Русија не соработува со македонските истражни органи за изградбата на рускиот гасовод од 33 милиони евра

Published on:

За предметот „Подарок“ сè уште се чека меѓународна правна помош од Руската федерација од каде треба да биде доставен доказниот материјал за изградбата на рускиот гасовод. Русија ниту еднаш нема одговорено на барањата на Јавното обвинителство, со што овој предмет што го отвори поранешното СЈО, веќе четири години е заглавено во ќорсокак. За случајот „тежок“ 33 милиони евра осомничени се поранешните министри Зоран Ставрески и Миле Јанакиески и ексдиректорот на МЕР АД Скопје, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Предметот со кодно име „Подарок“, за кој постојат сериозни индиции дека македонскиот буџет бил оштетен за 33 милиони евра, а на сметка на тоа била „почестена“ Русија, најверојатно ќе заврши во ќорсокак. Руската Федерација, како што информираа за Вистиномер од Јавното обвинителство, воопшто не соработува со македонските истражни органи, па, така, предметот останува во истражна постапка. Дали воопшто ќе може да биде поднесено обвинение против ексминистерот за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот директор на „Македонски енергетски ресурси” Крсте Миладинов, без соработката од руска страна, останува отворено.

Истрагата за овој предмет беше отворена во 2018 година од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Ставрески, Јанакиески и Миладинов се сомничат дека за руска фирма од Москва прибавиле имотна корист од речиси 33 милиони евра, откако склучиле спогодба за изградба на гасовод, со која би се регулирал рускиот долг од некогашниот СССР кон поранешната СФРЈ во делот на обврските кон С. Македонија. Во случајов, станува збор за една од највисоките суми за кои СЈО утврдило дека е оштетен буџетот, дури 33 милиони евра. Кога СЈО престана да функционира, предметот заврши во Јавното обвинителство, а го води Гаврил Бубевски, сегашен шеф на скопското јавно обвинителство, а поранешен обвинител во СЈО. Ова фактички значи дека предметот е во истрага точно четири години, од кои три години стои во Јавното обвинителство.

Во предметот „Подарок“ е побарана меѓународна правна помош од Руската Федерација од каде треба да биде доставен побараниот доказен материјал. Со оглед на тамошната состојба, обвинителството сè уште го очекува постапувањето по доставеното барање, изјавија за Вистиномер од обвинителството.

Но, воената инвазија на Русија врз Украина започна во февруари годинава, а за доставување на документите од страна на руските истражни органи се чека многу подолго од тоа. Или, попрецизно, три и пол години подолго.

Законски рок до кога треба да заврши истрагата нема, а и делата за кои се товарат лицата нема да застарат во скоро време, но, сепак, во случајов постојат две пречки – несоработката на Русија и фактот што како доказен материјал во случајов не можат да се земат таканаречените „бомби“, односно снимените аудио материјали, со оглед на тоа што за истрагите отворени по 2017 година, „бомбите“ важат само како индиции, а не можат да се користат како докази на суд. Ако на сето ова се додаде и фактот дека Јавното обвинителство нема преземено многу дејствија по овој предмет (на распит досега бил повикан единствено Миладинов, а во еден наврат во финансиската полиција беше забележан и Ставрески, но не се знае дали за овој случај), може да се забележи дека овој предмет уште долго време ќе биде затворен во фиоките на обвинителството.

За него, според нашите информации од Јавното обвинителство, има само една аудио снимка меѓу Ставрески и Јанакиески, каде што тие договораат детали за договорот, но ниту таа не може да се искористи како доказ, туку само како индиција за сторено кривично дело.

Скап подарок доби Русија од Македонија

Според она што го соопшти СЈО од истрагата, Ставрески и Јанакиески биле овластени претставници за спроведување на меѓувладината спогодба, склучена на 19 јуни 2010 година во Санкт Петерсбург меѓу двете влади, руската и македонската. Со спогодбата се регулирал рускиот долг во износ од 60.560.242 американски долари, кој требало да се затвори преку испорака на стоки, услуги и извршување на работи. Во преговорите, Ставрески и Јанакиески договориле таа сума да се затвори со изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – Блок станица 5″ за вкупна сума од 75.700.303 американски долари или 55.647.292 евра, при што Русија требало да учествува со 80 отсто, а Македонија со 20 отсто.

