Владите на земјите во регионот се склони кон корупција и се колебаат да спроведат реформи па затоа постојат политички, социјални и економски ранливости кои може лесно да се искористат од странски актери со авторитарни тенденции. Ова го покажува анализата на „Политикал капитал“, истражувачки институт од Будимпешта, на тема странско влијание на Западен Балкан од авторитарни држави, како што се Руската Федерација, Кинеската Народна Република, Турција и земјите од Персискиот залив, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Пишува: Симона Атанасова
Во анализата се разработува природата на авторитарно влијание во регионот на Западен Балкан, конкретно во нашата држава, Црна Гора и Босна и Херцеговина преку проценка на пет истражувани аспекти на авторитарното влијание: верска мека моќ и влијание преку црквите, политичко влијание преку симболична политика, влијание врз јавното мислење, економско и технолошко влијание и образовно влијание.
Истражувањето кај нас покажува дека политичкиот амбиент во државата често служи како плодна почва за внатрешни и надворешни актери кои би можеле да ја искористат ситуацијата за да создадат нестабилност.
Преполниот и недоволно платен медиумски сектор со високи нивоа на поларизација и ширење на лажни вести, заедно со ниско ниво на медиумска писменост, може дополнително да ги олесни потенцијалните напори на странски земји, се вели во Анализата.
Религиозна мека моќ
Како уставно секуларна земја, верските заедници во С. Македонија се одвоени од државата и уживаат еднаков третман во правниот систем. И покрај официјалниот секуларен карактер на државата, верските заедници играат важна улога во општествениот и културниот живот бидејќи граѓаните ја сметаат религијата за важна.
Најголем дел од православните христијани се поврзани со Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА) – додека најголем дел од муслиманите со Исламската верска заедница во Македонија (ИВЗ). Ваквата поставеност им дава на овие две институции значителна моќ и ресурси за обликување на социјалните и културните односи. Сепак, нивната улога во општеството е релативно ограничена, а верските водачи имаат тенденција да избегнуваат јавно да разговараат за политички и општествени прашања и да избегнуваат да интервенираат во секојдневниот политички живот.
И покрај тоа што имаат прилично низок профил во мејнстрим дискурсот, меката моќ што тие би можеле да ја искористат и ресурсите со кои располагаат се привлечни за различни домашни и меѓународните актери.
Анализата заклучува дека сепак, влијанието преку религиозни средства може да се смета за ограничено. Мала финансиска поддршка стигнува до нив од странство, но тоа се случува повремено.
Политичко влијание
Во анализата се констатира дека целиот процес на решавање на проблемот со името ги влоши официјалните односи меѓу Русија и С. Македонија, дека одредени програми на политичките партии се усогласени со интересите на авторитарните држави, но дека не постои сомневање за нивна финансиска поддршка.
Во оваа временска рамка, Русија тврдеше дека конечната идеја за промена на името на земјата е за да се обезбеди и забрза пристапот на Скопје во НАТО спротивно на волјата на народот. Спротивно на тоа, Владата на С. Македонија ја осуди Русија за мешање во внатрешните работи на земјата, па дури и протера руски дипломат во март 2018 година. По решавањето на проблемот со името и почетокот на процесот на ратификација за членство во НАТО во 2019 година, Северна Македонија се обиде постепено да ги подобри официјалните односи со Русија најмногу поради економски причини, стои во Анализата.
Во извештајот се издвојуваат политичките партии „Единствена Македонија“ (Единствена Македонија), Демократската партија на Србите (ДПС) и партијата Левица како единствените политички партии со програма или наратив што промовира поблиски односи со Русија или Кина и геополитичка промена на земјата.
Влијание врз јавното мислење
Во Анализата се вели дека влијанието врз јавното мислење е важна алатка за влијание на авторитарните режими на Западен Балкан, вклучувајќи ја и нашата држава.
За време на референдумот за промена на името во септември 2018 година, како поларизирачки настан со значителни политички влогови, беа забележани различни напори за влијание врз јавното мислење преку официјални и неофицијални канали. Од една страна, имаше кампања спроведена од владата која се фокусираше на придобивките од процесот. Од друга страна, имаше комуникациска кампања што ја водеа локалните политички партии кои беа против промена на името и повикаа на бојкот на референдумо,т како единствен остварлив начин да се запре процесот.
Имаше кампањата за бојкот и во онлајн информативниот простор, која во голема мера беше засилена преку организирани напори вклучително и користење на автоматизирани ботови на Твитер и вештачки засилено присуство на социјалните медиуми за промоција на хаштагот #бојкотирам.
Иако нема официјални докази за руски ангажман во овој поглед, различните извештаи и официјалните истраги укажуваа кон таа насока. Покрај референдумот како главен настан, активностите за дезинформации се континуиран и составен дел од македонскиот онлајн информативен простор, вклучително и за време на кризата со ковид-19, се констатира во Анализата.
