Локалните прокси за дезинформации градат наративи, истовремено искористувајќи ја идејата за веќе постоечки идентитетски врски, заедничка историја и безусловна руска политичка поддршка со текот на времето. Тие ја замаглуваат границата помеѓу коментарите и фактите, со што се предизвикува недоверба во изворите на фактички информации на кои претходно им се верувало и се создава простор за поедноставена поларизација. Овие наративи се филтрирани преку традиционалните и социјалните медиуми, како и преку локалните политички, културни и економските актери, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пишува: Мери Јордановска
Странските влијанија, како по некое правило, а со тоа и дезинформациите, се шират и доаѓаат во бранови, зависно од политичката ситуација во земјата. Но, клучниот проблем е што тие никогаш не стивнуваат, сè зависи од јачината и интензитетот со кој се шират, и се разбира, темата која е актуелна во моментот. Штетите што ги носат дезинформациите во некои случаи многу тешко се надоместуваат, а со оглед на тоа што се шират со голема брзина, преку различни ботови и тролови, треба да бидат навремено и аргументирано лоцирани и стопирани.
Кога станува збор за Балканот, главната точка за ширењето дезинформации предизвикани од странските влијанија е од Србија, држава каде што е мошне развиено таблоидното новинарство, од која дезинформациите со исклучително голема брзина понатаму се шират низ регионот, со оглед на тоа што голем број медиуми, особено портали со недефинирано сопствеништво, како и корисници на социјални мрежи, содржините веднаш ги преземаат и ги преведуваат од српски јазик.
Покрај ова, земјите од Западниот Балкан покажуваат значителни слабости во делот на справување со штетните, недемократските и малигните странски влијанија кои доаѓаат главно од Русија и во мал дел од Кина.
Учеството на Русија во економската сфера на Западен Балкан е различно од земја до земја, но далеку заостанува зад она на Европската унија. Од друга страна, иако во некои земји економската размена со Русија е многу мала, таа е, сепак, од стратешко значење благодарение на таргетирањето на Москва на критичните сектори како што е енергитиката (во БиХ, Србија и С. Македонија) и туризмот/угостителството (во Црна Гора). Таквите инвестиции можеби не носат големи профити за Русија, но даваат можност да се влијае врз внатрешните работи на овие земји.
Веб-страницата за вести, „Спутник“, спонзорирана од Кремљ, е препознаена како еден од основните канали на руското влијание во медиумскиот простор на Западен Балкан. Според „Стратком“, во земјите од Западен Балкан идентификувани се илјадници текстови во Србија, С. Македонија, Косово, Црна Гора, БиХ, каде се повторува реториката дека „човечковите права се донесени под знак прашалник“, дека „ЕУ и НАТО се под притисок и не се обединети“, дека „Европската Унија не е хомогена“, а „западноевропските држави се слаби, корупмирани и неспособни“. Содржините на „Спутник“ се преведуваа во повеќе од 30 држави.
Најчестиот наратив, кој се однесува на земјите од Западен Балкан, е дека овој регион е „игралиште за судир на интереси меѓу Истокот и Западот“. Геополитичката важност на регионот се гледа како причина зошто во регионот се случуваат големи политики на судир на различни сили.
Трите клучни предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан поради ширењето на дезинформации се надворешните влијанија врз ширењето на дезинформации за кредибилитетот на Европската унија, како и ширењето на дезинформации поврзани со пандемијата на коронавирусот и влијанието на дезинформациите врз избори и референдуми во државите. Дезинформациите се симптом на социјално и политичко нарушување, поради што Европската унија треба да се фокусира на зајакнување на квалитетот на демократијата и владеењето на Западен Балкан, заклучува одделот за надворешни работи на Европскиот Парламент во анализата „Мапирање на лажни вести и дезинформации на Западен Балкан и утврдување ефикасна борба против нив“ за периодот од 2018 до 2020 година.
Локалните прокси за дезинформации градат наративи, истовремено искористувајќи ја идејата за веќе постоечки идентитетски врски, заедничка историја и безусловна руска политичка поддршка со текот на времето. Тие ја замаглуваат границата помеѓу коментарите и фактите, со што се предизвикува недоверба во изворите на фактички информации на кои претходно им се верувало и се создава простор за поедноставена поларизација. Овие наративи се филтрирани преку традиционалните и социјалните медиуми, како и преку локалните политички, културни и економските актери.
