Херсон и повлекувањето на руските сили, беше главна тема за дезинформации или наративи на дезинформациите во ноември поврзани со војната во Украина. Целта беше да се прикаже повлекувањето од Херсон како хумана оперативно-тактичка операција на Москва, со цел да се спасат животите на цивилите и на руските војници, со дополнување на наративот, дека вистинската операција за пораз на Киев, се уште не била започната. Покрај ова, се зголемуваат дезинформациите околу ковид 19 и генерално антиваксерските наративи, со претпоставка дека тоа коинцидира со термините за вакцинација од сезонски грип, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Херсон и повлекувањето на руските сили што беше обзнането на 9-ти ноември, беше главен настан во овој месец околу кој се плетеа наративи со спинови или дезинформации што кружеа или можеа да се прочитаат пред сè на социјални мрежи и во дел од медиумите.
Еден од главните наративи беше дека основната причина за донесената одлука за повлекување е поради заштита на животите на руските војници, како и на цивилите. Одлуката била предложена од генералот Сергеј Суворикин, а одобрена од министерот за одбрана Сергеј Шојгу, иако сосема е логично како што и објавија некои медиуми, дека е донесена лично од Владимир Путин.
Самото пропагандно-медиумско претставување на овој оперативен тактички потег што многумина го споредуваат со нов воен пораз на руската армија и со ефект на голема штета по имиџот на Русија, го откри независниот руски медиум „Медуза“, а текстот беше пренесен и во дел од домашните медиуми.
Како што може да се види, главниот дезинформациски наратив што го планирале и го спроведувале од Москва е дека украинските сили ќе активираат терористички напади со цел повторно да побараат помош од Запад, додека Руската армија мисли само на спасување на цивилните жртви:
Киев нема да ги брои сопствените загуби – тој е подготвен да уништи десетици илјади свои и странски војници заради нови ровови и снабдување со оружје. Руските трупи се обидуваат да ги спасат животите на цивилите и персоналот. Опасноста од масовен напад врз градот Херсон од огромни групи националисти доведе до евакуација на цивилите од градот на левиот брег на Днепар – се наведувало во прирачникот за наративи за ова повлекување што го откри независниот руски медиум Медуза, а го пренесе и еден домашен медиум.
Освен ова, согласно наративот на Кремљ дека врз основа на референдумите од септември и церемонијата во Москва за присоединување на четирите украински региони, со што Херсонскиот регион е веќе составен дел од Руската Федерација, дезинформациски тонови и наративи беа забележани во смисла дека украинското заземање на градот е окупација.
Пропагандно гледано, руските дезинформации и наративи се појавија и по тврдењето на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека по навлегувањето на војската веќе се документирани 400 воени злосторства врз војници и цивили што ги извршиле руските окупациски сили. Но, наспроти ова, во средината на ноември се појави фотографија од АП за „јавно казнување“ на соработниците на Москва, на која беа прикажани двајца цивили врзани за столбови, на кои не им се гледаат лицата, ниту може да се извлече контекстот од самата фотографија, иако на неа се гледаат други цивили и едно вооружено лице.
Ваквиот наратив што беше обилно искористен од Москва, продолжи и при крајот на ноември кога беше споделено видео со убиени руски војници во еден град во Луганск, кое го објави Њујорк Тајмс. Но, дезинформацијата тука се прави со реченицата дека „автентичноста на видеото му била потврдена на медиумот“. Навистина – станува збор за две видеа – медиумот наведува дека автентичноста е потврдена, но во истата реченица нагласува дека не може да се види дали руските војници се убиени во борба, па потоа се наредени еден до друг или се егзекутирани, затоа што во видеото снимено со мобилен телефон постои дупка во снимањето!
Сомнежот за тоа дека вистината засега не може да се утврди објавија и други медиуми. „Дојче Веле“ на пример, објави дека Украина покренала истрага и во текстот пишува дека „сепак, околностите под кои се настанати снимките, се целосно нејасни“. Но, тоа не спречи во медиумскиот простор да се објават текстови со наслови коишто сугерират дека станува збор за потврден факт, а истото се случуваше и на социјалните мрежи.
Медведев и Рогозин – активни на социјалните мрежи и во дел од онлајн медиумите
Еден од главните спинери на Москва поранешниот претседател и премиер Дмитри Медведев, кој сега е член и на националниот совет за безбедност на РФ, се приклучи кон градењето на наративот „на нечепнатата воена моќ на Русија“ со теза дека не употребиле сè од арсеналот на руската воена моќ:
Сакам да потсетам дека Русија, од причини кои се очигледни за сите разумни луѓе, сè уште не го искористила целиот арсенал на можни средства за уништување…и не само поради нашата човечка добрина. Сè во свое време, напишал Медведев на Телеграм, а пренесе „Во Центар“.
Изјавата на Медведев меѓутоа беше пренесена истиот ден кога руските трупи напуштија уште нови позиции во регионот Херсон, овој пат од градот Нова Каховка во близина на најголемата брана на реката Дњепар, за која се лиферуваа вести за нејзино минирање од страна на руските трупи, со цел да го потопат Херсон и сите населени места во околината.
Во врска со честите дезинформации или наративи со потенцијал за дезинформации на Медведев, „Вистиномер“ направи анализа во која демистифицираше некои негови дезинформации и наративи на Москва. Анализата покажа дека профилот на Телеграм му е отворен после агресијата врз Украина, во март, а дека само на Твитер има 1,1 милион следбеници. Анализата може да се прочита тука.