Руското влијание во граѓанското општество е маргинално и претежно се забележува кај културните организации кои држат низок профил и не се присутни во медиумите. Иако во извештаите се тврди дека има околу 30 организации за руско-македонско пријателство, главно финансирани од Амбасадата на Руската Федерација во Скопје, тие не земаат активно учество во јавниот дискурс.
Економско и технолошко влијание
Нашата земја има ограничен капацитет за привлекување инвестиции во споредба со поголемите регионални економии како Грција, Бугарија и Србија. И покрај овие ограничувања, постојат случаи кога компании од Русија и Кина, а до одреден степен и Турција се вклучија во земјата во големи проекти, од енергија до транспорт.
Во анализата се објаснува дека вклучувањето на Русија во енергетскиот сектор на С. Македонија е во најголема мерка преку дистрибуција на природен гас. Снабдувањето со природен гас на С. Македонија не е диверзифицирано бидејќи целокупното снабдување оди само преку еден гасовод од Русија до Бугарија изграден во 1997 година. Во 2013 година, Владата на Република Македонија и Руската Федерација потпишаа договор за вклучување во гасоводот Јужен тек и му овозможи на Гаспром да остане единствен оператор на гасоводот. Во својот годишен извештај во 2014 година, Европската комисија изјави дека меѓувладиниот договор не е компатибилен со acquis. И покрај неуспехот на проектот Јужен тек, договорот во тоа време беше жестоко критикуван. Енергетската заедница изрази загриженост за македонското учество во гасниот проект Јужен тек. Шефот на Енергетската заедница изјави дека проектот „не е во согласност со договорите на Енергетската заедница, кои се дел од заедничките регулативи на Европската унија; т.е. acquis“, и дека договорот е проблематичен бидејќи му дозволи на Гаспром монопол во Македонија за кој треба повторно да се преговара додека земјата се интегрира во Европската унија. Друг проблем со овој договор беше неговиот недостаток на транспарентност: Договорот со Гаспром беше потпишан зад затворени врати, не вклучуваше консултации со релевантните засегнати страни и никогаш не беше јавно достапен. Целата процедура немаше транспарентност и се покажа дека е скапа за Македонија. Монополот на снабдување поврзан со ограничената инфраструктура значително ја чини С. Македонија. Во 2015 година, цената на природниот гас увезен од Русија беше 564 американски долари за 1.000 кубни метри, што е повисока во споредба со нејзините соседи како Србија (457 американски долари) и Бугарија за 501 (долар). И покрај напорите за диверзификација на снабдувањето со енергија, како што се плановите за интерконекција за пренос на природен гас со Грција, С. Македонија краткорочно ќе остане целосно зависна од Русија, особено што се очекува да се зголеми побарувачката за природен гас поради инвестициите. при секундарна гасификација.
Образовно влијание
Истражувачите дошле до заклучок дека руските напори во образованието се ограничени со активности кои најчесто се вршат во соработка меѓу руската амбасада во Скопје и Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, при што е отворен руски центар во рамките на Универзитетот во 2016 година. Активностите се прилично ретки и обично вклучуваат одбележување на важни историски денови, кино проекции и концерти. Еднаш годишно македонските граѓани имаат право да аплицираат за 40 стипендии од руската влада за студирање на универзитетите во Русија.
Како до помала ранливост?
Според препораките кои ги дава анализата, западните меѓународни институции, особено Европската унија (ЕУ) и Организацијата на Северноатлантскиот договор (НАТО) треба да ја зајакнат својата стратешка комуникација кон регионот на Западен Балкан.
Додека ЕУ е главен економски партнер за земјите од Западен Балкан и во извозот и во увозот, а НАТО е гарант за колективната безбедност во трансатлантската заедница, овие факти треба да се соопштуваат поинтензивно и во согласност со локалните потреби. Овие организации треба подобро да ги користат различните онлајн и офлајн канали за да се доближат до граѓаните од регионот на Западен Балкан и да ја подигнат свеста не само за економските и безбедносните предности на тие партнерства, туку и за нормативната и демократската природа на нивните системи, нотира Извештајот.
Во однос на локалните носители на одлуки, во анализата се вели дека, за да се изгради отпорност, националните влади треба да работат на инкорпорирање на медиумската и дигиталната писменост во националните наставни програми.
Иако ова е долгорочна мерка која би обезбедила позитивни резултати во подалечна перспектива, таа е неопходна за градење на здраво демократско и отпорно општество, подвлекува Анализата.
Во препораките се вели и дека националните влади треба да обезбедат транспарентно финансирање на политичките партии и движења со што може да го спречи странското влијание од авторитарни режими на политичко ниво, а парламентите треба да предложат закон кој ќе претставува механизам за проверка на ризичните странски инвестиции.