На зелената воена маица на Зеленски прикажан е официјалниот амблем на вооружените сили на Украина, а во неговиот центар го има официјалниот грб на Украина. Овој амблем нема никаква поврзаност со Железниот крст што го носи Хилтер, како што тоа сака да се прикаже во овој пост, пишува Вистиномер.мк.
Текстот го пренесуваме во целост:
На објава на социјалната мрежа Фејсбук споделени се неколку фотографии чија цел е да го прикажат украинскиот претседател, Волoдомир Зеленски, како нацист, притоа манипулативно и неосновано прикажувајќи сличности со лидерот на Нацистичка Германија, Адолф Хитлер. Споредбите што се направени се неточни и извадени од контекст.
Историјата…изгледа се повтара…, се вели во постот.
На објавата се споделени две колаж фотографии. На едниот колаж претставен е Зеленски и заокружен му е амблемот што го носи на неговата маичка, а до него е Адолф Хитлер исто така со заокружен амблем на униформата. Она што е манипулативно е што овие два амблеми не се исти.
Зеленски, во март, за време на неговиот говор во Конгресот на Соединетите Американски Држави, каде што тој побара поголема воена помош од Западот, за првпат го носеше овој симбол на неговата маица, а некои, особено на социјалните мрежи веруваат дека тоа е нацистички симбол.
Но, тоа не е точно. Не станува збор за нацистички симбол.
На зелената воена маица на Зеленски прикажан е официјалниот амблем на вооружените сили на Украина. Во неговиот центар, амблемот го вклучува официјалниот грб на Украина. Според историчарите и експертите за екстремизам, сликата на неговата кошула не се совпаѓа со Железниот крст што го носи Хилтер на фотографијата или со кој било симбол на омраза.
Дека симболот на маицата на Зеленски е официјален амблем на вооружените сили на Украина, а не симбол на омраза или Железен крст, потврдиле историчари и експерти за „Асошиејтед прес“.
Ова не е никаков железен крст. Тоа е ознака на вооружените сили на Украина. Трозабецот во средината е државниот печат на Украина. Употребата на крст како дел од воена ознака не е воопшто невообичаена, вели професорот на Универзитетот Јеил и научник за европска историја, Тимоти Снајдер.
Во врска со ова заменик-шеф на Центарот за стратешки комуникации и информациска безбедност, агенција управувана од централната влада на Украина, Микола Балабан вели:
Маицата што ја носи Зеленски во својот говор е дел од стандардната униформа на украинската армија.
Тој ги нарече „апсолутно апсурдни“ тврдењата дека Зеленски е нацист.
Симболот што се појавува на маицата на Зеленски беше прмовиран како официјален амблем на вооружените сили на Украина во 2009 година и се појавува на нивната официјална веб-страница и страниците на социјалните мрежи. Се работи за прав, рамностран крст со темно розова/виолетова боја и официјалниот грб на Украина – златен трозабец на сина позадина – кој стои во центарот.
Исто така, вреди да се каже дека Железниот крст претставен без други екстремистички додатоци, не мора да се смета за симбол на омраза. Најчесто се користи на спортска опрема и други контексти одвоени од групите на омраза.
Што се однесува на другиот колаж, прикачен на Фејсбук објавата, на горната фотографија е претставен Зеленски како гледа на маса – најверојатно кон некој воен план, а околу него има други војници. На долната фотографија, пак, е претставен Хитлер во слична позиција со неговите соработници.
Но, оваа позиција, во која се наоѓаат двајцата лидери не е ниту специфична ниту невообичаена ниту ја користел само Хилтер за да може да се прават вакви споредби. Врз основа на ваква фотографија никако не може да се каже дека некој на каков било начин е поврзан со нацизам или фашизам.
Фотографијата која е снимена на 8 јули, е на агенцијата „Ројтерс“ и го прикажува украинскиот претседател Зеленски како ги испитува позициите на припадниците на украинската војска во регионот Днепропетровск, додека рускиот напад врз земјата продолжува.
Теоретичарите на заговор и руските пропагандисти постојано се обидуваат да го претстават претседателот на Украина како неонацист или нацистички симпатизер, иако Зеленски е Евреин и тројца негови вујковци загинале во Холокаустот.
Коментирајќи ги овие обвинувања, Зеленски неодамна изјави дека Москва „го следи истиот концепт на Гебелс и тие ја користат истата методологија“ во обидот да ја оправдаат војната против Украина.