Ширење на бранот од лаги – воена инвазија и инвазија од дезинформации

Published on:

„Вистиномер“ пишува за состoјбата со дезинформациите во Северна Македонија во двете недели пред и по почетокот на руската инвазија врз Украина. Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во текот на февруари, во периодот пред инвазијата на Русија врз Украина, кај редица медиуми во Северна Македонија преовладуваше збунетост за тоа колку сериозно треба да се земаат најавите за агресија на Руската Федерација врз својот југозападен сосед. Оние медиуми кои веќе имаа претходно изградени ставови во однос на НАТО и Русија, известуваа според претходно зацртаните уредувачки политики. Арно ама, кај не мал број медиуми, од начинот на покривањето на настаните се забележуваше дека владее збунетост за тоа како да се третираат спротивставените информации од двете страни, дека на некои им недостига уредувачка политика, а сето тоа како резултат на незнаењето колку сериозно треба да се земат предвид најавите и предвидувањата на западните разузнавачи и политичари за евентуалната инвазија на Русија врз Украина.

Вестите за надоаѓачката инвазија беа пренесувани од страна на медиумите, но, исто толку беа пренесувани и негирањата на руската страна. Ваквиот тренд траеше сѐ до почетокот на инвазијата. Сепак, анти-НАТО и проруските сили во земјата, веднаш штом почнаа да се шират информации за натрупувањето на руски трупи на границите со Украина, побрзаа да повикаат С. Македонија да се држи настрана од евентуалниот иден судир, повикувајќи македонски војници да не учествуваат во евентуалната идна војна, иако тоа никој не го побара од земјата, ниту, пак, од нејзините оружени сили. Но, со ширењето на ваквите ставови, овие сили го напаѓаа и критикуваа неодамнешното зачленување на С. Македонија во НАТО, доведувајќи ги во прашање придобивките од него.

ДЕЗИНФОРМАЦИСКИ НАРАТИВИ СО АМБАСАДОРСКИ ТОН

Најгласен и најактивен поддржувач на политиките на Кремљ во земјата, кој во периодот непосредно пред и после инвазијата врз Украина ги ширеше руските наративи, базирани врз недвозмислени дезинформации, беше рускиот амбасадор во С, Македонија, Сергеј Баздникин. За разлика од поблиското минато, пред сѐ, во текот на минатата деценија, кога Кремљ во земјава користеше дезинформациски мрежи и ресурси, а кои, пак, ги градеше уште од анексијата врз Крим во 2014 година, овојпат беше решено на ваквите дезинформациски наративи да им се даде амбасадорски тон, односно да се капитализира врз претходните напори за ширење на дезинформации, да се засили нивното влијание со тоа што би им се дала официјална поткрепа и би се покажало дека зад таквите наративи недвосмислено стои и Кремљ.

Неговите обраќања беа централни дезинформациски точки и квази-аргументацијата, која беше содржана во нив, потоа беше користена од симпатизерите на Кремљ и Путин на социјалните мрежи. Во Фејсбук видеото, стратешки објавено само еден ден пред почетокот на инвазијата, Баздникин упорно повторува како Русија „нема агресивни намери кон ниту една друга држава“, додавајќи: „Никому не се закануваме. Нашиот приоритет не е конфронтација, туку обезбедување безбедност и услови за спокоен, просперитетен развој на земјата во мирни услови.“ Само 24 часа подоцна се случи инвазијата врз Украина, со што изјавата на Баздникин се претвори во најобичен спин.

Во својата колумна, пак, во весникот „Нова Македонија,“ со која руската амбасада и другите руски интереси во земјава редовно ги пласираат своите пораки, Баздникин, овојпат два дена по почетокот на инвазијата, говори сосема поинаку, обидувајќи се вината за инвазијата да ја префрли врз НАТО сојузниците, пред сѐ, САД и Украина, истакнувајќи дека Украина „стана заложник на желбата на САД да ја задржи улогата на хегемон во меѓународните односи по секоја цена и ги употребува киевските власти како алатка за вовлекување на Русија во војна, нејзина изолација и елиминација како една од водечките држави во светот.“ Ништо од ова не е вистина, се разбира, едноставно имајќи го предвид фактот што САД и Украина не извршија инвазија врз никого, за разлика од Русија. Но, на социјалните мрежи ваквите извртени наративи, во кои жртвата се претставува како агресор, а агресорот како жртва, беа користени за да се креира сосема поинаква слика за настаните во Украина.

