„e-Општество.мк“: Борбата против дезинформации се води со транспарентни институции, активни медиуми и граѓанско општество

Published on:

За да се минимизираат негативните ефекти на дезинформациите врз демократијата, против нив мораме да се бориме зеаднички. Затоа потребно е институциите да бидат транспарентни, медиумите и граѓанското општество активно да работат на нивно проверување и обелоденување, а воедно треба да се почне и со медиумска едукација за критичко размислување, пишува Порталб.мк.

Ова, меѓу другото, беше кажано на панел дискусијата на тема „Безбедносните закани за демократијата и европските напори во борбата против дезинформациите“ во рамки на 18-тото издание на дводневната меѓународна конференција „е-Општество“, организирана од Фондацијата „Метаморфозис“ во Скопје.

На панел дискусијата модерирана од Филип Стојановски од Метаморфозис, панелисти од европските институции и проверувачите на факти од Западен Балкан разговараа за теми поврзани со влијанието на дезинформациите врз демократијата во регионот и во Европа.

Д-р Јасна Јелишиќ, шеф на Работната група за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи, покажа како на ниво на ЕУ се соочуваат со влијанието на дезинформациите, кој е глобален проблем, а не само проблем во Западен Балкан.

„Во 2018 пред европските избори имавме акционен план против дезинформациите и имавме и Кодекс на практики и ова беше прв пат големите платформи да бидат вклучени од страна на европските институции. Од оваа година имаме акт за дигитални услуги, јасна регулатива од европските институции која е во сила и која има одредени одговорности за контрола на големите платформи. Усогласувањето на легислативата со онаа на ЕУ е нешто што Западен Балкан мора да го направи. ЕУ е партнер и најголем инвеститор на Западен Балкан, но има манипулативни наративи кои се шират во обид да прикажат една поинаква слика што нас во Брисел ни е јасно“, рече Јелишиќ, изразувајќи задоволство за усогласеноста на лидерите од Западен Балкан во борбата против манипулациите и хибридните напади.

Фото: Мета.мк

Таа порача дека во борбата против дезинформациите важна е професионализацијата на медиумите, медиумската едукација за критичко размислување, делувањето на граѓанското општество и институциите.

Карлос Хернандез-Ечеварија, Maldita.ес рече дека проверката на фактите во ЕУ игра многу важна улога и се надева дека тоа ќе се примени во сите земји-членки и земјите аспиранти.

„Борбата е големите платформи да станат одговорни и отчетни. Решенијата на властите за масовните платформи, а во врска со дезинформациите, мора да бидат глобални и низ цела Европа, затоа што дезинформациите, а посебно во Европа, не познаваат граници. Главниот проблем во ЕУ во врска со ова прашање е тоа што мора да се развие еден модел кој ќе биде во интеракција со овие за справување со дезинформациите“, рече Хернандез-Ечеварија.

Хернандез-Ечеварија исто така истакна дека проверувачите на факти треба да бидат попроактивни и поотворени и да ги почитуваат воспоставените стандарди за дистанцирање од политиката. Тој додаде и дека најважната работа што можеме да ја направиме е да овозможиме медиумска едукација и критичко размислување, не само кај децата, туку и кај целото општество.

Јелена Берковиќ од Фактограф од Хрватска рече дека проблемот со дезинформациите е глобален и затоа мора да има и глобално решение. Истовремено, таа повика за одржување на високите стандарди за проверка на фактите.

„Мораме систематски да изградиме една фактичка реалност околу нас. Фиксни координации што луѓето во општеството мора да ги имаат за да веруваат во системот и да учествуваат во она што треба да се направи. Од голема важност е улогата на граѓанското општество, особено што проверувачите на факти започнаа со строги стандарди и Фактограф каде што членувам јас, мора да направи некакви промени за да се прилагоди на овие стандарди. Со нетрпение очекувам европската мрежа да се прошири и надвор од ЕУ и да ги собере сите оние кои се заинтересирани да вршат проверка на факти според овие високи стандарди. Ако се придржувате на високите стандарди, ќе можете да бидете дел од странките на масата на која се големите носители на одлуки, како што се владите“, рече Берковиќ.

