Кинеското влијание врз македонското високо образование е сконцентрирано првенствено на неколку државни универзитети во Македонија, и тоа преку континуирана соработка низ годините што резултирала со размена на студенти и универзитетски кадар и со потпишување на договори и меморандуми за соработка.
Во соработката предничат три универзитети и тоа најстариот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“, Универзитетот „Гоце Делчев“ и Универзитетот „Свети Апостол Павле“.
Една од формите на влијание на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија е токму во делот на македонското високо образование. Соработката со Кина на дел од македонските универзитети низ годините се зацврстува, а достапните информации покажуваат дека бројот на заминати студенти во Кина од земјава расте, заедно со бројот на студенти кои го изучуваат кинескиот јазик преку Институтот Конфуциј во Скопје.
Во истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“ на авторката Ана Крстиновска, кое во издание на ЕСТИМА и Фондацијата „Конрад Аденауер“ беше објавено на крајот од минатата година, се наведува дека веројатно најважната и долгорочна стратегија за зацврстување на кинеската мека моќ во Северна Македонија е отворањето на Институтот „Конфуциј“ во Скопје, на најстариот и најреномиран јавен Универзитет, „Св. Кирил и Методиј“ во 2013 година.
Исто така, истражувањето на ЕСТИМА покажува дека Кина повеќе од 20 години обезбедува стипендии за македонските студенти.
„Првично почнувајќи од 1-2, во моментов бројот на стипендии достигнува приближно 10 годишно и, според зборовите на претставник од Министерството за образование, тие секогаш се искористуваат. Стипендиите се обезбедуваат во соработка помеѓу македонското Министерство за образование и наука и кинеското Министерство за образование, поточно Кинескиот совет за стипендии. Повремено, кинеското Министерство за трговија или Институтот Конфуциј даваат дополнителни можности за студирање или патување во Кина“, се наведува во истражувањето на ЕСТИМА.
И кратката анализа на Авери Едвардс на тема „Кинеското неделовно влијание на Балканот“, во делот на Северна Македонија се наведува постоењето на Институтот „Конфуциј“ во Скопје. Во оваа анализа се посочува дека кинеското влијание на Балканот расте со текот на времето, особено кај институциите на културата, образованието, политиката и новинарството, кои се насочени кон настојувањето земјите од Балканот да постанат зависни од Кина.
Во насока на осознавање на дополнителни податоци во делот на кинеското влијание врз македонското високо образование, Мета.мк на 11 април испрати барања за добивање информации од јавен карактер по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер до 21 македонски државен и приватен универзитет, како и до Министерството за образование и наука.
До истекувањето на законскиот утврдениот рок за доставување на бараните податоци од институциите, Мета.мк доби одговори од вкупно 17 приватни и државни универзитети во земјава, додека четири од високообразовните институции не одговорија на нашето барање (Високата стручна школа Факултет за бизнис економија-Скопје, Европскиот универзитет-Скопје, МИТ Универзитетот-Скопје и Факултетот за исламски науки-Скопје).
Институт „Конфуциј“ отворен единствено на УКИМ
Од Министерството за образование и наука објаснуваат дека соработката во областа на науката и технологијата е заснована врз потпишаната Спогодба за научна и техничка соработка помеѓу македонската и кинеската влада на 7 март 1995 година.
Со оваа спогодба се овозможува спроведување на активности за научно-истражувачки проекти меѓу двете земји, но и можност за склучување меморандуми за соработка директно меѓу македонски универзитети и сродни институции од Кина.
„На конкурсот за научно-технолошка проектна соработка во 2020/2021 се пријавија 38 проекти а Комисијата за Заедничка комисија за научна и технолошка соработка меѓу РС Македонија и НР Кина одлучи да финансира 20 заеднички македонско-кинески проекти“, информираат од МОН.
За склучените меморандуми, договори и други документи за соработка, повеќе податоци добивме од самите универзитети. Од доставените информации може да се заклучи дека државните универзитети од земјава предничат во соработката со Кина во изминативе години. Како што е наведено и во истражувањата на Ана Крстиновска и Авери Едвардс, Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ) од Скопје е единствената високообразовна установа, која во нејзини рамки го има востановено Институтот „Конфуциј“.
