Фотографија од филмот „Тврдина на војната“, во која може да се види мало девојче во близина на нејзината убиена мајка, е споделено во неколку објави на Фејсбук и Твитер, и истата се поврзува со бомбардирањето на НАТО во поранешна Југославија. Во објавите лажно се пишува дека фотографијата е направена за време на бомбардирањата на НАТО, пренесува „Вистиномер“.
Мисијата на Русија во Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), во обид да го илустрира нападот на Северноaтлантската алијанса (НАТО) во поранешна Југославија во 1999 година, споделува фотографија која всушност е направена во 2003 година во Ирак, односно четири години подоцна.
KALLXO.com, во истражувањето спроведено за Центарот против дезинформации на Западен Балкан, предводено од Фондацијата Метаморфозис, откри дека илјадници вакви материјали кои имаат за цел да го прикажат НАТО како агресор и неговата интервенција како криминална, се наоѓаат на интернет и продолжуваат да се објавуваат и преобјавуваат на социјалните мрежи. Само во последната година, континуирано се објавуваат написи на српски јазик во кои се зборува за „злосторствата“ на НАТО во Србија и во Косово.
Написите, кои најчесто се на српски јазик, имаат за цел да влијаат на српските граѓани на Косово, кои претежно се информираат од медиумите со седиште во Србија.
На албански јазик има малку написи кои промовираат наративи против зачленувањето во НАТО. Оваа организација и понатаму има позитивен имиџ во јавноста, по бомбардирањето на поранешна Југославија во 1999 година.
Но, во медиумите на албански јазик и во објавите на социјалните мрежи, има зголемување на објавите против Европската Унија, од кои најголем дел се поврзани со доцнењето на укинувањето на визите за Косово.
Покрај наративот против ЕУ и некои земји кои ја условуваа визната либерализација, некои портали објавија лаги околу извештаите за интеграциите и либерализацијата. Порталот lajme.buzz објави напис со наслов: ЕУ ги шокираше сите, му ја спушти на Албин Курти, ја брани Србија. Написот беше споделен на Фејсбук со навреди кон ЕУ. Насловот на веста беше лажен, исто како и хипотезите кои ги содржеше написот. Вестите од веб-страницата lajme.buzz се објавени на најмалку 10 страници на Фејсбук, со кои управува едно лице.
Од месец јули, од истите страници се споделени повеќе од 10 лажни вести, кои се оценети од страна на Крипометар.
Населено со 93 отсто Албанци и 7 проценти други заедници, Косово е меѓу земјите со најпроевропски наратив во регионот. Мерењата на терен покажаа дека над 90 проценти од граѓаните имаат став про-евроатлантските интеграции, додека проблемите на отфрлање на ваквиот став се појавуваат претежно кај српската заедница. За овие вторите, пропагандата и минатото создадоа поинаков пристап кон интеграциите.
Пет проценти од населението во Косово се Срби, чии претставници мора да го одобрат секој договор за интеграција на Косово во ЕУ и во НАТО. Косово има уставно уредување според кое важните договори мораат да бидат одобрени од 2/3 од пратениците на малцинствата.
Во оваа ситуација, групата која е најлесна за таргетирање се српските граѓани, чии претставници во иднина може да ги спречат евроатлантските интеграции на Косово.
Пребарувањата на интернет и автоматските филтри, исто така, покажуваат намери за влијание врз другите етнички групи во Косово.
Немањето визна либерализација и ограничениот напредок во европските интеграции ја зголемија пропагандата на Балканот, која има за цел да ги претстави интеграциските процеси како многу тешки.
Регистрирани се над 120 написи со наслов „Турција става вето во НАТО“. Во меѓувреме, имаше и други лажни вести кои беа поврзани со Турција, како што беше написот со наслов: „Албин Курти му ја спушти на Ердоган, алал му вера! Ние сме пријатели со Турција, но дијалогот ќе го одржиме во Брисел“.
Наративот претставен во овие наслови има за цел да покаже дека членството е невозможно поради политички проблеми.
Од друга страна, во некои медиуми на албански јазик се произведуваат лажни вести кои главно се насочени кон ширење дезинформации за можноста НАТО повторно да ја нападне Србија.
