Вистиномер: „Веселиот“ руски војник се снимал во 2015, а не во 2022 година

Published on:

Видеото од овој војник падобранец кое има над 20 милиони прегледи на социјалната мрежа „Тик Ток“, не е снимено годинава, при руската инвазија над Украина. Репортерот на „Ен-Би-Си Њуз“, Бен Колинс, кој се занимава со разоткривање дезинформации, пишува дека ова видео е старо. Истото во 2015 година во август е објавено на Инстаграм, пишува „Вистиномер“.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Откако Русија ја почна својата инвазија врз Украина, медиумите во земјава и во светот интензивно известуваат за состојбата во двете држави, а извештаите содржат бројни видеоматеријали и фотографии.

Еден таков видеоматеријал, е и оној објавен на 24 февруари 2022 година, за кој се тврди дека е од падобранец кој се снима додека лета над Харков, вториот најголем град во Украина.

На видеото објавено на социјалната мрежа „Тик-Ток“ се гледа насмеан руски војник кој се снима додека лета со падобран, пред да слета во близина на Харков.

Како што може да се забележи на снимката, војникот е видно насмеан и расположен и ужива во летот, снимајќи ги останатите војници околу него, се вели во објавената информација.

Оваа снимка од рускиот војник се доведува во корелација односно се линкува до претходно објавена вест за видео на кое се гледа како на небото над Украина има илјадници руски падобранци, во контекст на руската инвазија над Украина годинава.

Но, нашите проверки доведоа до заклучок дека снимката од „веселиот руски војник“, не потекнува од 2022 година, туку е од 2015 година.

Репортерот на „Ен Би Си Њуз“, Бен Колинс, кој се занимава со разоткривање дезинформации, пишува дека видеото од овој војник падобранец, кое има над 20 милиони прегледи на социјалната мрежа „Тик Ток“, е всушност старо. Истото во 2015 година во август е објавено на инстаграм профил.

За истото видео и „Ју Ес Еј Тудеј“ пишува дека не потекнува од 2022 година и додава дека не можеле независно да ја потврдат локацијата каде е снимено.

До исти заклучоци дојдоа и проверувачите на факти на „Ројтерс“.

Погрешно. Селфи-видеото на падобранците не беше снимено за време на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година; истиот клип беше објавен на „Инстаграм“ во 2015 година, тврди „Ројтерс“.

Оттука, оценуваме дека не е вистина дека виралното видео од војник-падобранец е од 2022 година од инвазијата на Русија врз Украина, туку е од 2015 година.

Related