Свесно или несвесно, одредени лица или медиуми на социјалните мрежи индиректно шират проруска пропаганда за актуелниот руско-украински конфликт. Со неприкажување на сите факти, јазикот на омраза кон Украина се шири со тврдења дека Украина во текот на годините 1998/99 година праќала платеници да го убиваат албанскиот народ на Косово, го поддржувала бомбардирањето на Албанците во Македонија во 2001 година и се спротивставува на независноста на Косово, пишува Порталб.мк.
Анализата подолу ја пренесуваме во целост:
Пренесувањето такви информации е еднострано и не ја претставува фактичката реалност, која на јавноста би и создала простор самата да процени што мисли за ситуацијата во Украина.
На социјалните мрежи, главно на Фејсбук, се споделуваа фотографија на која се гледа како воен авион бомбардира населена територија. Фотографијата е придружена со следниов опис:
„Вака Украина ги бомбардираше Албанците од Македонија во 2001 година, каде беа убиени многу трудници, мајки, деца, стари лица, а многу други останаа инвалиди“.
Само неколку часа по објавувањето, постот е споделен од десетици други профили и е коментиран од стотици други. Загрижува нивото на омраза што го предизвикуваат објавите со нецелосни информации направени од непознати лица, како и вадењето од контекст на фотографиите што се користат.
Со пребарување на изворот на фотографијата на Google Images излегува дека фотографијата користена во објавата што ја анализираме, е објавена од руските медиуми во текот на конфликтот во Македонија во 2001 година, но никаде не е наведено дека авионот прикажан на фотографијата е украински авион. Податоците од проверката на фактите покажуваат дека фотографијата е снимена над селото Ваксинце – Куманово, за време на оружениот конфликт во 2001 година.
Од самиот почеток на руската агресија во Украина, на 24 февруари, на социјалните мрежи и веб порталите на албански јазик нашироко се шири проруска пропаганда со еднострани факти. На Фејсбук и Инстаграм стотици пати се споделени фотографии на кои се наведени некои „факти“ кои имаат тенденција во јавноста да поттикнат омраза против Украина и украинскиот народ.
Договорот беше меѓу владите на Украина и Македонија
Точно е дека за време на оружениот конфликт во 2001 година Украина, заедно со Русија, беше еден од главните поддржувачи на македонската армија. За време на конфликтот во 2001 година, Украина ја презеде обуката на македонските пилоти во своите академии, ги поддржа воздухопловните сили и пружи помош за обука на македонската полиција и специјалните сили. Украина дури понуди помош за сервисирање на македонската воена опрема и доставила четири хеликоптери Ми-8 како и еден авион СУ-25. Под силен притисок на САД и НАТО, Украина се согласи да ја „суспендира“ испораката на вoено оружје за Македонија за време на мировната операција на НАТО.
Во пролетта 2001 година, македонската полиција, парламент и влада, во кои учествуваа македонските политички партии (ВМРО-ДПМНЕ и ЛДП) и албанската политичка партија (ДПА), презедоа вооружени мерки, вклучително и договори со Украина, која во тоа време беше проруска.
Украинскиот народ, кој сега е бомбардиран и како последица има илјадници жртви, не е одговорен за договорите што тогаш, пред повеќе од 20 години, ги направиле челниците на оваа земја. Не треба да има огорченост против цивилите кои масовно се раселуваат бегајќи од руската агресија.
Несолидаризирањето со нив, ги става оние што така размислуваат на страната на агресорот Владимир Путин.
За претседателот на Собранието, Талат Џафери, гласовите за тоа на која страна треба да се „престројат“ Албанците од Северна Македонија во војната меѓу Русија и Украина доаѓаат од проруски кругови и тоа не може да биде параметар за оценување на определбата на една држава.
„Проруските кругови сакаат да ја оправдаат поддршката што ја имаат, a во кризни ситуации државите се снабдуваат насекаде, но тоа сега не може да биде параметарот врз кој треба да ја правиме процената. Нашата ориентација е прозападна. Може да го земете од било кој агол историскиот контекст на руско-албанските односи, но тој нема поддршка“, рече, меѓу другото, Џафери во ClickPlus на ТВ21.