Во јули 2022 година, беше објавен напис со лажен наслов: Командантот на КФОР со изјава! Нема да си одиме од Косово сè додека Србија не ја прифати независноста. Написот е објавен на веб-страницата lajme.icu. Написот подоцна беше уреден, бидејќи истиот беше оценет како лажен на Фејсбук. На веб-страницата lajme.icu од јули наваму биле објавени неколку лажни вести и истите од Крипометар биле оценети како лажни.
Имало и други лажни објави за НАТО. Една таква објава со наслов „Состојбата во Украина, Премиерот Курти им дава „ултиматум“ на НАТО и ЕУ: Зачленето го Косово“, била оценета како лажна. На почетокот на војната во Украина биле објавени и други лажни написи, како оној со наслов „Лажна вест за двата услова кои Косово мора да ги исполни за членство во НАТО“.
Веб-страниците повторно објавија интервјуа направени во 2018 година, но додавајќи лажни елементи, како што беше случајот со написот со наслов: „Командантот на КФОР ги стресе Србите!: Косово да се признае инаку американските трупи ќе ги имате спроти вас цело време!“. „Крипометар“ потврди дека шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Србија, Чезаре Маринели, не кажал такво нешто. Згора на тоа, изворното интервју од кое потекнува оваа измислена вест е објавено во 2018 година.
Фиктивни портали и непроверени извори на информации на Косово шират наратив дека интеграцијата во ЕУ е невозможна и поради тоа што пет земји од ЕУ не го признале Косово.
Истражувањата и експертите предупредуваат дека бирократијата на европските елити и неспособноста на Косово да ја консолидира својата држава, овозможило проширување на руското влијание на Косово, особено кај српското население.
Во Косово во моментов нема точни податоци за националностите на луѓето кои живеат таму, бидејќи некои Срби одбија да учествуваат на пописот спроведен во 2011 година.
Според пописот на населението реализиран во 2011 година, во Косово 92,9% од населението се Албанци, 1,5% се Срби и 5,6% се „други“.
Во последните 20 години, се ширеше голема пропаганда меѓу Србите кои живеат на Косово, претежно со анти-НАТО и анти-ЕУ наратив.
Невладината организација „Демократија за развој“ (Д4Д) во текот на 2021 и 2022 година ги следеше онлајн порталите и социјалните мрежи.
Ален Мета, виш истражувач во оваа организација, вели дека врз основа на овој мониторинг, се констатира дека населбите населени со Срби биле цел на лажни вести заради пропаганда.
Тој рече дека пропагандата главно доаѓа од портали и медиуми кои имаат седиште во Србија, но има случаи кога вестите на „Раша тудеј“ и „Спутник“ завршуваат во косовските медиуми.
Мета тврди дека лажните вести кои се произведуваат во овие сомнителни медиуми во Србија понекогаш се преведуваат и на албански јазик.
Генерално, тоа има прилично големо влијание врз српските граѓани, вели Мета.
Една таква вест, првично објавена во медиумите во Србија, а потоа преведена и објавена во КланКосова, е веста со наслов: Американскиот амбасадор во Србија: Вршиме притисок врз Приштина за акцијата, да се сноси одговорност. „Крипометар“ утврдил дека веста не ја кажува целата вистина.
„Крипометар“ утврдил дека дел од изјавата на амбасадорот дека нема информации за акцијата што била во тек, во моментот на одговорот воопшто не била објавена. Дополнително, освен тоа што била пренесена како изјава на амбасадорот за акцијата на север, амбасадорот во својот одговор зборува и за случувањата воопшто. Тој, дури воопшто не рекол дека Приштина треба да сноси одговорност за последната акција. Говорејќи за акцијата што била во тек, амбасадорот рекол дека нема информации:
Што се однесува до инцидентот што се случи денеска, сè уште немаме доволно информации за да судиме.
Рамадан Илази, виш истражувач во Косовскиот центар за безбедносни студии (КЦБС), вели дека како и другите делови на Источна Европа, Косово доживува реакција против „условувањето на Западот“.
