Вистиномер: Не е вистина дека украинските војници масовно го положувале оружјето

Published on:

Руското министерство за одбрана објави дека украински војници го положувале оружјето, повикувајќи се на разузнавачки информации. Но, ваквите информации ги демантираат украинските проверувачи на факти. Веста за масовно положување на оружјето од страна на украинските војници е лажна. Такво нешто немало, украинската војска продолжува да се спротивставува на руските напади, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

За време на нападот на Русија на Украина кој почна во раните утрински часови на 24.02.2022 година, во медиумите се појави вест дека украинските војници масовно го положувале оружјето и се повлекувале од борбените позиции. Веста, за која немаше никаква официјална повтрда, ја објавија неколку македонски портали, повикувајќи се на Москва, која пак информациите ги добила од разузнавачките служби. Информацијата дека украински војници масовно го положувале оружјето ја демантираа украинските проверувачи на факти.

Според податоците нa военото разузнување, украинските војници масовно ги напуштаат борбените позиции и го оставаат оружјето. Дадена е цврста гранција дека тие што ќе го положат оружјето нема дa се предмет на напад од страна на руските воени сили, објави Мкдпрес.

Украинските војници ги напуштаат своите позиции пред руската офанзива, тврди Москва, инсистирајќи дека нејзините вооружени сили не ги напаѓаат градовите и не претставуваат „никаква закана“ за цивилите. Засега нема никаков доказ за ова тврдење, пренесе Мкд.мк.

Кумановски муабети, пак, се повика на Министерството за одбрана на Русија кое соопштило дека:

Разузнавачките податоци покажуваат дека единиците и армијата на вооружените сили на Украина масовно ги напуштаат позициите оставајќи го оружјето.

Веста ја објави и порталот Таратур кој, исто така, се повика на Москва.

Како што пренесе Нетпрес, повикувајќи се на изјава на портпaролот на силите на самопрогласената Народна република во Донецк, Едуард Басурин, украинските војски на истокот од земјата бележеле загуби по настапувањето на руските сили и барале отворање хуманитарни коридори за извлекување од областа.

Противникот трпи загуби… Тие веќе ни се обратија да им направиме хуманитарен коридор. Подготвени се да го положат оружјето, да преминат на наша страна и да преживеат“, изјави Басурин за руската јавна телевизија Россия 24.

Точно е дека руското министерство за одбрана објави дека украински војници го положувале оружјето, повикувајќи се на разузнавачки информации.

Разузнавачките податоци покажуваат дека одделни единици и војници на вооружените сили на Украина ги напуштаат своите позиции, положувајќи го оружјето. Позициите на единиците на вооружените сили на Украина кои го положија оружјето не се предмет на удари, соопшти главниот портпарол на Министерството за одбрана на Руската Федерација, генерал-мајор Игор Конашенков.

Вакви и слични вести се појавуваа во повеќе руски медиуми, пишува украинскиот сајт за проверка на фактите, Стоп фејк. Но, вестите се лажни, оценуваат украинските проверувачи на факти.

Украинската армија, користејќи го правото на самоодбрана во согласност со член 51 од Повелбата на ОН, ги одбива обидите на напаѓачите на Кремљ да ја пробијат границата, пишува Стоп фејк.

Според оперативните информации на Генералштабот на вооружените сили на Украина, здружените сили ги одбиваат вооружените сили на Руската Федерација.

Воените единици на своите позиции. Непријателот трпи загуби, велат од Штабот, пренесува Стоп фејк.

Исто така, пишува порталот, според информациите во 11:00 часот на 24 февруари, од штабот било пријавено дека на обиколницата на градот Харков изгореле 4 тенкови на руски напаѓачи, уништени се 6 авиони на вооружените сили на Руската Федерација, а околу 50 руски напаѓачи биле уништени во областа Шчастија.

Вооружените сили на Украина од пет часот наутро – во моментот кога рускиот претседател Путин објави војна – се во целосна борбена готовност и ги одбиваат руските напади. Украинската војска окупираше и држи одбранбени позиции, пишува Стоп фејк.

Генералштабот на вооружените сили на Украина, повикувајќи се на командата на Здружените сили, информираше дека во областа на операцијата на Здружените сили на 24 февруари, украинската војска соборила 5 авиони и 2 хеликоптери на окупаторот, биле соборени 2 тенкови, а уништени биле и неколку руски воени камиони. За ова, како и други понови информации за украинската армија може да се се прочитаат на украинскиот веб-сајт за проверка на факти Вокс Украина.

Од сето погоре може да се заклучи дека веста за масовно положување на оружјето од страна на украинските војници е лажна. Такво нешто немало, а украинската војска продолжува да се спротивставува на руските напади.

Задача на новнарот е да објавува точни и проверени информации. Доколку информацијата не може да се потврди, или станува збор за претпоставка, односно шпекулација, тоа треба да се каже и да се објави. Точноста на информацијата треба да се провери колку што е тоа можно, предвидува Кодексот на новинари.

Related