Агенција за разузнавање: Ќе бидеме мета на дезинформации за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024

Published on:

Борбата со дезинформациите не треба да се гледа како загрозување на слободата на говор или цензура, бидејќи не станува збор за наивно пласирани вести, туку  дезинформациските кампањи се државно организиран и насочен процес кој има за цел манипулација со јавното мислење и притисок кон носителите на одлуки.

Ова, меѓу другото, го кажа директорот на Агенцијата за разузнавање, Еролд Муслиу на панел дискусијата „Тековни состојби и предизвици поврзани со влијанието на дезинформациите во Република Северна Македонија“, во состав на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформациите во Република Северна Македонија“, која ја организираат Претседателскиот центар за политичко образование и Фондацијата „Метаморфозис“.

Муслиу предупреди дека земјава ќе биде мета на дезинформациска пропаганда за уставните измени, црковното прашање и изборите во 2024 година.

Еролд Муслиу на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

„Кремљ ги користи своите дипломатски капацитети во регионот за да ги контролира и насочува „алатките“ – проруски НВО, црковниот клер, политички субјекти, новинари, медиуми, интернет портали и лица со влијание на социјалните мрежи, кои што ја помагаат руската хибридна пропаганда во регионот. Руската хибридна стратегија проектирана за Западен Балкан и Северна Македонија се темели на искористување на „прозорци на можности“. Оттука, отворените прашања и забавените евроатлански интеграции даваат можност Русија да биде ефиктивен малициозен актер во регионот“, рече Муслиу.

Директорот на Агенцијата за разузнавање рече дека во моментов во земјава се одвива класична операција на рефлексивна контрола преку дезинформациска кампања поврзана со процесот на прифаќање на Македонската Православна Црква Охридска Архиепископија

Директорот на Агенцијата за разузнавање најави и дека во земјава има и кинеско влијание.

„Можам да кажам дека постојат индиции дека се плаќа на локални медиуми да објавуваат текстови од стратешко значење за Кина, но со регионална и локална прилагодливост“, рече Муслиу.

Миле Бошњаковски, генерален секретар на Кабинетот на претседателот на Република Северна Македонија, истакна дека медиумите ја изгубиле улогата во креирањето на јавното мислење и дека сега се доминантни социјалните мрежи.

Миле Бошњаковски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

„Сметам дека социјалните мрежи на доминантен начин ја презедоа улогата на медиумите, значи тие не функционираат како медиуми, туку тие се медиуми според сите дефиниции за тоа што всушност е медиум во однос на пренесувањето на информации важни за граѓаните“, рече Бошњаковски.

Тој даде пример за тоа како една вест на социјалните мрежи предизвика бран на дезинформации. Станува збор за кампања позната на јавноста, според која во земјава ќе се сместуваат мигранти од блискоисточните земји.

„Точно е дека Северна Македонија ќе изгради центар за азиланти, бидејќи стариот беше руина и сè уште е руина. Од оваа информација дека РСМ ќе изгради нов центар за азиланти, во традиционалните медиуми се создаде информација дека ќе донесеме мигранти, милиони мигранти. Потоа, по неколку дена, сето ова прерасна во општа национална кампања, во која се собираа и потписи [против носењето на мигрантите] – да не им дозволиме да влезат, а прашањето е многу едноставно – кој да влезе? Апсурдно. Денес, на дезинформациите повеќе не им се потребни традиционалните медиуми за да им ја дадат таа срамна поддршка. Денеска тие веднаш стигнуваат до поголемиот дел од јавноста“, рече Бошњаковски, додавајќи дека земјава е ранлива на дезинформациските кампањи, особено имајќи ја предвид политичката поларизација во земјава.

Директорот за партнерство и развој на ресурси во Фондацијата „Метаморфозис“, Филип Стојановски го сподели своето искуство со текот на проектот Центар против дезинформации на Западен Балкан.

„Главната цел на нашиот проект е разоткривање на сите штетни странски влијанија кои се изразуваат преку дезинформациите и сличните појави, почнувајќи од пропагандата, па сè до разните медиумски и политички манипулации. Да се ​​види каков е нивниот тек, од каде доаѓаат. За тоа е важно прво да се изгради еден капацитет. Во изминатиот период само еден мал број на фактори во нашето општество се занимаваат со дезинформациите, а за тие на регионално ниво првенствено изградивме една мрежа на партнери, составена од организации кои до сега се занимаваа со дезинформациите, пред сè со проверката на факти, но и други видови организации кои се занимаваат со медиумите, младите и тинк тенкови кои се занимаваат со анализи на безбедносните и другите аспекти, затоа што во овие две области нема многу соработка“, рече Стојановски.

Филип Стојановски на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

Тој додаде дека секоја организација од земјите во регионот работи на градење на национални форми на соработка со другите граѓански организации и државните институции, а од регионален аспект соработуваат за откривање на дезинформациите кои се прекугранични, а кои се прилагодуваат во локални форми и како такви се многу поштетни.

„Такви се дезинформациите поврзани со меѓуетничките односи кај нас, во соседните земји каде што има меѓуетнички проблеми со албанската заедница тие се претставени на поинаков начин од оној на кој навистина се одвиваат во нашата земја, а кај нас доаѓа дополнителна перцепција од Србија, и таа ги користи злонамерните локални чинители кои презентираат одредени етнички структури во полошо светло. И ова е еден маѓепсан круг или спирала. Ние почнавме со нашите капацитети на Метаморфозис. Вистина е дека проверката на факти е есенцијална, но не е доволна“, додаде Стојановски.

Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиуми на Македонија истакна дека саморегулацијата има потенцијал и насекаде во Европа овие совети не се откажуваат, туку се обидуваат на разни начини да ја мотивираат јавноста да поднесе што е можно повеќе претставки за содржините во медиумите.

„Саморегулацијата е одлична алатка во рацете на граѓаните, институциите и невладините организации за спротивставување на самоволието во медиумите, незнаењето, намерните и ненамерните грешки. Во моментов ова е најдобриот мониторинг на работата на медиумите кои доброволно се залагаат за да се обединат за поквалитетно и повлијателно новинарство, за повисоки стандарди, за немешање ниту од власта, ниту од политичките или бизнис елитите. Саморегулацијата е промоција на квалитетното новинарство за заштита на слободата на изразување и, во поширок контекст, за поголем отпор за демократија во општеството. Саморегулацијата се дефинира како заложба на медиумските професионалци, што значи дека тие се залагаат за квалитетно новинарство за да го одржат дијалогот со јавноста“, рече Георгиевска.

Билјана Георгиевска на конференцијата „Градење општествена отпорност кон штетните влијанија на дезинформации во Република Северна Македонија“, 20 јуни 2023 г.; Фото: Мета.мк

Таа додаде дека искуството од претставките и работата на Комисијата за жалби при СЕММ покажува дека меѓу стотиците медиуми, главно онлајн, има и такви кои не го прифаќаат овој механизам за саморегулација, кои остро ги отфрлаат понудите за медијација или корекција на грешките.

„Саморегулацијата мора да се промовира и во иднина и уште повеќе, да се подигне свеста кај граѓаните дека медиумите не се играчки и дека новинарите не смеат да бидат само носители на микрофони или невидливи копи-пејст луѓе. Дефинитивно е потребно да се инвестира во едукација на граѓаните за поголема слобода на изразување“, додаде Георгиевска.

hubmk

Related