Со руски гас, БЕГ сака да ги „загрее“ скопјани со тројно поскапо парно

Published on:

Околу 56.000 корисници на централното парно греење во Скопје од 1 јануари би можеле да добијат енормно зголемени сметки, бидејќи БЕГ доставил барање до Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) цената на градското парно да се зголеми за 300 отсто. Од Балкан енерџи груп го бранат ваквото поскапување со огромното зголемување на цените на природниот гас на светските берзи во изминатиов период. Сепак, се очекува Регулаторот да не го прифати овој предлог.

Од РКЕ потврдуваат дека пристигнало ваквото барање од БЕГ, но колкаво ќе биде покачувањето на сметките за парно греење на скопјани ќе се утврди допрва. Регулаторите ќе побараат од БЕГ докази за цената по која ќе биде набавен природниот гас, којшто пак се користи како енергент за работење на скопските топлани при производството на топлинска енергија.

Од БЕГ во соопштение велат дека друштвата доставуваат трошоци до РКЕ и врз основа на тие трошоци, РКЕ ја одредува цената за крајните потрошувачи.

Инаку, земјава има изградено гасоводна врска единствено со Бугарија, од каде што сите количества на природен гас што пристигнуваат се од Русија.

„Макпетрол“, компанијата која стопанисува со гасоводот, попладнево соопшти дека склучиле договор токму со руската државна компанија „Гаспром“ и со тоа ги обезбедиле потребните количини на гас за македонскиот пазар. Тие образложуваат дека цената на гасот е за 30 отсто пониска од берзанската цена, но и додаваат дека „Макпетрол“ со гас снабдува дел од компаниите што обезбедуваат парно греење за граѓаните, но БЕГ не е еден од нивните корисници.

Инаку, Регулаторната комисија за енергетика кон крајот на јули минатата година донесе одлуки со кои се намалува во просек за 4 проценти крајната цена на испорачаната топлинска енергија кај трите компании на територијата на Град Скопје. Во меѓувреме, глобалната енергетска криза ја зафати Европа есенва со огромно зголемување на цените на струјата и гасот, при што дел од источноевропските земји веќе ја обвинија Русија дека го користи гасот како оружје.

Полска оваа недела ја обвини Москва дека ги запира своите испораки преку гасоводот „Јамал-Европа“, обвинувајќи го Гаспром за „манипулација“.

Украинскиот оператор на гас пред неколку дена рече дека Русија испраќа помалку гас во Европа преку Украина отколку што е тоа договорено со договорот за транзит. „Гаспром“ и Украина потпишаа петгодишен договор за транзит на руски гас во Европа на крајот на 2019 година, јавува Дојче Веле.

Молдавија прогласи вонредна состојба изминатава зима, откако доби предлог од Русија цената на природниот гас да се зголеми тројно, односно од 1 јануари 2022 година да добива гас по цена од 790 долари за 1.000 метри кубни. ЕУ ваквиот предлог од Москва го оквалификуваше како притисок врз проевропската политика што ја води молдавската претседателка Маја Санду.

Наспроти ова, српскиот претседател Александар Вучиќ водеше директни преговори со Владимир Путин околу цената на природниот гас што ќе ја добие Србија од 1 јануари. Во октомври, Москва ѝ предложи на Србија цена на природниот гас од 790 долари за 1.000 метри кубни, по што Вучиќ водеше тет-а-тет преговори во Сочи со Путин и успеа да го убеди цената на гасот за Србија и во наредните шест месеци да биде 270 долари за 1.000 метри кубни, јавуваат весникот Данас и Би-би-си програмата на српски јазик.

Сепак, српските власти не појаснија како претседателот Вучиќ успеал да ја убеди Русија да ја намали за три пати цената на гасот што била првично предложена од Москва.

Related