НЕТОЧНИ ИНФОРМАЦИИ

Извртените наративи, заедно со збунетоста кај медиумите, но и свесното ширење на гледиштата на Кремљ, доведуваа до најразлични дезинформации и неточни информации. На пример, Стевче Јакимовски, лидер на парламентарната партија ГРОМ и градоначалник на една од најголемите општини во земјата, во ТВ интервју реши да го исмејува украинскиот претседател Зеленски со зборовите: „Кога ќе си изберете претседател комичар, едно сабајле ќе си доручкувате гранати. Наместо да седнат да преговараат, да најдат решение, да најдат начин да ја смират ситуацијата, тие ѕвечкаат со оружје…“ Повторно гледаме ситуација на фрлање вина врз жртвата, додека истовремено се шират и дезинформации и се избегнува да се каже дека Зеленски е, всушност, дипломиран економист, покрај неговата актерска кариера.

Понтаму, за поранешниот премиер, Никола Груевски, кој се крие во Унгарија под заштита на унгарскиот лидер, Виктор Орбан, беше објавено дека има покана да замине за Русија и тоа лично од Путин, тврдење кое Груевски го негираше за „Вистиномер“ преку Фејсбук. Исто така, на првиот лидер на ВМРО-ДПМНЕ и, исто така, поранешен премиер, Љубчо Георгиевски, му беше подметната изјава дека „македонските трупи во Украина мора да извршат силен притисок на Русија“, која тој ја демантираше за „Вистиномер“, додавајќи дека со недели не дал никаква изјава за состојбата во и околу Украина. Да не говориме за фактот што во Украина воопшто нема никакви македонски трупи. Овие дезинформации се резултат и на свесно ширење на про-Кремљ пропаганда, но и се дел од „маглата на војната“, односно првичната збунетост околу третманот и толкувањето на информациите во периодот пред и во првата недела од инвазијата

Ваквото милје, полно со многу нејаснотии околу инвазијата, продолжи дури и по излагањето на рускиот претседател Владимир Путин, чиј говор, на денот на инвазијата беше нашироко пренесуван, заедно со сите невистини, манипулации и спинови, но со многу мало ниво на критички осврти, поставување на неговите тврдења во вистински контекст, како и без некои позначајни напори за разбивање на неговите спинови. Напротив, говорот на Путин беше искористен за дополнителни манипулации, при што беа измислувани и додавани работи кои тој ги немаше кажано. За разлика од медиумите во С. Македонија, светските медиуми веднаш ги дебанкираа дезинформациите содржани во излагањето на рускиот претседател.

„Маглата на војната“ беше искористена да се прошират неточни информации дека, ете, на пример, Турција, која иако е членка на НАТО,  има неутрален став кон инвазијата, па таков став може да си дозволи и С. Македонија, дезинформација искажана од Јанко Бачев, лидерот на малата про-руска партија во земјата – Единствена Македонија, чие име е слично име со она на партијата на Путин која се вика Единствена Русија.

И покрај сè, руската инвазија врз Украина претставуваше главна тема во македонските медиуми, за и околу неа постојано се објавуваа бројни вести. Тие во најголем дел беа информативни, ги следеа настаните, како и последиците од инвазијата, човечките жртви, бегалската криза, се пренесуваа изјави од надлежните владини министри, но и изјави од релевантни лица во однос на последиците кои оваа војна би ги оставила врз С. Македонија и во регионот, особено по воведувањето санкции кон Русија.

Реториката на дел медиуми, особено кај националните телевизии, во принцип беше неутрална, често и со детализирани прикази за руската инвазија, изјави од лицата кои ги напуштаат своите домови и сл. Но, сето ова, според примерите со кои располагаме, не придонесе доволно за граѓаните во С. Македонија да стекнат целосна слика за случувањата и да оформат мислење за една воена инвазија, којашто може да донесе долгорочни последици врз целиот свет.

Мејнстрим медиумите во С. Македонија во текот на месец февруари, се трудеа да ги опфатат сите аспекти на темата поврзани со почетоот на руската инвазија врз Украина, вклучително и сите изјави на украинскиот претседател Володимир Зеленски, говорите на Путин, како и да ги доловат случувањата на украинска територија.

