Не е точно дека три американски фирми купиле огромно земјоделско земјиште во Украина

Published on:

Украинското законодавство забранува продажба на земјоделско земјиште на странци и компании во странска сопственост. Ова ограничување може да се укине, меѓутоа претходно мора да има референдум, а референдум за оваа цел во Украина не беше одржан. Така што, не е вистина дека три големи американски мултинационални компании купиле над 17 милиони хектари украинско земјоделско земјиште. Следствено и дилемата што се наметнува во постот што го рецензираме ,,дали ова е причината за војната во Украина”, каде авторот алудира на непостоечката продажба на земјоделско земјиште на американски фирми – е неиздржана и неоснована, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели дека три големи американски мултинационални компании купиле над 17 милиони хектари украинско земјоделско земјиште, што според споредбата изнесена во постот, три американски компании презеле  повеќе корисно земјоделско земјиште во Украина, отколку што има во цела Италија, бидејќи во Италија имало само 16.7 милиони хектари земјоделско земјиште.

„Дали е ова исто причина за војната во Украина!? Австралиското издание „National Review“ пишува дека три големи американски мултинационални компании купиле над 17 милиони хектари украинско земјоделско земјиште“, пишува во постот.
Според постот што го рецензираме, фирмите што наводно го купиле ова земјоделско земјиште се „Каргил“, „Дипон“ и „Монсанто“.
Во постот се вели дека Украина ставила крај на 20 годишниот мораториум на продажба на земјоделско земјиште во 2021 година надевајќи се дека ќе ја ослободи продуктивноста и инвестициите во земјоделскиот сектор. Според објавата, пазарот на земјиште се отворил како услов за добивање кредит од Меѓународниот монетарен фонд.
„Позната како најголемата житница во Европа, Украина беше еден од најголемите светски земјоделски производители и извозници. По независноста во 1991 година, владата им подели земјоделско земјиште на малите земјоделци. Сепак, земјоделците можеа да го користат земјиштето само приватно или да го дадат под закуп на агробизнисот. Граѓаните на Украина можат да купат максимслно до 100 хектари, додека агробизнисите можат да учествуваат на аукции за купување дури до 10.000 хектари“, се вели во постот.

Меѓутоа, не е вистина што е објавено на сајтот „Australian National Review”, а што е пренесено во постот што го рецензираме, поточно наводите дека американските компании купиле речиси третина од обработливото земјиште во Украина.

На 27 јули, веста за продажбата на украинското земјиште на американски фирми се појави во многу странски проруски медиуми, меѓу кои: Газета.ру, ЊузФронт, Вести.ру, Аргументи Недели, Нешнал Телевижн и други.

Според украинскиот сервис за проверка на факти Стоп Фејк, најраниот извор на спорните и невистинити тврдења е „Аустралијан Нашнал Ривју“ на 27 мај годинава.

Меѓутоа, „Аустрелијан Нашнал Ривју“ не ги споменува американските фирми наведени во постот кој го рецензираме.

Дополнително на дното од текстот има корекција која гласи дека 17 милиони хектари се грешка, и дека се работи за 1.7 милиони хектари.

Во текстот на „Аустралијан Нашнал Ривју“ се споменува текст од францускиот портал Ритмо.орг, но во линкуваниот текст кој е објавен на тој портал на 12 ноември 2021 година, нема информации дека Украина го продала своето земјиште на американски меѓународни компании.

Во постот што го рецензирме се тврди дека трите големи фирми „Каргил“, „Дипон“ и „Монсанто“ купиле 17 од 62 милони хектари украинско земјоделско земјиште. Исто така, се напоменува дека ова е третина од вкупното украинско земјоделско земјиште погодно за обработка.

Текстот е дезинформација. Самата идеја да се продава украинско земјиште на меѓународни корпорации корпорации е спротивна на украинското законодавство, пишува Стоп Фејк, украински сервис за проверка на факти.

Имено, пазарот на земјоделско земјиште во Украина започнал да функционира на 1 јули 2021 година, но со низа ограничувања. После повеќе од 20 години мораториум за продажба на земјоделско земјиште, украинските сопственици на земјиште на 1 јули 2021 година повторно добија право слободно да располагаат со својот имот и ако сакаат да го продадат.

Но, главното законско ограничување е забрана за продажба на земјоделското земјиште на странците и компаниите во странска сопственост.

Ова ограничување може да биде укинато, но после референдум кој би го покренал прашањето да се дозволи продажба на земјиштето на странци. Во Украина досега таков референдум никогаш не се одржал. Друго ограничување е што граѓаните на Украина може да купат до 100 хектари, а правните лица до 10 илјади хектари земја.

Според базата на податоци за следење на земјиштето Ленд Метрикс, ниедна од фирмите споменати во постот кој го рецензираме не склучила договори врзани за земјиште во Украина од 2019 година, наведува Фул Фект, иако имаат инвестирано во бизниси во Украина поврзани со агрикултура.

Фирмата „Монсанто“ која е спомената во постот што го рецензираме, не постои веќе како независна компанија бидејќи беше купена од германската хемиска компанија „Бајер“ во 2018 година.

Фулфект ги контактирале Каргил Бајер и Дупонт за да ги прашаат дали добиле земјиште во Украина откако претседателот Володимир Зеленски стапил на функцијата во 2019 година. Портпаролот на Дупонт за постот рекол дека е неточен и невистинит, а портпаролот на Дупонт појаснил дека оваа фирма не купила никакво земјиште во Украина. Портпаролот на „Бајер“ за Фулфект рекол дека компанијата нема никакво земјиште во Украина.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина дека три големи американски мултинационални компании купиле над 17 милиони хектари украинско земјоделско земјиште. Следствено и дилемата што се наметнува во постот што го рецензираме ,,дали ова е причината за војната во Украина”, каде авторот алудира на непостоечката продажба на земјоделско земјиште на американски фирми – е неиздржана и неоснована.

Related