Еднодецениска борба со дезинформации за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ
За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, а особено во нејзините последни години на владеење, мејнстрим медиумите беа под тесна контрола на партијата и беа инволвирани во скоро сите активности за дезинформации на партијата. Овие, примарно, имаа цел да ги дискредитираат политичките противници и да поттикнат националистички – а неретко антизападни – ставови. Освен тоа, во последните неколку години се забележува зголемена инвестициска активност од страна на Унгарија на македонскиот медиумски пазар. Унгарски државјани поврзани со провладиниот медиумски пазар на Унгарија имаат купено неколку македонски медиуми првично во сопственост на луѓе блиски до ВМРО-ДПМНЕ (како што се ТВ Алфа и интернет порталите на Курир и Република), кои претходно биле меѓу примарните извори на провладина пропаганда. Додека ВМРО-ДПМНЕ е во опозиција (по 2017 година), овие медиуми се вклучени во бројни кампањи за дезинформации, не само за дискредитирање на владата на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), туку и за поткопување на Преспанскиот договор со Грција, како и другите евро-атлантски напори на земјата.
Македонски истражувачки новинари открија дека над 3.2 милиони евра се инјектирани во медиумскиот сектор на Северна Македонија преку неколку сомнителни трансакции за маркетиншки услуги. Парите се главно префрлани од словенечки фирми во сопственост на истиот унгарски државјанин, Петар Шац, кој има во сопственост две медиумски компании во Северна Македонија што добија пари за фиктивни реклами за маслиново масло и магнети за фрижидери. Овие трансакции сега се под истрага од страна на македонските и словенечките власти.
Се тврди дека овие инвестиции се дел од проектот на унгарскиот премиер Виктор Орбан за проширување на неговото медиумско влијание надвор од Унгарија во други земји во кои можат да се реплицираат неговите евро-скептични вредности на „илиберална демократија“.
Се тврди дека дека овој проект не само што ја вклучува Македонија, туку и Словенија, па дури и Велика Британија. Исто така, важно е да се напомене тесната врска помеѓу Орбан и Груевски (поранешниот премиер на Северна Македонија и поранешен лидер на ВМРО-ДПМНЕ), на кого на контроверзен начин му беше даден азил во Унгарија за да избегне затворска казна во Северна Македонија.
Напливот на дезинформации кулминираа со „крвавиот четврток“
Најголем наплив од дезинформации имаше во периодот од 2015 до 2017 година и истите кулминираа со нападот во Собранието на 27 април 2017 година.
Новинарски истражувања покажаа дека претходно биле спроведувани медиумски пропаганди во Србија и во С. Македонија во интерес на српските разузнавачки служби, на линија со руските интереси на континентот и со крајна цел влијание врз политичките состојби во Македонија и спречување на евроатлантските перспективи на земјата и регионот. Како „учесници“ во овој процес во 2017 беа идентификувани новинарот и член на парламентот на Република Србија, Мирослав Лазански заедно со Горан Живалевиќ, припадник на српските тајни служби и Иван Стоилковиќ, пратеник во македонскиот парламент и лидер на Демократската партија на Србите во Македонија, кои спроведувале медиумска пропаганда во Србија и Македонија во интерес на српските разузнавачки служби, на линија со руските интереси на континентот и со крајна цел влијание врз политичките состојби во Македонија и спречување на евроатлантските перспективи на земјата и регионот.
За ова акција долго време знаеле и македонските служби, но за истите не се преземало ништо, а дел од актерите во оваа приказна учествувале и во безредијата во Парламентот, додека во меѓувреме остварувале средби со високи функционери и со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, се вели во истражувањето на Нова ТВ, чии новинари идентификувале речиси педесетина авторски текстови, интервјуа за телевизии, колумни на Лазански од почетокот на 2017 година каде што секаде се повторува тезата дека ако Заев прави влада ќе има војна, но и дека Заев, Европската унија и САД се теретат дека се креатори на кризата и силите кои стојат зад сценариото за федерализирање на Македонија и создавање Голема Албанија.