Според Илази, на Косово му е наметната уште поголема доза на условување од Западот отколку на другите земји, поради неговиот посебен процес на градење држава.
Реакцијата против условувањето на Западот во Косово е обликувана од зголемената фрустрација кај младите поради легитимитетот што им се дава на корумпираните политички елити – но и од општиот факт дека евроатлантскиот консензус не успева да обезбеди консолидација на државноста на Косово во странство. Наспроти ова, постои растечко чувство кај локалните актери за потребата Косоварите да преземат своја одговорност.
Косово – Исток или Запад?
Во Косово доминираат два наративи. Прозападен (ЕУ, НАТО и Соединетите Американски Држави) и антизападен (Русија и Кина).
Демократскиот институт на Косово (ДИК), невладина организација со седиште во Косово, спроведе истражување на јавното мислење за ставот на граѓаните на Косово во однос на европската интеграција.
Со мерење на мислењето преку еден прашалник, ДИК констатира дека околу 52 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ направила многу малку за да го поттикне патот на Косово кон членство во ЕУ.
Подеднакво висок процент, околу 29 отсто, ги оценуваат како просечни напорите на ЕУ за унапредување на патот на Косово кон членство, додека само 18 отсто од испитаниците сметаат дека ЕУ направила многу за да го забрза процесот за членство.
За Беким Чолаку, поранешен министер за евроинтеграции, суштинскиот проблем во односот Косово-ЕУ е непризнавањето од страна на петте земји-членки.
Според него, тоа ја оневозможило ЕУ да има единство и да го третира Косово како држава, а како резултат на тоа Косово е последно во регионот во процесот на интеграција во ЕУ.
Како резултат на тоа, патешествието на Косово кон ЕУ е и останува исклучително тешко, вели тој.
Дискриминацијата на ЕУ кон Косово во процесот на визна либерализација е најдобар доказ за погрешниот пристап на Унијата.
Сите овие случувања секако ја ослабнаа довербата на граѓаните на Косово во ЕУ. Како резултат на тоа, кредибилитетот на ЕУ континуирано се деградира. Сепак, целта на Косово за членство во ЕУ останува непроменета, вели Чолаку.
Имајќи го предвид големото влијание на српските медиуми врз српските граѓани на Косово, како и „матниот“ однос меѓу Косово и ЕУ, се создаде простор за изградба на анти-НАТО и анти-ЕУ наративи на Косово.
Косовскиот институт за истражување и развој на политики (КИИРП), во 2020 година ги мониторираше објавените вести поврзани со Косово од голем број српски и руски медиуми, вклучително и од Министерството за надворешни работи на Руската Федерација и Кремљ.
Избраните српски медиуми кои беа набљудувани беа „Танјуг“, „Информер“, „Новости“, „Курир“, „Б92“, „Политика“ и „Наша Борба“, додека соодветните избрани медиуми од руско потекло беа „Раша тудеј“, „Спутник интернешнал“, „Спутник Србија“, „Медуза“, „Русија инсајдер“, „ТАСС“, „Москва тајмс“, „Њузфронт“, „Унз“, „Дјуран“ и „Правда Репорт“, како и руското Министерство за надворешни работи и Кремљ.
Според КИИРП, деконструкцијата на вестите покажува дека дезинформациите на избраните српски медиуми имале за цел создавање и зајакнување на наративи за разнишување на темелите на законитоста на државноста на Косово и негирање на правото да остварува суверенитет како независна држава.
Згора на тоа, интересна димензија на овие вести кои содржат дезинформации, според КИИРП, се обидите за промена на наративите за војната во Косово, преку негирање на воените злосторства извршени од Белград на Косово, претставувајќи ги Србите како единствени жртви и НАТО како агресор кој извршил воени злосторства. Имало вести кои нереално го зголемувале бројот на српските жртви во војната на Косово или ја претставувале војната на косовските Албанци за независност како верска војна, а ОВК како исламистичка воена формација.
Лидерот на овој Институт, Љуљзим Пеци, вели дека овој наратив, кој во основа е анти-НАТО и анти-ЕУ, почнал одамна.
