Не е точно дека маска-фигура која го претставува украинскиот претседател Зеленски онака како на фотографијата од постот што се споделува на Фејсбук, некогаш се појавила на карневалот Виареџио. Станува збор за компјутерски изменета фотографија. Оригиналната фотографија е направна во март 2003 година на карневалот во Диселдорф и на неа се гледа маска која ја прикажува Ангела Меркел како излегува од задникот на чичко Сем со американски знамиња во рацете, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се споделува фотографија за којашто се вели дека ја претставува:
Вистината за Украина искажана преку една единствена карикатура.
На самата фотографија пишува дека е од „карневалот Виареџио во Италија“. На неа се гледаат многу луѓе, но доминантен фокус е една прилично невкусна, вулгарна маска-фигура, поставена на подвижна платформа на којашто го има и ликот на украинскиот претседател Володимир Зеленски. Тој е претставен како излегува од задникот на чичко Сем, како персонификација на САД.
Но, како што пишуваат проверувачите на факти од Италија од сајтот Факта, оваа карневалска фотографија не е реална туку компјутерски изменета. На карневалот Виареџио во Италија кој се одржа од 4 до 25 февруари годинава, немало ваква маска или карикатурална претстава на Зеленски. Според италијанските проверувачи на факти станува збор за компјутерски модифицирана фотографија.
Фотографијата е изменета, таа е стара речиси 20 години и нема никаква поврзаност со Виареџио. На оригиналната фотографија не се појавува украинскиот претседател, туку е прикажана сцена од карневалската прослава одржана на 3 март 2003 година во Диселдорф, а една фигура ја прикажува Ангела Меркел како излегува од задникот на чичко Сем. Во тоа време Меркел уште не беше канцеларка…, пишуваат проверувачите на факти на сајтот Факта.
Карневалот Виареџио повеќе од 150 години е најспектакуларниот италијански настан и сведоштво на артистичниот дух на Италијанците ширум светот. Од 1987 година, карневалот го организира Фондационе Карневале. Карневалот се случува еднаш годишно и претставува голема забава со музика, танцување, парада, а симбол на карневалот се џиновски кукли коишто претставуваат најразлични фигури од ликови од приказни и сказни, до локални и странски политичари од целиот свет. Некои од куклите се високи и по 20 метри.
На карневалот секоја година доаѓаат повеќе од 800 илјади гости, а како дел од активностите има и музички комедии и голем огномет.
Конкретно, оваа година – 2023, повеќе италијански медиуми, вклучително и телевизиски куќи имаа свои прилози и медиумски известувања за традиционалниот карневал, каде на вистинските снимки од настанот може да се види дека немаше кукла како таа на фотографијата од постот што го рецензираме. На пример, во ова медиумско известување од телевизијата Нои ТВ, може да се види дека победник на карневалот оваа година е фантастична приказна од Јакопо Алегручи. Делото ја слави имагинацијата која станува реалност.
Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно оти маска – фигура која го претставува Зеленски како на фотографијата од постот, некогаш се појавила на карневалот Виареџио. Фотографијата е компјутерски изменета. Оригиналната фотографија е направна пред 20 години на карневалот во Диселдорф и на неа се гледа маска којашто ја прикажува Ангела Меркел со американски знамиња во рацете како излегува од задникот на чичко Сем.