Во 2017 година, власта во С.Македонија се менува, а со тоа ширењето на дезинформациите и на странските влијание на еден начин се намалува, но тоа не значи дека и комплетно ги снемува. Предизвик за новата власт станува членството во НАТО и во ЕУ, нешто што граѓаните на Македонија на почетокот во целост го поддржуваат, но спорот со Грција со децении лебди кога станува збор за ова прашање.
Дезинформацискиот наратив во однос на референдумот и името
Повеќе од една година по доаѓањето на власт на СДСМ, на 30 септември 2018, се одржа третиот по ред референдум на државно ниво, на кој граѓаните на Македонија се изјаснија за прашањето „дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот меѓу Македонија и Грција“. На гласање не излегоа повеќе од половината избирачи запишани во избирачкиот список. Според податоците што ги објави Државната изборна комисија, одѕивот на референдумот изнесуваше 36,91 отсто од вкупниот број избирачи. На гласање излегоа вкупно 666.743 гласачи, при што 609.813 од нив гласаа „ЗА“, додека 37.700 гласаа „против“, а имаше и 19.221 неважечки ливчиња. Голем дел од ова се должеше на движењето „Бојкотирам“, кое беше успешно, а чиј успех во голем дел се должеше на ширењето дезинформации и странски влијанија.
Во месеците пред референдумот, се појавија Фејсбук страници и Твитер профили за поддршка на јавен бојкот на референдумот, ширење лажни информации за НАТО и Западот, провоцирајќи меѓуетнички тензии во земјата, која има големо етничко албанско малцинство. Преку лажни фотографии се покажуваше како наводно жени биле претепани од полицијата, бидејќи се спротивставиле на референдумот, искористувајќи ги емоциите на граѓаните за да се поттикне натамошно ширење на гласини и дезинформации. Други страници го изедначуваа гласањето на референдумот со учество во фашизам и нацизам, на пример, со споделување на фотографија на германската канцеларка Ангела Меркел со мустаќи во стилот на Хитлер и со текст: „Бојкотирајте го геноцидот на македонскиот народ“. Ваквите објави имаа неколку илјади лајкови и интеракции, што е значителна бројка во земја со само два милиони жители“, се вели во истражувањето на National Endowment for Democracy (NED) „Како начинот на кој размислуваме поттикнува дезинформации“, пренесено во македонските медиуми, каде што се потенцира дека сепак, голем број дезинформации преку границите на регионот доаѓаат во најголем дел од Русија.
Спутник Србија, исто така, тврдеше дека референдумот за промена на името во Северна Македонија (од Поранешна Југословенска Република Македонија) бил диктиран од Западот. Спутник Србија го прикажува референдумот како невалиден поради слабиот одѕив што „покажал дека Македонците имаат што да кажат и дека тоа е пример како Западот се меша во внатрешните работи на другите земји. Во меѓувреме, Русија е претставена како заштитник на правото на македонскиот народ да донесе самостојна одлука за новото име на својата држава.
Русија беше поврзана со мешање во внатрешната политика на Северна Македонија пред почетокот на процесот на пристапување на земјата во НАТО, преку поддршка на поранешниот премиер. Никола Груевски и ангажирање антивладини протести и повици за бојкот на референдумот за промена на името.
Оваа динамика станува особено изразена во светло на политичките случувања во земјата, кога на почетокот на март 2020 година, лидерите на Европската унија не успеаја да се договорат за почеток на преговори за членство во ЕУ со Северна Македонија. Тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев повика на предвремени парламентарни избори кои требаше да се одржат на 12 април 2020 година, но тие беа одложени поради појавата на коронавирусот и се одржаа во јули 2020.
Во претходните години, DFRLab пронајде десетици Фејсбук страници поврзани со различни новински куќи во Северна Македонија кои покажуваат неколку карактеристики што укажуваат на координирана активност, вклучително и речиси истовремено објавување на идентична содржина.
