Украинскиот војник Курт не е поврзан со ИСИС

Published on:

Во постот што го рецензираме се пропушта контекстот, во него се изоставени важни информации, односно не е кажано дека амблемот е трофеј собран од друг војник, а војникот Курт само го носи на својата униформа без да има корелација со ИСИС, како што самиот тврди. Во видеото од интервјуто со Курт за Полиграф инфо, може да се види дека тој е колекционер на амблеми и дека има повеќе кои ги носи и во моментот кога ја дебанкира дезинформациската пропаганда во руските медиуми, пренесена и во оваа објава на Фејсбук, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

16.02.2023
Украински војник се појавува на данскиот ТВ канал со шеврон на ИСИС видлив на ракавот.

Имено, на 13 февруари, Асошиејтед Прес објави  видео на коe се гледа украинската армиска единица на фронтот. На една од тие фотографии се гледаше маж кој носеше униформа со повеќе налепници на рамото. Асошиејтед прес го идентификуваше војникот како украински командир на единицата Курт. На  една од сликите, името Курт може да се најде на шлемот на човекот.

Една од налепниците на униформата на Курт им го привлече вниманието на Раша Тудеј кои објавија дека Курт носи униформа, а на левото рамо има нешто што многу личи на логото на терористичката група ИСИС, за што Раша Тудеј изведе и заклучок дека има „врски меѓу ИСИС и украинската армија“.

Проверувачите на факти Полиграф инфо, го пронајдоа и го интервјуирраа украинскиот командир од фотографиите на Асошиејтед прес. Војникот Курт објасни дека нема никаква врска или поврзаност меѓу него и ИСИС, туку дека е колекционер на различни налепници и ги носи како трофеи. Според неговите зборови во интервјуто, Исис налепницата е трофеј што го зел од униформа на загинат човек – платеник, припадник на Вагнер.

За време на видеоинтервјуто за Полиграф, Курт го потврди својот идентитет, го покажа шлемот и налепницата онакви какви што се појавија на фотографиите на Асошиејтед Прес. Тој потврди дека е колекционер на разни амблеми исто како и повеќето од неговите колеги, кои се на боиштата од 2014 година кога Русија ги испрати своите војници преправени како да се локални партизани – во источна Украина.

Украинската армија нема буквално ништо поврзано со ИСИС или било која друга терористичка група. Ние си ја браниме нашата татковина од вистинскиот терорист кој е Русија и тоа го правиме девет години по ред. Ни ја нападнаа државата и се обидуваат да ни ја дискредитираат државата и армијата пред другите држави. Украинците не се Руси. Имаме 24 војни со Русија и оваа ќе биде последната за Русија. Веќе ја имаме добиено војната, изјави Курт. ( од 4,11 до 4,59 минута од видеото)

Тој додаде дека вистинските пријатели на Украина нема да ѝ го свртат грбот и дека нема да и поверуваат на пропагандата.

Доаѓаат тука, со нивното оружје. Гледаат некаков амблем на мојата униформа и се обидуваат тоа да го претстават како да се бориме со или од страната на ИСИС. Тоа е делириум. Украина никогаш нема да и се предаде на Русија. Колку украински цивили се загинати, колку украински војници убија? Зошто би морале да го прават тоа? Никогаш нема да им се предадеме, под никакви околности. Какви и налепници да носиме, ние сме вооружените сили на Украина. Нема да успеат да не дискредитираат, вели Курт во видеото.


Иако тврдењата за наводни терористички врски е рециклирана тема на руската антиукраинска дезинформациска пропаганда со години, Москва никогаш нема презентирано докази за таквите наводни врски.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека во постот што го рецензираме  се пропушта контекстот, во него се изоставени важни информации, односно не е кажано дека амблемот е трофеј собран од друг војник, а војникот Курт само го носи на својата униформа без да има корелација со ИСИС, како што самиот тврди. Во видеото со интервјуто со Курт, може да се види дека тој е колекционер на амблеми и дека има повеќе кои ги носи и во моментот кога ја дебанкира дезинформациската пропаганда во руските медиуми, пренесена и во постот што го рецензираме.

hubmk

 

Related