Фото: Мета.мк

Дарко Беркан од „Зошто нe“ од Босна и Херцеговина се надева дека целата оваа дискусија, на која се вклучени се поголем број на заинтересирани страни од целиот континент, ќе понуди пошироки опсервации и поголема контрола на европско и светско ниво.

„Ние како проверувачи на факти и сите други страни кои работат на контрола на информациите на локално ниво, луѓето кои се занимаваат со медиумска едукација и новинарство, со доверливи информации, со образование, воопшто луѓето кои работат во регулација и слични гранки сигурно не можат да направат многу ако нивните заложби се фокусирани само на локално ниво. Ако не ги проверувате платформите, ако не поставите принципи за тоа како треба да изгледа целиот информативен сектор, тешко дека ќе може да се поправи од локална перспектива. Новинарите и медиумите треба да бидат повнимателни кон оваа закана и да се фокусираат на соработката со проверувачите на факти и другите чинители кои работат со дезинформации и го подобруваат медиумскиот простор“, рече Дарко Бркан.

Патрис Пустина од „Фактоје“ од Албанија раскажа за неодамнешните настани со кибер нападите од иранските агенти и недоволната транспарентност од страна на Владата, што остави простор за шпекулации.

„Владата не даде никакви информации во врска со целиот случај. Се соочивме со целосен недостаток на транспарентност што отвора можности за шпекулации. Се соочуваме со апатија од страна на јавноста, но како резултат на тоа, сметам дека медиумскиот простор не обезбедува квалитетно новинарство. Имаме многу онлајн портали кои шират дезинформации без релевантен контекст, понекогаш дури и целосно лажни вести кои не се насочени кон никаква цел. Нивната главна цел е да се добијат кликови и прегледи, немаат злонамерен заговор, туку само да се генерира само по себе“, рече Пустина.

Фото: Мета.мк

Фитим Гаши од „Сбункер“ од Косово, рече дека по однос на прашањето за дезинформациите, Косово е специфичен случај, и спомна неколку случаи каде паралелно со политичките случувања во земјата се произведуваат и дезинформации, на кои повеќето изворот им е во Србија.

„За граѓаните кои живеат во северниот дел главен проблем е немањето пристап до информации, можеби и поради етничката поделеност граѓаните од тој дел не се информираат од мејнстрим медиумите, туку од белградските медиуми. Главните дезинформации се поради договорот, тоа е тема од интерес за Косово. Има и дезинформации за војната во Украина, преведени од српските медиуми, за постоење на платеници од Косово. Имаше дезинформации кои имаа за цел да го претстават Косово како ентитет кој не е стабилен. Институциите треба да бидат максимално транспарентни, медиумите и граѓанското општество да ја одиграат својата улога во обелоденувањето на дезинформациите, а медиумската едукација да почне од најрана возраст“, ​​рече Гаши.

Инаку, овогодинешното издание на e-Општество.мк траеше 2 дена и се состоеше од 7 панел дискусии, 2 инспиративни говори, 1 телевизиска дебата и 1 проекција на филмот „Сестри“ на Дина Дума (во Кинотеката на Северна Македонија).

Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко ги споделија своите ставови и мислења за дигиталната трансформација на јавната администрација и општествата во Западен Балкан, почитувањето на човековите права на интернет, надзорот и обработката на биометриските податоци, приватноста, последиците од кибер насилството во реалниот живот, како и премостувањето на родовиот јаз во кибернетската сигурност.

На Конференцијата имаше и дискусии за наративите во дезинформациите, ефектите од дезинформациите и штетните странски влијанија врз демократијата во Северна Македонија, како и безбедносните закани за демократијата и европските напори за борба против дезинформациите.

Related