Претходно, по нарачка на Министерството за транспорт и врски била изготвена Физибилити студија за изградба на гасоводна делница Клечовце – Штип, која била подолга за речиси 36 километри во однос на претходно споменатиот договор за делницата „Клечовце – Блок станица 5″.

Согласно студијата цената на чинење на изградба на делницата би била помеѓу 30 и 35 милиони евра, така што осомничените Ставрески и Јанакиески биле  свесни дека реалната цена е многу пониска од онаа договорена со руската страна. Сепак, и покрај тоа Ставрески и Јанакиески целокупниот руски долг го затвориле со обезбедување на услуга – изградба на гасовод, во изведба на компанијата од Москва ОАД Стројтрансгас. Така, на затворена владина седница, со присуство на осомничените министри, Владата донела заклучок да се прифати понудата на руската компанија и да се потпише конечен договор. Потоа, Собранието на РМ го прифатило владиниот предлог и во скратена постапка донело закон за изградба на гасоводот, при што од пратениците биле сокриени фактите од Физибилити студијата, според кои, реалната цена на чинење е далеку пониска, или, само 378.626 евра (за еден километар гасовод).

Според СЈО, осомничениот Крсте Миладинов, како директор на „Македонски енергетски ресурси” ја прифатил нереално високата цена на услугата од Договорот, иако бил запознат со Физибилити студијата, оттаму и со реалната цена на чинењето на изградбата на гасоводот, па на 9 јули 2014 во Скопје го склучил договорот со руската компанија, со што, според СЈО, ѝ била овозможена противправна имотна корист од 32.664.672 евра, за колку што е, впрочем, оштетен и буџетот на С. Македонија.

Со една реченица, Македонија фактички со свои средства си го платила гасоводот, бидејќи учествувала со 20 отсто во договорот, што отприлика е целокупната (реалната ) сума на чинење, а долгот на Русија спрема Македонија, фактички останал „подарок” за Русија, изјавија од СЈО во 2018 година.

Дипломатските односи, според МНР, меѓу С. Македонија и Руската Федерација се воспоставени на 31 јануари 1994 година. На веб-страницата на македонското Министерство за надворешни работи јасно се наведени сите области кои С. Македонија и Русија имаат склучено договори предмет на ратификација. Во спогодбите не се споменува соработка во однос на делот на истраги при сомнежи за сторени кривични дела.

Извори од Јавното обвинителство за Вистиномер сведочат дека досега во неколку наврати македонските истражни органи имале потреба од соработка со Руската федерација во однос на одредени истраги, но речиси никогаш не наишле на позитивен одговор.

Многу прашања, малку одговори

На веб-страницата на Министерството за финансии, сè уште стои обраќањето на тогашниот министер Ставрески од февруари 2012 година, кога тој се пофали дека се разгледува проектот за гасификација, се определуваат приоритети во патната инфраструктура и се преструктуира проектот за концесија на Коридорот 8.

Во однос на гасификацијата, Економскиот совет донесе одлука дека Република Македонија треба да го реализира како приоритетен правецот од Клечовце преку Штип до ТЕЦ Неготино со средствата кои се обезбедени од Клириншкиот долг, односно од средствата кои Русија и ги должи на Македонија. Намерата е со првиот крак што ќе се изгради од гасоводот да опфатиме околу 96 километри должина на делница која е стратешки значајна за да се донесе гас до централното подрачје на Македонија, да се донесе енергенс кој е еколошки чист и на тој начин да се создадат услови за трансформација на ТЕЦ Неготино од мазут, како што сега работи, на гас, изјави тогаш по седницата вицепремиерот и министер за финасии Ставрески.

Тој тогаш спомена дека веќе има конкретна понуда од руска компанија, која од страна на Владата на Руската Федерација е определена за партнер на Македонија во реализацијата на овој проект, што значи дека веќе е завршена фазата на технички разговори, каде ќе минува трасата и колку ќе чини.

Додека во Собранието се гласаше Законот за реализација на инфраструктурен проект за изградба на магистрален гасовод, делница „Клечовце – блок станица 5, за пратениците од СДСМ нејасни беа неколку прашања.