Од УКИМ за Мета.мк информираат дека на Институтот Конфуциј во летниот период во периодот од 2015 до 2019 година имале по 10-15 слушатели на возраст над 18 години од курсевите по кинески јазик, кои учествувале на двонеделниот летен камп во Ченгду, кој е организиран од страна на нивниот партнер-Југозападниот универзитет за финансии и економија.
„На летниот камп курсистите имаа можност да посетуваат часови по кинески јазик, предавања за кинеската историја, култура, уметности, културно-историски знаменитости, како и одблиску да се запознаат со современата кинеска култура и општество“, се наведува во одговорот од УКИМ.
Од УКИМ додаваат дека на крајот од секоја академска година, се одржува националниот квалификациски натпревар за Меѓународниот натпревар по кинески јазик „Кинески мост“. Победникот во категоријата студенти има можност да ја претставува нашата земја и универзитет на меѓународно финале што се одржува во Кина.
За периодот од 2015 до 2019 година, победникот во категоријата студенти учествувал на меѓународниот натпревар. Една од наградите која се доделува на учесниците на финалето е едносеместрална стипендија која студентот има можност да ја искористи на било кој кинески универзитет.
„Поради Ковид-19 рестриктивните мерки и неможноста да се патува во НР Кина од 2020г. – 2022г. сите активности и размени со НР Кина се реализираа онлајн“, објаснуваат од УКИМ, додавајќи дека поради укинувањето на здравствените мерки во март 2023 година, летниот камп со физичко присуство во Ченгду, заедно со финалето за меѓународниот натпревар, ќе се реализира со физичко присуство во Кина.
Според истражувањето „Разбирање на алатките, наративите и влијанието на кинеската „мека моќ“ во Северна Македонија“, бројот на ученици по кинески јазик кој ги организира Институтот „Конфуциј“ при УКИМ се зголемил од 60 во текот на првата година на 562 во академската 2020-2021 година, паралелно со отворањето на Конфуциј училници во различни градови низ земјава.
„Институтот обезбедува бесплатни часови по кинески јазик за најразлична публика, почнувајќи од деца од предучилишна возраст до возрасни, вклучувајќи студенти, професионалци од различни компании кои работат со Кина“, се наведува во истражувањето.
Сепак, функционирањето на Институтот Конфуциј не е единствената активност, со која УКИМ како најголема високообразовна институција во земјава е поврзан со Кина.
Во одговорите кои ги добивме од УКИМ, се додава дека развојот на странската македонистика се шири и кон Кина, а во тој контекст е отворањето на Лекторатот по македонски јазик, литература и култура на Универзитетот за странски студии во Пекинг.
„Избраниот лектор, која оваа академска година ја одржуваше наставата онлајн, треба наскоро да замине во Пекинг НР Кина за од септември 2023 година да ја реализира наставата со физичко присуство“, објаснуваат од УКИМ.
УКИМ има склучено и пет договори за соработка со кинески универзитети, и тоа со Југозападниот универзитет за финансии и економија во Ченгду, со кој е склучен договор за научно-образовна соработка, во чии рамки е и соработката за основање на Институтот Конфуциј во 2013 година.
Исто така, во 2016 година е потпишан Меморандум за разбирање со Нормалниот универзитет во Пекинг, со којшто е предвидена размена на наставен кадар, студенти и заеднички конференции, додека од 2018 година е Меморандумот за разбирање со Универзитетот за странски студии во Пекинг, со кој се предвидува размена на наставен и административен кадар, студенти, академски материјали и информации, како и научно-истражувачка соработка во области од заемен интерес.
Сепак, од УКИМ информираат дека не располагаат со други податоци за бројот на друг кадар од нивниот универзитет кој заминал на престој во НР Кина.
Најголем дел од државните универзитети имаат соработка со Кина
Значајна соработка со Кина може да се забележи и кај Универзитетот Гоце Делчев од Штип. Според информациите што ги добивме преку доставеното барање за пристап до информации од јавен карактер, штипскиот универзитет склучил четири договори, меморандуми или други документи за соработка со кинески универзитети, истражувачки центри или со кинеската држава. Станува збор за договори со Технолошкиот универзитет „Вухан“ од провинцијата Хубеи, со Институцијата за земјоделски култури при Кинеската академија за земјоделски науки, со Универзитетот Ченгду и со Универзитетот за економија и право Жонгнан во Вухан.