СТАРИ СНИМКИ И ВИДЕА

Сепак, дел од медиумите потпаднаа под влијание на дезинформациите кои се ширеа и на глобално и на регионално ниво, особено во кога стануваше збор за користење стари снимки и видеа, па дури и клипови од филмови, за да прикажат дека се дел од руската инвазија. Па така, веб-порталот Курир објави видео на 25 февруари, во кое се тврди дека руски борбени авиони го надлетуваат Киев, а за кое подоцна се испостави дека е лажно поврзано со кризата во Украина и е дел од руско шоу со авиони од 2020 година.

Друг веб-сајт објави содржина со наслов, „Путин ги предупреди Пендаровски, Вучиќ и балканските лидери да не се мешаат? Ако НЕКОЈ ПОКУША ДА НИ ЗАСМЕТА ЌЕ ПРЕТРПИ ОГРОМНИ ПОСЛЕДИЦИ“, што, исто така, беше оценето како невистина од проверувачите на факти, кои регистрираа дека Путин воопшто не ги спомнува македонскиот и српскиот претседател во својот говор, ниту, пак, им се заканува дека двете држави ќе трпат последици. Дезинформации се ширеа и во однос на украинскиот претседател Зеленски, односно во дел македонски портали беше пренесено дека тој им дал наредба на војниците „да уништат сè што ќе им дојде на нишан“, што се утврди како неточно, бидејќи во реториката на Зеленски воопшто не може да се слушне такво нешто. Дезинформација се прошири и во однос на тоа дека Зеленски, еден ден по почетокот на инвазијата, се подготвува да бега во Лондон, што, повторно се покажа како невистина по проверката на фактите, а што и самиот тој го потврди преку своите видео блогови снимени во центарот на Киев.

Македонските портали на 24 февруари објавија написи со наслов дека илјадници руски војници се спуштаат со падобранци кај Хараков, притоа објавувајќи видео кое беше споделувано на социјалните мрежи. Од проверката на факти се испостави дека станува збор за видео старо најмалку 8 до 10 години. Во други медиумски написи се споделуваше видео од тоа дека небото над Украина е буквално исполнето со руски авиони кои летаат на сите страни, нешто за што подоцна се испостави дека е всушност 3Д анимација.

Дел од македонските медиуми, а особено веб-порталите, често знаат овие грешки да ги направат од незнаење и од потрага по кликови, без прецизно да го проверат она што го објавуваат. Меѓутоа, одредени медиуми ова го прават тенденциозно со намера ширење на руското влијание, притоа ширејќи ги ваквите дезинформации и на социјалните мрежи. Користењето наративи од типот „зошто не се бунеа за американскиот напад врз Ирак, а сега се погодени од снимките од Украина“, но и обвинувања за сите оние што ги следат медиумите како CNN, BBC и слично, каде што, наводно, не е прикажана втората страна за случувањата, покажува дека во земјава постои подвоеност и впечатливо руско влијание, кое оди дотаму да ја оправдува војната. Па, така, пратеникот Борислав Крмов од партијата Левица, на својот профил на Фејсбук објави статус дента кога почна руската инвазија, при што го цитираше британскиот драмски писател и драматург, Вилијам Шекспир и во кој, меѓу другото, се велеше: „Нека има војна, велам јас“.

РУСКА ПРОПАГАНДА

Неколку веб-портали, од кои најголем дел имаат нејасно сопствеништво, беа некои од оние кои најмногу ја шират руската пропаганда. Таков е и веб-порталот МКД Пресс – (mkdpress.site), за кој нема објавено никакви податоци, кои согласно Регистарот на медиуми при Советот за етика во медиумите треба да ги содржи секој портал: да имаат наведено веродостоен импресум (уредник, редакција, контакт- податоци и адреса), да имаат регистрирано правно лице во земјата и транспарентно да ја декларираат сопственоста, објавените текстови да се потпишани од автор и сл. Горенаведениот медиум не е регистриран во С. Македонија, односно го нема доменот .mk, што значи дека неговата сопственост е непозната. Слично е и со веб-порталот Коловрт – Секогаш на страната на вистината (kolovrt.com), кој редовно објавува проруски вести, најчесто полни со дезинформации, а, исто така, не е регистриран во С. Македонија. Ако се погледнат вестите објавени на овие веб-портали, лесно може да се согледа дека тие содржат видно помалку вести во однос на последиците од инвазијата и актуелната состојба во Украина, како и загубите на човечки животи, отколку за рестрикциите врз Русија, текстови кои се насочени против НАТО, објави дека Македонија ќе трпи огромни последици, бидејќи застанува на страната на САД и ЕУ, споредување на инвазијата на Путин врз Украина со воени интервенции, воено присуство  и/или воена поддршка што САД ја даваат во граѓанските војни/конфликтите во Сирија, Либија, Јемен, признавањето на Косово и слично.