Албанските лидери во РСМ, Косово и Албанија ја осудуваат руската агресија
Северна Македонија официјално ја осуди руската агресија во Украина и стана дел од санкциите на ЕУ против Русија. Собранието на Косово, пак, дури усвои и Резолуција за осуда на руската агресија во Украина. Што се однесува до гласовите дека Украина одбива да ја признае независноста на Косово, украинските власти тврдат дека непризнавањето на Косово е само последица на паралелите што Русија ги повлекува меѓу Косово и Крим.
„Причината поради која Украина не го призна Косово, очигледно е поврзана со Русија, која јасно манипулира без никаква политичка или правна основа, наоѓајќи сличности меѓу илегалната анексија на Крим и борбата на Косоварите за нивната иднина. Но, во нашата позиција никогаш не сме блокирале ниту еден обид на Косово да се приклучи кон меѓународните организации. Ние дури играме и фудбалски натпревари со Косово, и тоа е еден знак, од наша страна, дека тоа не е нашиот посебен политички став, тоа е само начин да не дозволиме Русија дополнително да манипулира со ова прашање“, изјави поранешниот министер за надворешни работи на Украина, Павло Климкин, за време на една официјална посета на Тирана.
Во меѓувреме, пред неколку дена украинската пратеничка Ирина Фриз изјави дека е време Украина да ја признае државноста на Косово. Во објава на Фејсбук, Фриз нагласува дека во овие тешки моменти за нејзината земја, Косово застанува заедно со пријателите на Украина.
Под кои политички околности функционираше Украина во текот на 2001 година?
Има многу важни факти кои, при „трубењето“ дека Украина го поддржуваше „убивањето на Албанците“, не им се презентираат на читателите. Еден од примарните факти е проруската политика што ја водеа украинските лидери избрани и силно поддржани од руската влада во тој период. Во овие извештаи воопшто не се споменува суштинскиот елемент дека има драстична промена во украинската политика во 2001 година и сегашната.
За време на конфликтот во Македонија во 2001 година, претседател на Украина беше Леонид Данилович Кучма, чие раководење е познато по низа коруптивни афери, цензура на слободата на говорот и соработник на Русија.
Кучма го потпиша „Договорот за пријателство, соработка и партнерство“ со Русија и рускиот јазик го нарекуваше „официјален јазик“ на Украина. Објавувањето на неколку прислушувања од лидерот на украинската опозиција Олександар Мороз, извршени од 1998 до 2000 година, ги откри бројните злосторства на поранешниот претседател Леонид Кучма. Особено, неговото одобрување за продажба на радарски системи на Садам Хусеин (заедно со друга нелегална продажба на оружје).
По Леонид Кучма на чело на Украина дојде политичарот Виктор Јушченко. „Бандитите ќе одат во затвор!“ беше главното мото на неговата претседателска кампања. Сепак, по преземањето на власта, тој не успеа да ги исполни очекувањата на украинскиот народ, кој во него гледаше спасител на Украина.
Претседателските избори во Украина во 2004 година беа прилично бурни, и заедно со Јушченко во трката за претседател беше и Виктор Јанукович. Всушност, Јанукович беше наследникот што бил избран од самиот Леонид Кучма, кој во 2002 година го назначи Јанукович за премиер на Украина, ставајќи му ги на располагање државниот апарат и буџетотза време на кампањата.
Централната изборна комисија го прогласи Виктор Јанукович за победник, и тоа предизвика голем револт кај украинскиот народ, кој не прифати резултат што беше манипулиран од владата. На крајот на ноември 2004 година, во Киев започнаа масовни протести за поддршка на Јушченко, кои подоцна ќе бидат познати како „Портокаловата револуција“.
Јушченко победи и беше инаугуриран како трет претседател на Украина на 23 јануари 2005 година. Виктор Јушченко беше претседател до 2010 година и во историјата е запаметен како лидер кој не само што не ги исполни своите ветувања, туку ја продолжи традицијата на неговите претходници да помагаат во збогатувањето на сегашните олигарси, како и за појавата на нови олигарси, неговите најблиски луѓе.
Во 2010 година претседател на Украина стана Виктор Јанукович, во јавноста познат како силен поддржувач на политиката на рускиот претседател Владимир Путин. За време на мандатот на Јанукович, Русија и Украина постигнаат договор за цената на гасот во замена за продолжување на користењето под закуп на украинско пристаниште на Црното Море од страна на руската воена морнарица.