Зошто со парите од затворањето на клириншкиот долг проектот ќе се реализира само до Штип, а планот бил гасоводот да стигне до Кавадарци. Обврска на Македонија е да учествува со 15 милиони долари. Од каде ќе се платат и дали е тоа конечната цена?, праша тогашниот пратеник Јани Макрадули, но не доби конкретен одговор. 

Инаку, фирмата со која директоруваше третоосомничениот Крте Миландов, Македонски енергетски ресурси, веднаш по формирањето во 2010 година ја следеа контроверзи. Имено, од 2011 година до крајот на 2014 година ова акционерско друштво имаше акумулирана загуба која достигна речиси 90 отсто од нејзината акционерска главнина.

„Македонски енергетски ресурси“ или попозната како МЕР, државно акционерско друштво регистрирано за „цевоводен транспорт“ за три години има акумулирана загуба од 25,6 милиони денари што претставува речиси 87 отсто од акционерската главнина на друштвото која изнесува 29,44 милиони денари. И покрај тоа што МЕР во три години работење нема никакви приходи од продажба редовно дели плати и во периодот од 2011 година до 2014 година бројот на вработени го зголемила од 7 на 11 лица! Можеби ова државно акционерско друштво е единствена фирма во земјава која нема никакви приходи од нејзиното основање досега, но во континуитет го зголемува бројот на вработени, како што покажуваат достапните податоци на МЕР од ревидираните финансиски извештаи објавени на интернет страницата на Македонската берза за хартии од вредност, пишуваше Фактор во 2015 година. 

Понатаму, се пишуваше и дека иако било најавувано оти фирмата ќе биде македонски партнер на руската компанија во транснационален гасовод што треба да поминува низ Македонија, има основна дејност цевководен транспорт, таа, сепак, нема лиценца за каква и да е дејност поврзана со гас што треба да ја издаде Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), единствена овластена инстанца за издавање енергетски дозволи.

Сега, фирмата е преименувана во Национални енергетски ресурси, а на нивната веб-страна како еден од  успешните проекти е наведена изградбата на магистралниот гасовод Клечовце – Блок станица 5, каде што пишува дека согласно спогодбата на македонската и руската влада, по пресметките сврзани со стоковната размена меѓу поранешниот СССР и поранешната СФРЈ, во првиот квартал на 2015 година започнала изградбата на делницата, а завршила во јуни 2016.

Овој проект можеби се карактеризира како успешен, но, сепак, најјасен приказ за тоа би имало доколку се спроведе соодветна истрага, а за тоа е потребна и соработка со руската страна, бидејќи станува збор за една од највисоките суми за кои поранешното Специјално јавно обвинителство утврди дека е оштетен буџетот – 33 милиони евра.

Дека станува збор за предмет кој се соочува со сериозни „кочници“, говори и фактот што истиот ден кога беше обелоденета истрагата за случајот „Подарок“ од страна на СЈО, беа обеледонети уште неколку други истраги. Сите тие, освен предметот „Пропаганда“ кој сè уште е во истрага, според податоците што ни ги достави обвинителството, имаат некаков епилог.

Па така, на 30.06.2021 година беше поднесен обвинителен акт против четири лица обвинети во предметот „Дизајн“. Предметот е во судска постапка за еден обвинет, откако останатите тројца по признание на вина се осудени со алтернативни казни – условни осуди. За предметот „Хармонија“ (каде еден од осомничените беше Стевче Јакимовски, актуелен градоначалник во Карпош), а вкупно беа осомничени три лица, во 2020 година е донесена Наредба за запирање на истражната постапка, бидејќи делата што им се ставаат на товар на осомничените не се кривични дела што се гонат по службена должност.​ Со Решение на Советот за оценка на обвинителен акт од 14.10.2022 година е одобрен Обвинителниот акт за предметот познат во јавноста под името „Пациент“ со кој се опфатени 14 лица обвинети дека сториле повеќе кривични дела (истрагата беше запрена единствено за тогашниот министер за здравство, а актуелен министер за надворешни работи, Бујар Османи).

Единствено, предметот „Пропаганда“ каде се опфатени девет осомничени лица сторители на повеќе кривични дела е во истражна постапка, исто како и случајот „Подарок“. Од обвинителството велат дека во текот на досегашното постапување е прибран обемен доказен материјал што е предмет на вештачење, а по добивање и анализа на наодите од вештачењето, јавниот обвинител ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката.

Related