Крајно неодговорно е под маската на „хуманитарната грижа за Украинецот“, да се „продава“ замаскиран руски став дека Украина нема право на самоодбрана. Токму ова е политичкиот став на Левица, кој е, всушност, спин, зашто не само што се одзема правото на самоодбрана, со што се загрозуваат низа други човекови права, туку е премногу сличен на ставот на Москва за условите за крај на војната предизвикана од нивната „специјална воена операција“, пишува Вистиномер.мк.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Левица ја комуницираше јавноста со став за донацијата на РСМ на дел од тенковите Т-72 на Украина, при што во дел од ставот се препознава спин:
Спин: Министерството за Одбрана ја потврди информација дека сликите и видео снимките на кои се гледа дека 10тина Т-72 тенкови се испраќаат за Украина. Тенковите кои се испратени се дел од ограничениот корпус на тенкови на АРМ кој брои само 30тина тенкови. Ова доаѓа по серија претходни донации на воена опрема од и онака ограничениот арсенал на АРМ….
…Од хуманитарен аспект ваквите пратки само ќе ја продолжат агонијата на обичниот украинец, без да го сменат крајниот исход на специјалната воена операција.
[Извор: Левица – соопштение/веб – датум: 29.07.2022]
Контраспин: Парламентарната политичка партија Левица изрази свој политички став во јавноста околу донацијата на РСМ од непознат број тенкови (најмалку 10) за Украина, при што во дел од соопштението се препознава извртена вистина, т.е. спин, којшто е вешто замаскиран зад синтагмата „хуманитерен аспект“.
Левица во соопштението наведува четири причини зошто смета дека донацијата на тенковите Т-72 б, дел од единствениот тенковски баталјон на Армијата (АРМ) е погрешен чекор, а во претпоследното образложение се наведува дека „ваквите пратки само ќе ја продолжат агонијата на обичниот украинец без да го сменат крајниот исход на специјалната воена операција“. Со други зборови, не им праќајте оружје луѓето, повеќе ќе страдаат.
Дури и од етичко – црковен и логички аспект гледано, ваквиот морализаторски став е дубиозен и невистинит. Таквиот став во превод би значел – кој тебе со камења, ти него со љубов, што е блиску до христијанското учење за „другиот образ“, кој ако го погледнеме од аспект на принципелно почитување на самата црква, е дерогиран до максимални граници. Зашто, од најголемата православна црква во светот – Руската, не само што не се почитува богољубието преку непочитување на љубовта меѓу луѓето и не правење зло на другиот, туку со отворена поддршка на војската и нејзините акции во Украина, се поттикнуваат и убивањето и војната.
Но, гледано и според темелните права на човекот, ваквиот став на Левица е во колизија и значи нивно нарушување и затоа е извртување на вистината. Зашто, непраќањето оружје би значело немање средства за самоодбрана, што би довело до покорување на агресорот кој навлегол во туѓа земја и туѓа територија со воена сила и моќ, што е во спротивност со меѓународното право. А во реалноста каква што е денеска во Украина, тоа би значело во практика загрозени низа права на луѓето, пред се на на живот, слобода и сигурност (член 3 од Универзалната декларација за правата на човекот на ООН), потоа правото да не се биде роб или потчинет (член 4 од декларацијата), загрозено е правото да не се биде подложен на тортура или на суров, нехуман и понижувачки третман (член 5 од декларацијата), загрозена е и слободата на движење (член 13 од декларацијата), и т.н.
Но, уште поважно, ваквиот политички став на Левица премногу коинцидира со ставот на официјална Москва за перспективите за запирање, односно крај на војната во Украина. Повеќе такви изјави се забележани од март до денес, а тука само ќе ја подвлечеме последната на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров, кој пред еден месец при посетата на Туркменистан изјави:
Колку повеќе оружје Западот ѝ испраќа на Украина, толку подолго ќе трае конфликтот.
Упростено и преведено, ова премногу коинцидира на ставот на Левица и нејзината грижа за обичниот Украинец (во соопштението е напишано со мала буква) или со други зборови, да не испраќаме оружје како донација со цел Украинците да имаат средства за својата самоодбрана, за да заврши нивното патење (со тоа што ќе се согласат да бидат ограничени во своите права, од правото на движење, до правото на живот).
Другите аргументи на Левица се логички и се податни за јавна дебата – од тоа дали Владата и Министерството за одбрана ја ослабуваат одбранбената позиција на Македонија, дали со тоа се загрозува енергетската снабденост на земјата поради примена на руски санкции, дали се поттикнува црниот пазар на оружје, и.тн. Тука, секој одговорен чинител би имал што да каже за „тенковите од третата генерација“ како што вели МО (демек застарени), но и да се погледнат реалните аспекти и примери од самото боиште во Украина, каде што се гледа дека со современо антитенковско оружје од типот на американските и британските лесни антитенковски системи, овој тип на тенкови, баш истите, па дури и понапредни Т-84, се лесна мета за уништување, што во економски сооднос на цена на чинење (главен борбен тенк наспроти лесен анти-тенковски систем), е неспоредливо во полза на мислењето дека за потребите на одбранбениот простор во земјата поефикасно би било ова второто.
Кога ги споменуваме темелните права, се разбира дека го имаме предвид и член 19 од Универзалната декларација за правата на човекот на ООН, за правото на секој поединец да има мислење и јавно да го изрази тоа мислење, вклучувајќи го и правото на медиумите на истото, без вмешување и да се даваат и примаат информации без оглед на границите.
Но, токму ова право носи и одговорност со себе за искажаното мислење. Оттаму, крајно неодговорно е под маската на хуманитарната грижа за Украинецот, „да се продава“ замаскиран руски став дека Украина нема право на самоодбрана и дека војната ќе заврши кога ќе капитулира официјален Киев.
Патем, при морализирањето на ова прашање, секако не е одвишен податокот дека тенковите Република Македонија во 2001 година ги набави и ги плати токму од Украина, кога, на пример, по сведочењето на главните актери од тоа време од државниот врв на земјава, Русија „не кревала ни телефон“ на барањата за набавка на оружје за потребите на АРМ од нивната земја.
Пишува: Теофил Блажевски