Овој анти-НАТО и анти-ЕУ наратив постоеше уште од почетокот на кризата во поранешна Југославија. Тоа значи дека овие наративи се градени од белградските медиуми повеќе од 30 години, и како такви се вградени во главите на генерации луѓе таму, вели тој.
Овие анти-ЕУ и анти-НАТО наративи, според него, продолжуваат и денес кога ЕУ е еден од најголемите инвеститори во Србија, но и САД се важен инвеститор.
Овие инвестиции не одиграа силна улога во менувањето на овие наративи, вели Пеци.
Тој истакнува дека истите тешкотии постојат и во Косово, бидејќи српското население главно е информирано од медиумите со седиште во Србија.
Тоа го поткрепува со фактот дека ЕУ и меѓународната заедница имаат инвестирано многу во местата каде што живеат Србите во Косово, но пристапот кон нив останал ист.
Пеци вели дека и српското население на Косово е под големо влијание на руската пропаганда.
Како перцепција, она што го гледаме во јавноста, српските граѓани на Косово се повеќе проруски ориентирани, објаснува тој.
Понатаму, тој вели дека со создавањето на ‘српската листа’ е попречена и слободата на мислата.
Реално, политички плурализам меѓу Србите во Косово не постои од создавањето на ‘српската листа’, а тоа нe спречува да видиме или да согледаме што навистина чувствува српското население тука, вели тој.
Но, Пеци смета дека и дискурсот меѓу косовските Албанци е проблематичен.
И во Косово имаме такви наративи кои не се силно прозападни во нашите медиуми, дури ни од политички експоненти на нашето општество, така што сме во ситуација, која јас ја нарекувам пост-историска, која се однесува на само на ставот кон НАТО и ЕУ, туку се однесува на промена на наративите, на тоа што се случило.
Лажните вести, најдобар метод за создавање лажен наратив
Вестите со кои српските портали и таблоиди го хранат населението од српска националност на Косово, често се искривени, изобличени и со полувистинити факти.
Главно, темата на лажните вести е поврзана со национализмот, анти-НАТО наративот, ОВК и воопшто за државноста на Косово.
На пример, медиумот „Србизасрбе„ на 24 март 2018 година, на годишнината од интервенцијата на НАТО на Косово, објави напис во кој интервенцијата на НАТО ја нарече „криминална агресија врз нашата татковина“.
Во 1999 година, западната цивилизација покажа дека медиумската пропаганда може да жигосува цел народ и да ја доведе означената жртва во смртна опасност. Бомбардирањето со осиромашен ураниум ја прави криминалната акција уште погрозоморна, бидејќи не може да се утврди точниот број на жртви. Деветнаесет години по бомбардирањето, се молиме за успокојување на душите на жртвите и гледаме како историјата се прекројува и како агресијата врз нашиот народ продолжува во други форми“, се вели во овој напис, кој не се заснова на ниту еден точен извор на информација.
Од невладината организација на српски јазик со седиште во Северна Митровица, Алтернатива, велат дека кога зборуваме за медиуми и информирање на граѓаните од српска националност на Косово, треба да се прави разлика меѓу медиумите во Белград и оние во Косово.
Ана Марија Ивковиќ од оваа организација вели дека косовските медиуми на српски јазик се значително повнимателни во нивното известување, отколку белградските медиуми.
Наративите против ЕУ и НАТО најмногу ги објавуваат таблоидите и некои прорежимски медиуми во Србија. Ваквите вести имаат за цел да ја манипулираат јавноста, да шират страв кога владата во Белград треба да донесе и да спроведе непопуларни одлуки или кога треба да се зголеми рејтингот на владејачката партија (СНС), вели Ивковиќ.
Друг пример за пропаганда на српскиот национализам може да се види кај медиумот „Београд.ин“, кој на 19 мај 2020 година објави напис за интервенцијата на НАТО. Истиот напис беше споделен на социјалните мрежи во 2022 година. Во овој напис, тројца поранешни воени лица зборуваат за „агресијата на НАТО и битката кај Кошаре и Паштрик“.
Во написот се наведува дека до 2012 година овие теми биле забранети и дека „Александар Вучиќ беше прв кој проговори за агресијата и бомбардирањето на земјата и тие настани ги нарече со нивното вистинско име“.
