Аналитичарот Џилберт Докторов во видеото од постот не презентира ниеден извор за неговото тврдење дека при ракетниот напад на Русија биле убиени генерали на НАТО, скриени во бункер во Украина. Неговото единствено атрибуирање е на „Русите“. Според официјални украински лица, базите на НАТО се отвораат само на територијата на земјите членки на Алијансата, а Украина нема ниту статус на кандидат на НАТО. Од Министерството за одбрана на САД за странски проверувачи на факти тврдењата дека наводно бил погоден бункер со НАТО офицери ги оцениле како невистинити, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:
25.04.2023Оваа информација е НАЈГОЛЕМАТА од почетокот на војната. РАДИО МОЛК ОД МСМ медиумите.Зошто – затоа што како одмазда на нападот врз руски град, Русија употреби хиперсонична ракета која извади стратешки подземен бункер исполнет со шефови на НАТО.
Во склоп на постот се споделува интервју односно вклучување во телевизиска програма на Џилберт Докторов кој на телопот е потпишан како „независен меѓународен аналитичар“. Во своето обраќање во телевизиската програма Докторов вели:
Откако Украинците исценираа саботажна мисија врз Брјанската област (дел од Русија) во којa загинаа неколку луѓе, Русите изведоа одмазднички напад во кој првпат користеа шест хиперсонични проектили Кинжал. Еден од нив удри во близина на Лавов. Таа ракета успеа длабоко да уништи цементен бункер во којшто се наоѓале 300 топ западни и украински офицери кои менаџирале во име на НАТО во Украина. Русите вчера дискретно обелоденија дека 200 од нив се убиени – високи генерали и високи НАТО офицери.
Европската платформа за демократски избори, го карактеризира Докторов (аналитичарот во видеото од постот) како политички пристрасен. Изјавата на Докторов дека ракета погодила бункер со 300 НАТО офицери во Украина, следува после рускиот ракетен напад на Украина кој се случи на 9 март 2023 година, кога Москва употреби хиперсоничен проектил.
Но, на 27 април 2023 година Министерството за одбрана на САД (U.S. Department of Defense), преку својот портпарол, мајор Чарли Диец, во мејл за проверувачите на факти на Лид Сторис за тврдењата дека наводно бил погоден бункер со НАТО офицери, вели:
Сите овие тврдења се невистинити. Русија ужива во креирањето дезинформации.
Проверувачите на факти на Стоп Феик, пишуваат дека на 9 март 2023 година, Русија изведе масовно бомбардирање на територијата на Украина, вклучително и во регионот на Лавов. Според Јури Игнат, портпарол на воздухопловните сили на Украина, на 9 март Русија употреби 6 кинжал хиперсонични ракети во Украина. Како што изјави претседателот на територијалната општина Золочив, Игор Гринков, една од ракетите го погоди Золочив.
Но, овој ракетен напад не удри во бункер на НАТО под земја туку во две станбени згради во селото Болшаја Олшаница и како резултат на тоа починаа пет лица, пишуваат проверувачите на факти на Стоп Феик.
Оттаму додаваат дека „самата теорија дека постои некаков таен НАТО бункер во Лавов е апсурдна“.
Лавов е лоциран на 50 километри од границата со Полска, земја членка на НАТО. Многу е логично дека ако има состаноци на генерали на НАТО и на Вооружените сили на Украина, тогаш тие би се одвивале на безбедна територија на земја членка на НАТО, пишуваат проверувачите на факти на Стоп Феик.
Во постот што го рецензираме, аналитичрот Џилберт Докторов, не презентира ниеден извор за неговото тврдење дека при ракетниот напад кој Русија навистина го спроведе – биле убиени генерали на НАТО скриени во бункер во Украина. Неговото единствено атрибуирање е на – „Русите“. Оваа дезинформација беше пласирана и во грчки медиуми, а и во медиуми блиски на Кремљ.
Советникот на шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Серхи Лешченко изјави:
Базите на НАТО се отвораат само на територијата на земјите членки на Алијансата, а Украина нема ниту статус на кандидат на НАТО.
Проверувачите на факти на Гвара Медиа, пишуваат дека до 30 март дури ни во водечките про-Кремљ медиуми немало написи за непостоечкиот напад и уништување на НАТО база во Украина.
Би било многу тешко за која било држава да скрие такви големи човекови загуби од 300 луѓе, особено ако се странски државјани, пишуваат од Гвара Медиа.
Што се однесува на локацијата на НАТО базите, според Уставот на Украина, односно членот 17 од истиот, странски воени бази не смее да се лоцирани на територијата на Украина.
Инаку, ракетите Кинжал во руската пропаганда се прикажани како непобедливи и дека „се ноќна мора на Западот“. Се оди дотаму што се пласираат апсолутни невистини дека претседателот на САД, Џо Бајден, наводно изјавил дека „се плаши од Кинжал“
Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Не е точно дека Кинжал ракета погодила бункер исполнет со шефови на НАТО во Украина.