Јанко Бачев, лидерот на партијата Единствена Македонија, исто така, во континуитет се придржува кон овие наративи. Последно, тој на прес-конференција побара да биде протерана украинската амбасадорка, поради повикот за регрутирање борци. На својот профил на Фејсбук Бачев уште од почетокот алудираше на тоа дека С. Македонија треба да се држи настрана од случувањата, споделувајќи цитати од рускиот претседател Владимир Путин и неговата изјава: „Секој обид за мешање ќе доведе до последици што никогаш не сте ги виделе“. Во реномираниот неделник и веб-портал „Фокус“, Бачев беше цитиран, со насловот дека „ја оправдува руската интервенција, да држиме добри односи со Киев и Москва!

Ново движење, наречено „Родина“, кое се декларира како политичка партија е, исто така, активно на социјалните мрежи со над 12 илјади членови на Фејсбук и редовно емитува емисии, каде што мал број од неколкумина истомисленици, ротирајќи во панели за дискусија од по двајца или тројца, дебатираат во однос на руската инвазија во Украина. На веб-страницата на Родина децидно стои дека се залага за: „Не во НАТО, не во ЕУ. Соработка со меѓународни организации само врз принципите на рамноправност и почитување. Повлекување од воените мисии на НАТО и политика на мирољубивост“.

СУПТИЛНО ДЕЛЕЊЕ НА ВИНАТА

Дневниот весник „Нова Македонија“ речиси на дневна база објавува колумни за руската инвазија врз Украина, но, притоа, колумнистите во своите наративи ретко ја осудуваат инвазијата, туку суптилно, а неретко и директно вината се фрла врз двете страни подеднакво, а С. Македонија би била виновна ако на било кој начин ѝ помогне на Украина и се приклучи кон европските држави. Па, така, универзитетската професорка Билјана Ванковска во својата колумна, објавена на 28 февруари, ќе напише:

„Дали си за Тито или Сталин е заменето со дали си за НАТО/Украина или Путин. Таа лажна дилема во бинарниот ум (или-или) е вградена во темелите на моралниот колапс на човештвото. Тие не можат да сфатат дека човек мора да биде еднакво против двете завојувани страни. Особено кога сме на чекор до нуклеарен холокауст, а ЕУ се однесува како пироман, а не нобеловец за мир. Со дотурање оружје, Украина станува фактичко бојно поле на НАТО и Русија, да не се лажеме“.

Оттаму, информациите што се шират во дел од медиумите, а потоа со уште позасилена реторика се прошируваат на социјалните мрежи, каде што се далеку повирални и имаат многу поголемо влијание врз формирањето на мислењата, видно ги поделија ставовите меѓу граѓаните.

За тоа кои медиуми, политичари и колумнисти отворено застануваат зад инвазијата врз Украина е објаснето и погоре. Колку за пример, веб-порталот Оф.нет.мк, објавува дека „двајца возрасни и едно дете загинаа во руското бомбардирање на болницата, а најмалку седумнаесет други, меѓу кои и трудници се повредени“, за на крајот од текстот да напише дека „Русите инсистираат дека украински борци влегле во болницата и поставиле борбени позиции во нејзе“, со што се алудира дека одговорноста за овој напад не паѓа само врз Русија, со оглед на тоа што Украина поставила борбени позиции во болницата (за што нема и не се нудат  никакви докази).

На овој начин, а и преку објавувањето колумни, креирањето на нови Фејсбук страници и групи, како и профили на Твитер, медиумите кои се проруски наклонети вршат пропаганда, со тоа што на крајот или меѓу редови, се обидуваат да ја релативизираат руската инвазија, пренесувајќи ја одговорноста врз Украина. Па така, со ова се провлекува наративот дека Русија не се обидува да го уништи меѓународниот поредок, туку дека тоа го прават НАТО и Америка, понатаму дека „режимот на САД“ е тој што ги создава кризите, а преку компарации (војните што се случувале во минатото), се вршат обиди секој оној кој сочувствува со жртвите и бегалците од Украина да се чувствува лошо, бидејќи „не сочувствувал со жртвите и бегалците од останатите делови од светот, во минатото и сега“.

Многу малку време и внимание се посветува на тоа од кои причини се шират дезинформациите, но и зошто на социјалните мрежи се шири говор на омраза и негативна реторика во полза на Русија.

Related