Освен веб-страниците кои се блиски до сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а за кои се најдоа тесни траги дека се поврзани со Унгарија, каде што азилант е поранешниот премиер Никола Груевски, постои уште една тенденција – 17 Фејсбук страници имаат засилена содржина од три портали: Markukule, News 24 и Signal. И покрај тоа што овие медиуми известуваат и за политика, нивната содржина не беше толку експлицитно антивладина како содржината објавена од медиумите кои ја поддржуваа ВМРО-ДМНЕ. Овие страници немаат информации за сопствеништвото и немаат импресим. Маркукуле и News24 често објавуваат написи за поддршка на рускиот претседател, Владимир Путин, прикажувајќи го како влијателен лидер кој ги почитува традиционалните вредности и никогаш не ги заборава своите пријатели во време на неволја. News24, исто така, понекогаш ги засилува видеата на RT и Sputnik.
Претходно пак, во последните недели од претседателските избори во САД во 2017 година, Велес доживеа чуден срам во најмоќната нација на светот; сториите објавени во The Guardian и на BuzzFeed открија дека македонскиот град со 55.000 жители бил регистриран дом на најмалку 100 про-Трамп веб-страници, многу од нив исполнети со сензационалистички, лажни вести. Тинејџерите кои се криеја зад веб-страниците заработија илјадници евра само врз основа на тоа што ги регистрираа спорните сајтови со лажни вести кои му одеа во корист на Трамп и на тој начин овозможија тие да се шират со невидена брзина.
Ковид пандемијата – пандемија полна дезинформации
Во последниве две години, а со почетокот на пандемијата, почнува нов бран дезинформации, овојпат поврзани со ковид-19.
Експертите на ЕУ забележаа „огромни бранови“ на штетни здравствени совети, лажни тврдења и онлајн измами, но и обиди на странски држави да се вмешаат во домашните дебати во ЕУ. На пример, некои групи објавуваа опасни тврдења дека пиењето белило лечи од новиот коронавирус.
Во Белгија беше забележано зголемување за 15 проценти на случаи поврзани со конзумирање белило, се наведува во извештај на Европската комисија.
ЕУ активно ги следеше и ги следи дезинформациските кампањи уште од 2015 година, и досега фокусот беше во најголем дел насочен кон Русија од каде доаѓаа најголемиот дел лажни вести. Но, со појавата на ковид-19, растеше загриженоста во ЕУ и за официјалниот наратив на Кина во врска со пандемијата.
„Новиот извештај директно ги посочува „странските актери“- Пекинг и Москва- за водење кампањи насочени кон поткопување на демократските дебати во ЕУ, понекогаш и кон нивна поларизација, а во други случаи, обиди да си го подобрат сопствениот имиџ“, објавува Дојче Веле.
Со појавата на пандемијата од ковид-19, и С.Македонија не беше поштедена од овие дезинформации чија реторика може да се подели во три дела: дека ковидот не постои и дека станува збор за обичен грип; дека станува збор за теорија на заговор од светските влади, особено од САД, да се стави под контрола човештвото преку негово чипирање и дека вакцините не ги штитат граѓаните од ковид-19. Овие дезинформации доаѓаат често од лажни профили на социјалните мрежи, најмногу преку Фејсбук и Твитер, но забележано е и присуството на портали регистрирани надвор од државата, токму во периодот на пандемијата, каде што се споделуваат лажни вести против вакцинацијата.
Спорот со Бугарија и проруската реторика достигнаа точка на вриење
Паралелно со пандемијата, на македонската сцена во истиот период стапи и уште една провокација, предизвикана од Бугарија, но засилена од проруската реторика. Имено, иако потпишаа договор за добрососедство и пријателство, Северна Македонија и Бугарија стигнаа до точка на вриење. Меѓу двете држави од 2020 година се водат преговори за да се надмине спорот кој резултираше со вето на Бугарија за старт на преговорите на С.Македонија со Европската Унија.
Односите меѓу двете земји достигнаа критична фаза, а овој пат кој го изодува Македонија е поплочен и со зголемена омраза што ја предизвикуваат настапи на политичари, јавни личности и партии од двете страни, а за дел од нив постојат сериозни индиции дека се последица на директното руско влијание во земјата.
Во таа смисла, може да се детектираат провокативни изјави, ставови кои го подигнуваат национализмот, предизвикуваат негативни емоции, ја вжештуваат атмосферата, а со тоа и влијаат на целиот контекст на македонско-бугарскиот спор. Овој бран на недоверба е поттикнат преку социјалните мрежи кои се користат како алатка за ширење и засилување на дезинформации, создавање хаос, генерирање страв, омраза и циркулирање на пристрасни мислења, а сето ова се обликува преку јавниот дискурс во согласност со руските интереси.
