Силен земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер ја погоди јужна Турција рано во понеделникот, предизвикувајќи големи штети и убивајќи илјадници луѓе таму и во соседна Сирија. На социјалните мрежи набргу по земјотресот се ширеа теории на заговор дека тој не бил предизвикан од природата. Таква е и објавата што е предмет на оваа рецензија, којашто освен што неточно тврди дека земјотресот не бил природен, туку шири и невистини дека Турција ги напушта НАТО и преговорите со ЕУ и дека влегува во БРИКС, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Неколку часа по разорниот земјотрес во Турција, на социјалните мрежи започнаа да се споделуваат невистинити информации како и да се поттикнуваат теории на заговор за причината на земјотресот. Една таква теорија, објавена на Фејсбук, тврди дека земјотресот не бил природен, туку поттикнат од некои политички случувања. Оваа информација не е точна.
Socuvstvo za Turcija i Syria ama zemjotresov kako da ne bese priroden se cini, dali zatoa sto Turcija vleguva vo BRIKS, i go na pusta NATO i pregovorite za EU, ili….pak sum teoreticar na zagovor?, се вели во постот.
Силен земјотрес ја погоди јужна Турција рано во понеделникот, предизвикувајќи големи штети и убивајќи илјадници луѓе таму и во соседна Сирија. Земјотресот со јачина од 7,8 степени по Рихтер се случи во 4:17 часот по локално време, според Геолошкиот институт на САД. Се почувствувал и во Либан, Израел и Кипар. По земјотресот, неколку часа подоцна, следеше потрес со јачина од 7,5 степени, како и бројни помали потреси.
Спасувачките работници ги пребаруваат урнатините на зградите за преживеани, при ниски зимски температури, како и прекини на струја и вода.
На социјалните мрежи набргу по земјотресот се ширеа теории на заговор дека тој не бил предизвикан од природата. Таква е и објавата што е предмет на оваа рецензија, којашто освен што неточно тврди дека земјотресот не бил природен, туку шири и невистини дека Турција ги напушта НАТО и преговорите со ЕУ и дека влегува во БРИКС.
Што го предизвика земјотресот?
Турција се наоѓа на жариште за земјотреси.
Три тектонски плочи – арапската, анадолската и африканската плоча – се среќаваат во овој регион, и како тие што се лизгаат и се притискаат една со друга, создаваат триење и стрес што се ослободува како земјотреси, објаснува Јареб Алтавел, сеизмолог во Националниот Информативен центар за земјотреси во Колорадо.
Арапската плоча се движи кон север со брзина од околу 11 милиметри (нешто помалку од половина инч) годишно, вели Стивен Хикс, сеизмолог од Универзитетскиот колеџ во Лондон. Затоа Турција, која се наоѓа на плочата на Анадолија, е притисната на запад. Тоа движење значи дека Турција има две големи раседи од каде што потекнуваат земјотресите: раседот на Северна Анадолија долг речиси 930 милји (речиси 1.500 километри) и раседот на Источна Анадолија долг повеќе од 300 милји (повеќе од 480 километри).
Сејхун Пускулџу, сеизмолог и координатор на Турската фондација за земјотреси, со седиште во Истанбул, вели дека луѓето во Турција се многу свесни за нивната ранливост на земјотреси и дека овој земјотрес не е изненадување.
И покрај тоа што причините за разорниот земјотрес, кој не е прв во Турција, се добро познати, не се изненадување и има научни објаснување за потеклото на земјотресот, сепак тоа не ги спречува корисниците на социјалните мрежи да шират теории на заговор.
Атлантскиот совет предупредува дека има сè поголем број на објави на социјалните мрежи кои споделуваат теории на заговор за можниот „вештачки“ карактер на катастрофата, и дека тоа наводно се случува со цел да ја ослабат Турција по зголемените тензии со нејзините западни сојузници.
Овие малигни напори да се влијае на перцепцијата на јавноста за трагедијата треба да се сфатат сериозно, се вели во анализата на Атлантскиот совет.
Во јавноста се споделуваа и теории дека ХААРП-системот го предизвикал земјотресот, но беше брзо демантирано од турските експерти, велејќи дека таквите тврдења се „најголемата глупост што некогаш ја слушнале во своите животи“.
Такво нешто е невозможно и нема научни објаснувања за тоа што го тврдат, изјави Ахмет Ерџан, геофизичар од факултетот на ИТУ.
Во однос на вториот дел од статусот кој се осврнува на за наводните „политичките причини“ за земјотресот, има уште неколку дезинформации и шпекулации.
Во објавата се вели дека Турција „влегува во БРИКС“, но ова не е точно. Турција во последните неколку години покажа интерес да се приклучи на БРИКС, а тоа пред неколку месеци го потврди и претседателот на Меѓународниот форум на организацијата, Пурнима Ананд, кој откри дека Саудиска Арабија, Турција и Египет планираат да му пристапат на БРИКС за официјално членство и се подготуваат да аплицираат. Но, таа е далеку од формално членство.
Неточно е и тврдењето дека Турција излегува од НАТО. Ниту има ваква одлука, ниту се размислува за такво нешто.
Анкара не размислува да се повлече од НАТО, изјави пред две недели Омер Челик, портпаролот на Партијата на правдата и развојот (АК) на претседателот, Реџеп Таип Ердоган, откако во јавноста се ширеа такви шпекулации.
Ние се соочуваме со такви работи на секои избори (повици за прекин на членството на Турција во НАТО). Тоа не се работи за кои ќе се грижиме. Оние кои повикуваат да се прекине членството на Турција во НАТО, зборуваат бесмислено. Ова не доаѓа предвид. Ние сме една од земјите основачи на НАТО. Тие немаат право да кажуваат такви работи. Тоа што го велат би било луксуз за НАТО, рече тој во интервју за Си-Ен-Ен Турк.
Во однос на преговорите за членство во Европската Унија, не е точно дека Турција ги напуштила туку тие се во застој.
Од Унијата пред неколку месеци истакнаа дека загриженоста за човековите права, тензиите во Источниот Медитеран и неутралниот став на Турција кон Украина го попречуваат нејзиниот напредок кон членство. Во последниот извештај за напредокот на земјата, се вели дека Турција е клучен партнер во областите како што се миграцијата и борбата против тероризмот, но дека се оддалечува од стандардите што се потребни за влез во ЕУ. Турција е земја кандидат за членство во ЕУ од 1999 година, но преговорите за пристап не напредуваат со години. Но, тоа не значи дека Турција официјално ги напуштила преговорите, како што се тврди во објавата.
Покрај сите наведени факти, оценуваме дека невистинито е тврдењето дека земјотресот во Турција бил неприроден и дека Турција ги напушти НАТО и преговорите со ЕУ.