, од гасниот терминал Александрополис.
На одреден начин интерконекторот Ќустендил/Жидилово ќе ги дуплира потребите и значењето на нашиот конектор со Грција, а и искуството покажува дека алтернативите се неопходни, така што и оваа инцијатива е исклучително добредојдена.
На оваа одлука на Булгартрансгас, односно на Република Бугарија, ѝ претходеше посетата на амбасадорот на Соединетите американски држави во Атина, Џефри Пајат на Софија за да „ја поздрави одлуката на тамошната влада“ за нивните заложби за намалување на зависноста на оваа држава од руските енергенси.
Дополнително амбасадорот Пајат уште порача дека САД ги „мобилизираат своите енергетски ресурси за да ѝ помогнат на Европа“.
Кога ќе се поврзат точките „Пајат во Софија“, „Урсула фон дер Лајен“ во Скопје со пакет за енергетска поддршка на земјата, се добива впечаток дека Северна Македонија и регионот се ставени во фокусот на вниманието на САД и на ЕУ во стратегијата за енергетска независност од Русија.
Пенетрацијата на дезинформациите во војната со енергенси во Македонија
Во меѓувреме, паралелно со економската војна за обезбедување гас за подолг период или „за другите алтернативи мазутот и јагленот“, и Македонија стана мета на дезинформациите поврзани со енергенсите со цел да ја поткопаат и целосно да ја разнишаат довербата на јавноста за мерките и политиките на Владата и на надлежните институции за надминување на заканите од енергетската криза.
Така, на пример, најголемата опозициска политичка партија во Македонија на почетокот на војната во Украина и кога беше јасно дека следува сериозна енергетска криза и економска рецесија, зазеде позиција да критикува само за да стекне политички поени од кризата.
Токму оваа партија, уште во средината на јануари оваа година, неполни триесетина дена од почетокот на војната во Украина и кога стана јасно дека рускиот гас станува оружје во таа војна, излезе со соопштение во кое тврдеше дека:
Доколку владата на Заев и пиунот Ковачевски се потрудеше да обезбеди на меѓународниот пазар, како сите влади од регионот и светот, евтин гас, македонските компании и граѓани сега немаше да плаќаат најскап гас. Граѓаните сега плаќаат поскапо парно, затоа што владата не обезбеди ниски цени на гасот, кога тоа го правеа владите на другите држави.
Контраспинот на Вистиномер, „ Високите увозни цени на гасот не се поврзани со владините преговарачки способности“, ја разобличи дезинформацијата пласирана во соопштението, „бидејќи иако формално правно Владата се договара за цената на гасот со Русите, сепак, нејзината улога и влијанието врз цената, според горенаведените причини е многу мала. Многу повеќе станува збор за обид за влијание на руската страна врз геополитичката ситуација во регионот, отколку за вистински економски преговори преку кои македонската страна би имала некое влијание врз цената“.
Динамиката на дезинформациите се засили со почетокот на војната и со првичниот напредок на руските окупаторски сили на територијата на Украина, кога Русија, како одговор на економските и политичките санкции кон Москва, одлучи да ја прекине испораката за гас за некои европски земји, меѓу кои и Бугарија.
Веднаш потоа, следуваа повеќе дезинформации или полувистините информации, како веста од 20 март со наслов „Македонија ќе остане без гас? – Испораката доведена во опасност, Бугарија се откажува од рускиот гас“.
Она што е типично за овој тип дезинформации, е дека освен насловот, во содржината на информацијата, воопшто не станува збор за Македонија, туку за Бугарија и за нејзината ситуација во која ќе се најде ако биде прекинат гасот од Русија и за реакцијата за претседателот на Србија, Александар Вучиќ во врска со ова прашање, кој посочува дека прекинот на гасот за Бугарија не го попречува транзитот на гасот за другите земји кои имаат договор со Гаспром.
И една национална телевизија си презеде улога да дезинформира со полуточни или нецелосни информации. Во видеоприлогот на нивниот портал, објавен со наслов „Русија ги запира вентилите со гас за Бугарија, Македонија засега има гас, но прашање е до кога“ во прв план е ставена информацијата дека гасот за Бугарија е запрен, а во втор план суштинскиот факт дека сѐ додека Руската Федерација не донесе одлука за прекин на испорака на природен гас за Македонија, тој во континуитет и редовно ќе се испорачува во земјата, бидејќи гасоводите се само канали за проток за договорените количини за земјите што имаат договор со Гаспром, или кој билој друг добавувач од Русија.
Како бекграунд, кога станува збор за дезинформациите како алатки на пропагандата во Северна Македонија, треба да се има предвид студијата на Европскиот парламент објавена во 2021 година, „Mapping Fake News and Disinformation in the Western Balkans and Identifying Ways to Effectively Counter Them“. Во неа е изведен заклучок дека „иако говорот на омраза и дезинформациите се земаат во контекст на надворешните закани за функционирањето на владеењето и демократијата, оваа студија покажува дека странските актери не се најистакнатите виновници, туку дека има и домашни“.
За дезинформациите во тој контекст треба да се гледа и на укажувањето на Митко Андреевски во неговиот текст „Украинската криза и рускиот гас како оружје за политички цели“, во списанието „Предизвици“ од јуни 2022 година, што го издава Фондацијата Фридрих Еберт, во која тој наведува дека и покрај исклучителните поволности кои произлегуваат од проектот „Александрополис“ за С. Македонија за диверзификација на изворите за снабдување со гас „тој е ‘бомбардиран’ со лажни вести, погрешни бројки и проценти, неточни проекции за цената на гасот, невистини дека проектот не е заснован врз физибилити студија, дека е прескап, итн“.
Во услови на вистинска и сурова војна на тлото на Европа, „бомбите“ од лажни вести се со познати мотиви, од одредени кругови во нашето општество, пишува Андреевски во неговиот текст во списанието „Предизвици“.
На тоа дека С. Македонија и во оваа војна со енергенси е континуирана мета на исклучително сериозни хибридни закани од Русија кои вклучуваат политичка пропаганда и кампања на дезинформации, укажува и претседателот Пендаровски.
Во интервју за грчкиот весник „Етнос“ Пендаровски вели дека кампањата со дезинформации е комплексна и со ист интензитет како во 2018 година, за време на референдумот по Договорот од Преспа.
Кревките точки во регионот и се добро познати на Москва и таа секако се обидува да пенетрира, потенцира претседателот на С. Македонија, Стево Пендаровски за грчкиот весник „Етнос“.
Ситуацијата во којашто се најде С. Македонија, од злоупотребата на руските потенцијали со енергенси како оружје во политиката и војната во Украина, засилена со дезинформации, отвори дополнителни суштински прашања за стратегијата на нашата земја во однос на сопствената енергетска независност како единствена исправна перспектива, како и во однос на креирање на автентична стратегија и план за борба против кампањите со дезинформации.
Без разлика дали овие кампањи доаѓаат од Русија, од други земји во светот, па и од домашни генератори на дезинформации, никогаш не смее да се заборави дека станува збор, пред сè, за антидемократски и дестабилизарачки дејствија.
Пишува: Зоран Бојаровски