Во овој дел, руското влијание во Северна Македонија се спроведува директно преку Амбасадата и нивната дипломатска инфраструктура во земјата (конзулати, итн.) и од страна на полномошници, кои вклучуваат регионални и домашни политички, личности (т.н. инфлуенсери) и медиуми.
А такви навистина не беа малку. Политичката партија „Единствена Македонија“, чиј лидер е Јанко Бачев, ги зголеми своите ПР активности по ноември 2020 година. За партијата на Јанко Бачев, Договорот со Бугарија е штетен за македонските национални интереси и за Македонците кои живеат во Бугарија, па затоа постојано бараат поништување на овој, како што тврдат. , „антимакедонски“ договор. Во јануари 2021 година, Единствена Македонија јавно го повика премиерот Зоран Заев „да се повлече од Договорот со Бугарија и да побара прошка од македонскиот народ за целосниот пораз на надворешната политика на власта во изминатиот период, што ги загрозува националните и државни интереси“. Бачев не ги крие своите афинитети кон Русија. Во 2018 година, за време на протестите против Договорот од Преспа со Грција, тој со руско знаме и со знамето со ѕвездата од Вергина в раце се качи на полициската оклопна кола, а неговата партија пропагира стратешко партнерство со Русија и е против членството на С. Македонија во НАТО и во ЕУ.
Светскиот Македонски Конгрес, исто така, ги зголеми своите онлајн активности на Фејсбук (нивната страница има околу 16.000 фанови) негувајќи руско позитивно влијание преку создавање нови или објавување стари позитивни наративи за Русија и против Бугарија.
Написи и видеа насочени против Бугарија со цел да се поттикне антибугарско расположение може да се најдат и на страницата Дудинка, која е во сопственост на отворениот проруски пропагандист, поранешен спортски коментатор и водител на ток-шоу, Миленко Неделковски.
Тој отворено зборува за своите анти-ЕУ и анти-НАТО позиции. Западот го прогласува за „фашист“ и редовно е поканет да учествува во проруски настани, како што се предавања на Универзитетот во Минск во Белорусија, давање изјави за руски и проруски медиуми низ Европа, а беше и изборен набљудувач на ОБСЕ на изборите во Централноафриканската Република предложен од руски и проруски фактори.
Неделковски на социјалните мрежи објавува и фотографии од средбите со руски дипломати во Скопје. Постојано е на удар на Фејсбук од различни причини, како што се ширење говор на омраза, а моментално неговата главна страница на Фејсбук, која имаше над 60 илјади следбеници, е блокирана од социјалната мрежа поради неколку постапки спротивни на стандардите на заедницата на оваа социјална мрежа.
Новинарката Мирка Велиновска, исто така, е проруски пропагандист и е на многу слична линија на Миленко Неделковски. Таа во 2015 година го доби орденот „70 години победа“ од тогашниот руски амбасадор во земјава, Олег Шчербак, по повод 70-годишнината од победата над фашизмот. Велиновска ги нарекува и актуелните власти на Запад „фашистички“, а истата терминологија ја користи и за актуелните македонски власти.
За време на македонско-бугарскиот спор, излегоа и бројни твитови од профилите на руските амбасади во Софија и во Скопје за време на македонско-бугарскиот спор, нешто што е силен показател дека овој спор се искористува од Русија, играјќи на емотивна и националистичка карта.
Третина од сите примери на про-Кремљ дезинформации во 2021 биле насочени кон Украина
Трупањето на сили на границата со Украина од страна на Русија предизвика реакција од САД и од НАТО, коишто во неколку наврати испратија предупредување до Москва и поддршка за официјалните политики на Киев, Украина. Северна Македонија како дел од НАТО Алијансата преку нејзините официјални претставници изјави дека е подготвена да учествува како поддршка во било каква акција или чекор што ќе го преземе Алијансата кон решавање на овој спор.
