Во објавата манипулативно се тврди дека Путин не е виновен за војната којашто Русија ја води на територијата на Украина која е автономна, суверена и независна држава. Русија под негова команда пред повеќе од една години изврши воена инвазија врз Украина, што е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда. Затоа и Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг издаде налог за апсење на Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за руските воени злосторства во Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост на Фејсбук кој изнесува манипулативни тврдења во врска со војната во Украина. Постот, меѓу другото, тврди дека рускиот претседател Владимир Путин не е виновен за војната, што е невистина.
РУСИТЕ ГИ СМЕТАТ УКРАИНЦИТЕ КАКО НИВНИ ПРАВОСЛАВНИ БРАЈКА А ТИЕ ШТО ТРГНАЛЕ ПО ПАТОТ НА САТАНАТА ПУТИН НЕ Е КРИВ ИМА ТАКВИ И ВО МК, пишува во постот.
Во објавата манипулативно се тврди дека Путин не е виновен за војната којашто Русија ја води на територијата на Украина која е автономна, суверена и независна држава. Целта на овој наратив е преку манипулација да се оправда руската инвазија на Украина.
Русија пред повеќе од една години изврши воена инвазија врз Украина и таму секојдневно гинат голем број војници и цивили. На 24 февруари 2022 година Русија започна ракетни напади на локации низ цела Украина, вклучително и главниот град Киев. Руски копнени сили влегоа на украинска територија, по што претседателот на Украина, Володимир Зеленски одговори со воведување воена состојба, прекин на дипломатските односи со Русија и општа мобилизација. Оваа инвазија е најголем воен напад во Европа после Втората светска војна и е предмет на широка меѓународна осуда, како и санкции против Русија.
Украина не ја нападна Русија, туку Русија ја нападна Украина. Следствено Украина има право да се брани, а сојузниците доставуваат воена и парична помош за Украина, како и хуманитарна помош за цивилите и раселените лица.
Дополнително, Европската Унија (ЕУ) основа Центар за судско гонење на руските злосторства на агресија врз Украина (ICPA) – нов трибунал специјализиран за истраги и процесуирање на руските злосторства извршени за време на агресијата врз Украина.
Неговата главна цел, како што објави Европската комисија, е да ги зајакне истрагите за кривичните дела произлезени од агресијата преку обезбедување клучни докази и олеснување на процесот на градење на случаи во рана фаза.
Агенцијата на Европската Унија за соработка во областа на кривична правда, Европравда (Eurojust) , како што најави претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, го поддржува новиот Меѓународен трибунал и ќе треба да обезбеди правна, оперативна и логистичка поддршка.
Тврдењето дека Путин не е виновен за војната е бесмислено. Тој е лидер на Русија и врховен комндант на оружените сили и под негова команда воено е нападната соседна земја која е независна и суверена.
Затоа и Меѓународниот кривичен суд со седиште во Хаг издаде налог за апсење на рускиот претседател Путин, обвинувајќи го дека е одговорен за руските воени злосторства во Украина.
Налогот за апсење на Путин се темели на сомнежите за нелегална депортација на деца и за нелегален трансфер на луѓе од Украина на територијата на Руската Федерација. Налог за апсење по истите обвиненија е издаден и за Марија Алексејевна Лвова-Белова, руската комесарка за правата на децата.
Извештаите за кршење на човековите права од страна на руските вооружени сили во текот на војната против Украина, исто така, доведоа до последици за Русија и од страна на Обединетите нации. Генералното собрание во април минатата година гласаше за да ја исфрли Русија од Советот за човекови права на ОН. Со 93 гласа „за“, 24 „против“ и 58 воздржани, собранието ја суспендираше Русија поради „грубо и систематско кршење на човековите права“ и „кршење на меѓународното право извршено против Украина“.
Особено проблематичен дел во објавата е што се тврди дека Украинците тргнале „по патот на сатаната“. Што ова значи? Каков е тој пат на сатаната? Кој и како одлучува што е сатана?
Ваквите наративи за „сатаната“ доаѓаат од руската страна во обид да ги оправдаат злосторствата што ги вршат на туѓа територија, како и илјадниците загинати од двете странии, деца останати како сирачиња и милиони раселени лица.
Во ноември минатата година, поранешниот руски претседател Дмитриј Медведев рече дека Москва води света војна против сатаната и предупреди дека Русија е способна да ги испрати своите непријатели во пеколот. Во пораката по повод Денот на националното единство на Русија на 4 ноември, Медведев, сега заменик-претседател на Советот за безбедност на Русија, рече дека задачата на татковината е:
Да го запре врховниот владетел на пеколот, кое и име да го користи – Сатана, Луцифер или Иблис.
Војната која започна пред повеќе од една година однесе илјадници животи, милиони луѓе се раселени, ја потресе глобалната економија и повторно ги отвори поделбите од времето на Студената војна, како што е стравот од нуклеарна војна. Според сите наведени факти, констатираме дека тврдењето дека Путин не е виновен за ова, е целосно неточно.