Транспаренси интернешнал го наведе претседателот Јанукович за пример на највисока корупција во светот. Во 2013 година, владата на Јанукович ги прекина преговорите за трговија и асоцијација со ЕУ и одлучи да ги заживее економските врски со Москва, предизвикувајќи масовни собири во Киев со месеци. Протестите кои имаа за цел да го соборат претседателот Виктор Јанукович станаа насилни, при што загинаа десетици демонстранти.
Од 2014 година волјата на народот и политичката ориентација на Украина го сменија правецот
Бранот насилни демонстрации во Украина го доби името „Еуромајдан“ и доведе до украинската револуција од 2014 година, позната како „Револуција за достоинство“. Во февруари 2014 година, украинскиот парламент гласаше за соборување на Јанукович, кој побегна во Москва.
Според рускиот политичар Олег Митвол, Јанукович на 26 февруари 2014 година, во Барвиха, купил куќа за 52 милиони долари. Во меѓувреме, во Украина за неколку дена, вооружени луѓе го зазедоа парламентот на украинскиот регион Крим и го кренаа руското знаме.
Москва, по референдумот на 16 март, ја анектира територијата на Крим. Во април, проруските сепаратисти во источниот регион Донбас прогласија независност. Притоа избувнуваа борби кои, и покрај честите прекини на огнот, продолжуваат спорадично до 2022 година.
Украина во неделите и месеците по Евромајдан беше нација на работ на катастрофа. Русија, вознемирена дека Евромајдан ќе ја оддалечи Украина од Кремљ и ќе ја доближи до Европската унија, брзо го анектира Крим и предизвика сепаратистички конфликт во регионот на Донбас. Децениската корупција ја остави украинската војска неопремена да го брани суверенитетот на земјата. Во меѓувреме, соборениот претседател на движењето Еуромајдан, Виктор Јанукович, побегна во Русија и зад себе остави празен трезор на државата.
Следниот претседател на Украина беше бизнисменот Петро Порошенко, кој беше инаугуриран на 5 јуни 2014. За време на изборната кампања Порошенко вети дека работите ќе се сменат.
Додека ја градеше својата деловна империја, Порошенко имаше политички позиции во текот на управувањето од страна на тројца од неговите четворица претседателски претходници.
Порошенко се соочи со обвиненија дека профитирал од тоа што бил на власт, или со склучување профитабилни договори за снабдување, лобирање за неговите фирми или користење на правосудниот систем во своја корист и во корист на неговите партнери.
На 20 мај 2019 Володимир Зеленски беше инаугуриран за шести претседател на Украина, ново име во украинската политика кој го изгради својот имиџ и богатство како хуморист, актер и телевизиски лик. Зеленски победи на претседателските избори со ветувања дека ќе стави крај на корупцијата во неговата земја и ќе го реши тензичниот конфликт во источна Украина.
Новото раководство во Украина го имаше најмладиот претседател во својата историја (41 година), најмладиот парламент (просечна возраст од 41 година), најмладиот премиер (35) и најмладиот кабинет во Европа (просечна возраст од 39 години). Новиот кабинет, исто така, брзо стана познат како „најлибералниот“ во историјата на Украина, а владините лидери ветија раст од 40 отсто на БДП во текот на пет години. Актуелниот претседател на Украина е познат како поддржувач на прозападната и антируската политика.
Читателите треба да внимаваат каде се информираат, новинарите да известуваат професионално
Кризите отсекогаш биле извор на силата на пропагандните машини. Суштината на новинарството е повеќеслојна, но јадрото се состои од две работи: факти и вистината. Доколку некоја информација не ги содржи овие два елементи тогаш имаме работа со феномен наречен пропаганда и целта на пропагандата е да си игра со чувствата на јавното мислење и да наметне позитивно или негативно мислење на одредена страна.
Изборот на веродостојни извори на информации е многу важен за јавното мислење додека за оние кои емитуваат вести важно е пред се да ги почитуваат принципите на Етичкиот кодекс и да бидат свесни за негативните последици на дезинформациите или погрешните информации во општеството.
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ), по почетокот на борбите во Украина, ги повикаа медиумите да информираат со максимална одговорност и професионалност, и да не придонесуваат во ширењето шпекулации и невистини во јавноста.