Дел македонски граѓани застанаа во одбрана на Русија. На 22 јануари 2022 година во близина на украинската амбасада во Скопје се одржа мирен граѓански протест под слоганот „Против глорификацијата на нацизмот во Украина“. Учесниците на протестот држеа плакати и транспаренти со натписи „Против воздигнувањето на нацизмот во Украина“, „Не испраќајте ги нашите деца да се борат за вас“, „Борете се сами со Русија“ и „Нацистите немаат место во ЕУ“.
Организаторите на мирниот протест отворено ја осудиле политиката на официјален Киев.
Сакаме вработените во украинската амбасада да ги информираат властите во Киев дека Македонија и македонскиот народ се противат на државната политика на Украина, обидите за воскреснување и величање на нацизмот. Македонија и Македонците му се благодарни на украинскиот народ за поддршката во војната во 2001 година, но ние се спротивставуваме на сегашната политика на украинските власти, која го велича нацизмот, изјавил еден од присутните, објави руски Балканист.
Од Амбасадата на Украина во Скопје изјавија дека сакаат да ја искористат организираната акција за да информираат дека Русија води војна против Украина на сите фронтови, вклучително и на информативниот.
Во денешниот свет, информацијата е едно од најмоќните средства за борба. Затоа, за време на руско-украинската војна, ескалацијата на безбедносната ситуација од страна на Русија, со поставување на „луди“ барања кон Западот, Кремљ активно користи хибридна информативна агресија – шири дезинформации, фалсификати, води информативна војна против Украина, наведува украинската амбасадорка Наталија Задорожњук во авторската статија „Вистината секогаш победува“ доставена до Мета.мк.
Амбасадорката пишува дека стара и омилена тема на руската пропаганда, која таа цинично ја користи и упорно се обидува да ја протурка, е да ги прикаже Украинците како нацисти.
Во декември 2021 година, EUvsDisinfo заклучува дека околу една третина од сите примери на про-Кремљ дезинформации во истата година биле насочени кон Украина.
Во услови на ескалација, поконкретно на групирање на руската војска долж границите на Украина, про-Кремљ медиумите продолжуваат да ја прикажуваат Украина како еден најновите агресори (одат дотаму што Украина ја обвинуваат за геноцид над тие што говорат руски во Донбас) и како беспомошна хистерична жртва, која плаче за руска агресија или, пак, тврдејќи дека САД и НАТО ќе ја турнат Украина во војна.
Ваков вид дезинформирање имаше и во март и април 2021 за време на групирањето на руската армија. И тогаш, про-Кремљ медиумите се обидоа да ја прикажат Украина како агресивна, напуштена од нејзините партнери и земја која ги прекршува меѓународните договори.
Ништо од тоа не е точно, но таквите пораки, направени за одредена публика и потоа дистрибуирани на многу јазици, му помагаат на Кремљ да постигне конкретни цели: дома – да создаде слика за Украина како непријател и да мобилизира поддршка за надворешната политика на Кремљ; во Украина – да се подели и дестабилизира општеството; и на меѓународен план – да се легитимираат постапките на Кремљ.
Во меѓувреме, во С. Македонија се зголемува и нивото на политичките дезинформации во јавната сцена и тоа, пред се, од страна на политичките партиии. Тука особено в очи паѓа „Левица“, особено на лидерот на партијата и пратеник, Димитар Апасиев, на својот Твитер профил, осврнувајќи се на дисидентското дејствување, искажа ставови кои се класичен спин: „Запрепастува фактот што најголемите ДИСИДЕНТИ на нашето време (Асанж, Сноуден и Манинг) не доаѓаат од Русија или Кина, туку од САД. Толку од приказните за човековите права на Западот. Завршува ерата на либерализмот“, напиша Апасиев во декември 2021 година.
Неговото тврдење, дека најголемите дисиденти на нашето време не доаѓаат од Русија или Кина, туку од САД, претставувајќи ги САД како режим во кој не се почитуваат човековите права, е класичен ватабаутизам. Оваа тактика потекнува од Студената војна и ја користеле тогашните комунистички претставници на Советскиот Сојуз за време на разговорите со своите западни колеги. Тоа вклучува игнорирање на аргументите на другите страни целосно, но наоѓање на навидум слични контрааргументи и нивно користење за да се спротивстави на нападот, и покрај фактот што контрааргументите може да бидат лажни, потпирајќи се на дезинформации, нелогичности, застарени искази, без пропорционалност итн.