Така, тројцата поранешни српски воени лица го пропагираа наративот против НАТО, користејќи национализам. Истиот медиум објави лажна вест, искривувајќи ја изјавата на еден поранешен војник на ОВК.
Од друга страна, Аљбана Реџа од невладината „Демократија плус“, вели дека врз основа на последните анкети што ги објавила канцеларијата на НДИ во Косово, косовските Срби имаат позитивно мислење за Русија и за Кина, за разлика од Албанците кои имаат позитивно мислење за САД, НАТО и за ЕУ, а спротивно за Русија и за Србија.
Според Реџа, косовските Срби, на прашањето дали би гласале за членство во ЕУ и НАТО, повеќето одговориле негативно, за разлика од Албанците кои одговориле позитивно.
Овие ставови го одразуваат континуираното злонамерно влијание на надворешните актери како што се Русија, Кина или Србија, преку разни онлајн портали кои шират различни дезинформации, со цел да се задржат овие негативни ставови кон западните сили од една страна, а од друга страна да се зајакнат позитивните ставови кон Кина и главно кон политиките на Русија, вели Реџа.
Според Ален Мета од Д4Д, од дискусиите што оваа организација ги имала со српските граѓани и со српските невладини организации, било забележано дека тие потпаѓаат на влијанието на вестите кои имаат за цел искривување на информациите.
Забележавме дека и во прашањата, но и во одговорите на српските граѓани преовладува овој наратив кој го креираат српските портали против НАТО и ЕУ и цело време гледате како српските граѓани воопшто, се повикуваат и се базираат на некој начин на овие создадени наративи и цело време се против НАТО, против ЕУ, вели Мета.
Ова не влијае само на српските граѓани на Косово, бидејќи тој вели дека истиот наратив го видел за време на разните дискусии што ги имал во Белград.
Недостиг од истраги
Косово е во дилема да одреди кои инстанци треба да се занимаваат со проблемите што ги предизвикуваат лажните вести.
Долго време институциите на Косово немаа стратешка визија за справување со овој проблем. Како резултат на тоа, институциите немаат механизми кои можат да ги анализираат и да им се спротивставуваат на лажните вести и на пропагандата.
Стратегијата против тероризмот во Косово предвидуваше изготвување стратешки план кој ќе се спротивстави на лажните наративи. Овој документ сè уште не е подготвен од имплементаторите на стратегијата.
Друг документ кој чека одобрување е Националната стратегија против сајбер криминал. И овој документ е во фаза на изработка и предвидува развој на активности за спречување на споделување на лажни информации.
Слично, Стратегијата за национална безбедност има за цел да развие активности на оваа тема, но истата беше одобрена неодамна.
Меѓу најважните предизвици е недостигот од истраги за изворите на финансирање на фиктивните портали.
Дел од веб-страниците кои имаат за цел да влијаат на Косово, воопшто не се регистрирани во Косово. Некои од лажните вести кои ги откри „Крипометар“ се направени од сајтови кои се регистрирани во Северна Македонија. Објавените вести од овие страници претежно се однесуваат на Косово.
Во меѓувреме, има и многу портали и страници на Фејсбук кои генерираат приходи, но кои не се регистрирани како бизниси, како што налага законот.
Даночната управа на Косово сè уште нема капацитет да ги открие и гони овие фиктивни портали, кои немаат адреса и не се регистрирани како бизниси, иако успеваат да остварат приходи од нивната активност.
Сепак, ДУК и другите институции немаат направено истрага или објава од каде се финансираат онлајн медиумите. Надворешните реклами, приходите од социјалните мрежи или од AДД не се следат и не се оданочуваат од ДУК.
Други податоци покажуваат дека нивото на исплата во „кеш“ во Косово е висока. Во една студија направена од проект на Европската комисија се наведува дека нивото на сивата економија во Косово е околу 30 отсто од БДП.
Во студија објавена во 2020 година од Глобалната иницијатива се вели дека во Косово во голема мера има перење пари, главно во градежниот сектор, во трговијата на мало и во услугите како на пример „кол-центри“ или такси.