Не е точно дека Германија ја води „својата трета светска војна“ против Русија

Published on:

Германија не е страна во војната којашто Русија ја започна со Украина. Тоа го потврдува интернационалното право – да се стане страна во воениот конфликт бара формална декларација за војна или директно учество во специфични борбени операции. Од германската амбасада во Москва се децидни дека „помагањето на Украина да го одржи правото на самоодбрана против руската нелегална војна и агресија не ја прави Германија завојувана страна“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук во кој се вели:

Германија ја води својата трета војна против Русија за еден век. И сите знаеме како помина.

Германија не е страна во воената инвазија којашто Русија ја започна врз Украина. Тоа го потврдува интернационалното право – дека ниту Германија, ниту нејзините западни сојузници (партнери) не се завојувана страна. Но, сепак, Германија и НАТО сојузниците стануваат мета на руската пропаганда кoјашто резултира поради помошта и испораките на оружје во Украина (тенкови) како поддршка за Украина.

Откако германскиот канцелар Олаф Шолц реши да испрати Леопард 2 тенкови во Украина после долго двоумење, одговорот од руската влада беше брз.

Апсолутно не. Не смее да има војна меѓу Русија и НАТО, изјави тој.
Истата реторика Шолц ја одржува уште од 4 март 2022 година, кога изјави:
НАТО нема да учествува во војната во Украина. Ова би водело до драматична ескалација на оваа тешка состојба во Украина, којашто би претставувала огромна опасност. Затоа, тоа не би претставувало мудар чекор. Затоа нема да има решение коешто би водело до воена инволвираност на НАТО земјите во оваа конфронтација, изјави Шолц на 4 март 2022 година за ЗДФ.
Како што пишува Дојче Веле, легалниот концепт на „завојувана страна“ потекнува од интернационалното право од 19 и 20 век. Да се стане страна во конфликтот бара формална декларација за војна или директно учество во специфични борбени операции.

Облекувањето војнички чизми ( испраќањето војници н.з.)  би ја направило Германија завојувана страна. Но испораките на оружје  не се проблематични, пишува Дојче Веле.

Во Повелбата на ОН се вели:

Сите членки треба да се воздржуваат во нивните меѓународни односи од закана или употреба на сила против територијалниот интегритет или политичката независност на која било држава, или на каков било друг начин којшто не е конзистентен со улогата на ОН.

Русија го прекрши ова начело кога ја нападна Украина во февруари 2022 година. Повелбата на ОН уредува дека во таков случај, сите држави имаат право да се бранат, индивидуално или колективно. Германски експерти за Дојче Веле тврдат дека Русија е единствената страна којашто го злоупотребува интернационалното право.

Секој истрел кој Русија го стрела во Украина е продолжување на кршењето на меѓународното право. Русија ќе се однесува согласно со интернационалното право повторно, само кога ќе ги повлече своите војници во рамките на сопствената граница, изјави за Дојче Веле Маркус Крајевски, професоор за јавно меѓународно право во Ерланген Нинберг Универзитетот.

Дека состојбата е сензитивна, покажаа руските реакции на изјавата на германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок. За време на состанок во Стразбур таа повика на кохезија меѓу западните сојузници и рече:

Водиме војна против Русија, а не едни против други.

Нејзиниот избор на зборови предизвика турбуленции со оглед на тоа што политичарите од Западот, досега беа многу внимателни во истакнувањето дека поддршката на Украина не значи дека тие се страна во војната.

Одговорот од Берлин на обвинувањата стигнаа непосредно после оваа изјава:

Руската пропаганда продолжува да вади реченици, ставови, позиции на владата и нашите партнери и ги користи за свои цели, рече портпаролот на Министерството за надворешни работи на Германија.

Портпаролот додаде дека изјавата на Баербок е дадена во контекст на дискусии за унифицираниот став на ЕУ и НАТО против руската воена агресија во Украина.

Да се одговара на ова, не вреди според моето мислење. Единствената што ескалира овде е Русија. Според интернационалното право, Германија не е страна во конфликтот. Само во овој контекст треба да се разбере ставот на министерката за надворешни работи, додаде тој.

Амбасадата на Германија во Москва, исто така, негираше дека Германија е страна во конфликтот.

Помагањето на Украина да го одржи правото на самоодбрана против руската нелегална војна и агресија не ја прави Германија завојувана страна, напишаа оттаму.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е точно дека Германија ја води својата трета светска војна против Русија.
hubmk

Related