Во делот на студентската размена, тројца студенти од штипскиот универзитет биле во двонеделна посета на Кина во рамки на програмата „Huawei Seeds for Future“. Студенти од програмата на современ танци имале два настапи во 2015 и 2017 година во Кина, додека во периодот од септември 2018 до јули 2019 година студентка од Факултетот за музичка уметност добила стипендија за едногодишен престој на Универзитетот Хангшоу во Кина.
Во однос на остварениот престој во Кина од кадар на Универзитетот Гоце Делчев, забележливо е дека најголем дел од активностите се оствариле во периодот од 2016 до 2018 година. Во периодот од 2015 година до денес, реализирани се 21 најразлична активност. Меѓу другото, две професорки учествувале на мастер работилници за современ танц во Кина, професорка реализирала посета и обуки на Универзитетот за хемиски технологии во Шенјанг, додека професорка од Факултетот за информатика остварила студиски престој во Нингбо.
Меѓу доставените информации од УГД, може да се согледаат и шест студиски престои на професори од Факултетот за информатика, Факултетот за земјоделски науки и Факултетот за медицински науки на Универзитетите во Шанси, Шенјанг и Нингбо меѓу 2016 и 2019 година. Воедно, во 2017 година била остварена посета и предавање на Универзитетот Нингбо.
Позначителна соработка со Кина имал и Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ од Охрид. Во периодот од 2015 година до денес, вкупно девет договори, меморандуми и конкурси по проекти биле реализирани со кинески универзитети.
Тука се вклучени Меморандумот за академска размена на наставен и истражувачки кадар со Гансу академијата за општествени науки (2015 г.), Договорот за соработка со Ланжоу Џиаотонг Универзитетот (2015 г.), Меморандумот за соработка со Градскиот универзитет од Хонг Конг (2016 г.), Конкурсот за кофинансирање на заеднички македонско – кинески научно истражувачки проекти за периодот 2016-2017 година со наслов „Големи податоци, дистрибуирани системи за складирање, пресметување во облак, сигурност, злонамерен натрапник“, Меморандумот за разбирање со Градски колеџ за стручно техничко образование Вушји (2017 г.) и Меморандумот за разбирање со Шангајскиот универзитет за медицина (2022 г.)
Покрај овие меморандуми и договори кои се однесуваат првенствено на академската размена на наставен и истражувачки кадар, во 2019 година бил реализиран донаторски договор со Ланжоу Џиаотонг Универзитетот за опремување на компјутерска лабораторија на охридскиот универзитет. Во 2018-2019 година, бил реализиран и проектот по Конкурс за кофинансирање заеднички македонско-кинески научно истражувачки проекти со наслов „Како најдобрите универзитети ги менаџираат иновациите? Збир на најдобрите практики за менаџирање на процесите на иновации и модел на креирање на одржливи генерации на иновации на универзитетите стратегија?“.
Три студенти од охридскиот универзитет учествувале на студиски престој во Кина преку повик на Министерството за информатичко општество и администрација и компанијата Хуавеи.
„Оваа програма се однесува на можност за наградување на петте најдобри студенти од ИКТ факултетите во Република Македонија“, ни одговорија од Универзитетот Св. Апостол Павле.
Воедно, двајца наставници од охридскиот универзитет во периодот од 2015 година до денес биле на привремен престој во Кина.
Преку барањата за информации од јавен карактер, Мета.мк доби информации и од Универзитетот Св. Климент Охридски од Битола, Универзитетот Мајка Тереза во Скопје и Државниот универзитет во Тетово.
Универзитетот Св. Климент Охридски и Универзитетот Мајка Тереза немале размена на студенти со кинески универзитети. Битолскиот универзитет има потпишано еден Меморандум за соработка за воспоставување инкубатор за младински иновации и претприемништво со Глобал институтот за проучување на Патот на свилата, Универзитет Нотингем Нинбо од Кина.
Скопскиот универзитет Мајка Тереза нема склучени договори, меморандуми или други документи за соработка со кинески институции, а во периодот од 2015 година до денес само еден професор бил на привремен престој во Кина.
Од Државниот Универзитет во Тетово за Мета.мк информираа дека нема студенти и наставно-научен кадар од оваа високообразовна установа кој во периодот од 2015 година до денес бил на размена или друга форма на престој во Кина. Тетовскиот универзитет досега нема склучено договори, меморандуми или друг документ на соработка со кинески универзитети, истражувачки центри или со кинеската држава.
