Пост на социјалните мрежи шпекулира со хеликоптерската несреќа во близина на Киев

Published on:

Постот шири паушални информации за хеликоптерската несреќа во Бровари, во близина на Киев. Сè уште нема официјални податоци зошто хеликоптерот се сруши. Украинскиот претседател Володимир Зеленски информира дека е започната истрага за причините кои довеле до несреќата и штом ќе бидат добиени првични официјални информации, истите ќе бидат споделени со јавноста. Значи, сè уште е рано да се каже што било во врска со несреќата, бидејќи истрагата е во тек. Оттаму, не може да се каже дека украинската воздушна одбрана сама си го срушила хеликоптерот, како што се тврди во постот, бидејќи тоа е шпекулација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Пост на Фејсбук шири неосновани и непроверени тврдења во врска со неодамнешната хеликоптерска несреќа која се случи во Бровари, град во близина на Киев, а во која животот го загубија 14 луѓе меѓу кои и целото раководство на украинското министерство за внатрешни работи.

Тешко да се дознае вистината…
Киев
Украинската воздушна одбрана собори украински хеликоптер со украинскиот министер за внатрешни работи и неговиот заменик. Хеликоптерот се урна во станбена зона, при што загинаа 16 лица, вклучително и 2 деца, пишува во постот.

Постот тврди дека Украина сама си го урнала хеликоптерот во кој беше раководството на украинското МВР, односно дека украинската воздушна одбрана го соборила.

За ваквото тврдење нема никакви докази, ниту пак, тие се поткрепени  со факти. Всушност, сè уште нема официјални податоци зошто хеликоптерот се сруши.

Хеликоптерската несреќа се случи на 18 јануари во раните утрински часови. Официјални лица изјавија дека хеликоптерот се урнал во 8:20 часот по локално време и дека зградата на Националната служба за итни случаи била уништена во пожар што избувнал по падот. Пожарникарите еден час подоцна го изгаснале пламенот.

Како што рекоа тие, станува збор за хеликоптер „аероспасијал АС 332 супер пума“, кој на Украина ѝ го обезбедила Франција. Според фотографиите од местото на несреќата, хеликоптерот паднал во дворот на градинката.

Во хеликоптерот имало девет лица: шест членови на оперативниот тим на МВР, меѓу кои и раководството на МВР, како и тројца членови на екипажот на Државната служба за вонредни состојби. Починати се министерот за внатрешни работи Денис Монастирски, неговиот прв заменик Јевген Јенин и државниот секретар на Министерството Јуриј Лубковиќ, соопшти Антон Герашченко, советник на министерот за внатрешни работи.

Како што информираше украинскиот претседател Володимир Зеленски на својот Фејсбук профил, спасувачката операција траела речиси девет часа. Стотици лица биле вклучени во гаснењето на пожарот, потрагата и спасувањето на повредените, како и спроведувањето на првичните истражни дејствија.

Повредени се 25 лица, меѓу кои 11 деца. Загинаа 14 лица, меѓу кои и едно дете. Сочувство до сите оние кои ги загубија своите најблиски! Службата за безбедност на Украина покрена кривична истрага за овој страшен настан. Денеска беа донесени сите потребни одлуки во врска со управувањето со системот на Министерството за внатрешни работи. Изгубивме луѓе кои беа професионалци, патриоти и доверливи менаџери. Министерот Денис Монастирски, Јевген Јенин и нивните колеги кои загинаа во несреќата не се луѓе кои можат лесно да се заменат. Тоа е навистина голема загуба за државата.
Штом се утврдат јасни факти за тоа што точно доведе до падот, ќе ги објавиме тие информации, напиша Зеленски на Фејсбук.

Како што информира тој, започната е истрага за причините кои довеле до хеликоптерската несреќа и штом ќе бидат добиени првични официјални информации, истите ќе бидат споделени со јавноста. Значи, сè уште е рано да се каже што било во врска со несреќата, бидејќи истрагата е во тек.

Според ова, не може да се каже дека украинската воздушна одбрана сама си го срушила хеликоптерот, како што се тврди во постот, бидејќи тоа е шпекулација. Кога станува збор за несреќи не е во ред да се шпекулира, туку да се користат официјални информации, особено кога има човечки жртви.

Наспроти тоа, постот што го рецензираме се базира на рекла-кажала информации и е невистинит.

hubmk

Related