Приватните универзитети со инцидентна соработка со Кина
Мета.мк ги доби и одговорите од најголемиот дел од приватните високообразовни установи во земјава. Во споредба со македонските државни универзитети, од добиените одговори преку испратените барања за пристап до информации од слободен карактер забележливо е дека соработката со Кина е значително помала кај приватните универзитети.
Па така, Универзитетот на Југоисточна Европа од Тетово има склучено само еден договор во 2018 година со Универзитетот Ланжоу Џиаотонг за размена на студенти и наставен кадар, учество во транснационални проекти, како и размена на добри практики. Овој тетовски универзитет имал само два члена на академскиот кадар кои досега биле на престој во Кина.
Кај Универзитетот Американ Колеџ од Скопје, во периодот од 2015 до денес само еден професор бил на привремен студиски престој на Универзитет во Пекинг. Овој универзитет нема склучени договори, меморандуми или други документи за соработка со кинески универзитети или институции.
По однос на соработките со институции од Кина, Универзитетот ЕУРОПА ПРИМА во 2016 година бил партнерска институција во организацијата на фестивалот на кинематографиите на Централна и Источна Европа во Нингбо, како дел од Фестивалот на кинематографиите на Југоисточна Европа.
Од добиените одговори, може да се констатира дека никаква соработка со кинески институции, во делот на размена на студенти и академски кадар на универзитетите со Кина, или пак склучување на договори, меморандуми и други договори за соработка немале: Меѓународниот балкански универзитет од Скопје, Еуро Колеџот од Куманово, Меѓународниот универзитет Визион од Гостивар, Меѓународниот Славјански Универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Свети Николе, Бизнис Академија Смилевски-БАС од Скопје, Универзитет за туризам и менаџмент од Скопје, Американскиот универзитет на Европа-ФОН од Скопје и Меѓународниот универзитет од Струга.
МОН: 40 студенти биле на магистерски и докторски студии во Кина за осум години
Од Министерството за образование и наука (МОН) за Мета.мк информираат дека 40 македонски студенти заминале редовни магистерски и докторски студии или на едногодишна специјализација за учење на кинески јазик и литература во периодот од 2015 година до денес. Дополнителни информации за додипломски студии не ни доставија.
На веб-страницата на ова министерство секоја година се објавува Конкурс за доделување на вакви стипендии за македонски студенти, врз основа на добиена нота од Кинеската амбасада во Скопје.
Во однос на можностите за стипендирање кои ги нуди Кина за запишување на македонски студенти на универзитетите и истражувачките центри во оваа земја, од МОН објаснуваат дека изминативе години имало уште неколку конкурси што биле објавени.
Спогодба за соработка меѓу македонското и кинеското Министерство за образование била потпишана на 5 декември 2007 година. Во почетокот, кинеската страна имала годишна квота до 5 стипендии за македонски студенти за додипломски и магистерски студии и специјализации во Кина. Веќе на Конкурсот што бил објавен за учебната 2019/2020 година, биле доделени вкупно 22 стипендии за студирање или специјализација на кинеските државни универзитети.
Во академската година 2019-2020 година, бил објавен конкурс за доделување на 75 едногодишни стипендии наменети за истражување за студенти од сите земји-членки на УНЕСКО преку заедничката програма за стипендирање на УНЕСКО и Кина – The Great Wall, информираат за Мета.мк од МОН.
Дополнително, кинеското Министерство за трговија за македонски студенти спонзорирало Програми за последипломски и докторски студии на државни универзитети во Кина за академската 2022/2023 година, во времетраење од 1 до 3 години. Една година претходно, Конкурс за доделување до три стипендии имало од Школото за јавно здравје Ванке при Чинхуа Универзитетот за програмата на мастер студии по јавно здравје.
Сите горенаведени податоци добиени од Македонското образование и наука и од универзитетите, сепак, укажуваат дека влијанието на Кина во македонското високо образование има тренд на пораст во изминативе години. Во овој случај не треба да се изостави од предвид укажувањето на Глобалниот индекс на мека моќ, кој идентификувањето и тестирањето на главните наративи на меката моќ, односно мерењето на степенот во кој тие наративи наоѓаат одзив во јавното мислење го врши преку седум категории. Токму категоријата oбразование и наука е една од нив.