Уште една таква „надеж“ како што ја нуди Медведев, дојде од Дмитриј Рогозин, поранешен шеф на Роскосмос, кој сега надежта ја пласира во форма на нови типови дронови што би ги испорачале во најскоро време руските компании што се занимаваат со вакво производство и кои би биле проверени на фронтовите во Доњецк и Луганск:
Најсовремено руско оружје ќе ја осигура победата! Рогозин: Царските волци прават нападни дронови за Донбас и Луганск“, се вели во насловот на оваа вест пренесена од руски медиуми.
Во неа се опишува дека според изјавата на Рогозин, волонтерска група од воено-технички инспектори наречена „Царски волци“ соработува со конструктори во руската воена индустрија за производство на таков тип напаѓачко оружје, кое треба да ја донесе победата на фронтовите во Украина.
Дезинформациите и наративите на Москва, Рогозин во ноември ги пласираше на медиумскиот простор во земјава и преку новинари кои работат на повеќе онлајн платформи и чии ставови се блиски до „братскиот руски народ“ и до „братска Москва“, како во примерот што може да се види тука.
Украина сакала да предизвика трета светска војна!?
Падот на украинската ракета во полското погранично село Прежеводов чија демистифакција траеше нешто помалку од 48 часа, исто така беше повод за ширење дезинформации. Една од потипичните е дека:
Украинците ги толчат Пољаците, иако овие се подготвени да гинат за ослободување на Украина.
„Вистиномер“ пресретна ваква раширена дезинформација на социјалните мрежи и ја разобличи преку рецензија.
Имаше и поопасна дезинформација што ја пласира фан страницата на Фејсбук на еден онлајн медиум, Коловрт, при што, преку испуштен контекст, во дезинформацијата се пласира дека Украина преку овој инцидент сакала да предизвика трета светска војна. За да биде поуверливо, се дава линк и од реномираната агенција Ројтерс, но, не се наведува дека во текстот на Ројтерс никаде не пишува така. И оваа дезинформација која ползуваше испуштен контекст беше разобличена во рецензија на „Вистиномер“.
Уште еден стар, но повторен и во ноември руски дезинформациски наратив, беше забележан на територијата на Северна Македонија и тоа овој пат директно од руската амбасада во Скопје. Станува збор за изедначување на ситуацијата на Косово со четирите укрински региони што ги окупираше Русија. Ваквата дезинформација беше разоткриена во рецезнија на Вистиномер, при што беа демистифицирани наводните елементи на еднаквост на коишто инсистира Москва за случаите на Косово и Крим (и другите четири региони Херсон, Запорожје Доњецк и Луганск).
„Македонија профашистичка земја“ – класичен спин
Една од потипичните и поопасни спинови околу Украина беше дека таа дека Северна Македонија станала земја поддржувач на фашизмот и нацизмот. Поводот за ова беше гласањето против во еден комитет на ООН, во кој беше понудена на разгледување традиционална руска драфт декларација за борбата против ваквите политички идеологии. Дезинформацијата дојде од политичката партија Левица, а потоа се ширеше на социјалните мрежи и преку други сегашни политичари и јавни личности.
Вистиномер најпрво преку деспинување во рубриката контраспин посочи на ваквото извртување на вистината од страна на политичката партија. Откако овој дезинформациски наратив се прошири и на социјалните мрежи тој беше разобличен и преку рецензија, во која во детали се појаснуваат причините зошто Северна Македонија била меѓу 52-те земји членки на ООН што гласале против оваа предлог резолуција, подржана од 105 други земји.
На самиот почеток на ноември на социјалните мрежи сè уште можеше да види трага од провлекувањето на непотврдената информација на руските медиуми во октомври, дека уништеле украинска единица на ранг на баталјон која била составена од тенковите што ги донираше Северна Македонија и Украина. Ова се надоврзува на наративот, поточно дезинформацијата дека големата офанзива само што не почнала од страна на Русите. Но, наместо офанзива, јавноста беше сведок на повлекувањето на руските војски од Херсон.
Уште една дезинформација поврзана со Северна Македонија и состојбите во Украина во ноември беше таа што се ширеше на социјалните мрежи, дека Министерството за одбрана подготвува список на војници на АРМ кои би биле испратени на боиштата во Уфкраина. Овој пат, списокот всушност бил список за мобилизација, користејќи ги списоците на Државната изборна комисија:
Славјанка веќе го прелистува списокот на ДИК за излезеност на референдумот и подвлекува кандидати за мобилизација. Исто како за референдумот и сега би требало сите оние јавни личности што повикуваа да се гласа за ” ЕВРОПСКА СЕВЕРНА ВУКО***ИНА”, да бидат мобилизирани и пратени во први борбени редови во Украина.
Ваквата дезинформација беше разобличена во рецензија на „Вистиномер“, каде што се презентираат фактите, дека никакви војници на боиштата во Украина нема да бидат испратени од државата, освен пакетите со воена помош кои транспарентно се најавуваат и се испраќаат.
Раздвижување меѓу антиваксерските групи на социјалните мрежи
Од другите наративи и дезинформации може да се одбележи и дека повторно се појавија некои дезинформации врзани за ковид-19 пандемијата и со вакцините.
Една од потипичните беше повторното манипулирање со Имунизациската Агендата 2030 на Светската здравствена организација, која има за цел што поголем опфат на лица со вакцини од сите типови болести за кои има вакцина во светот, но никаде не се предвидува или пишува дека ќе има присилна вакцинација за да се постигнат целите.
Дезинформацијата беше ширена преку пост во кој има видео во кое докторка по име Рима Лаибоу, тврди дека до 2030 година, ќе бидат презентирани 500 нови вакцини и дека после тоа нема да има исклучоци од вакцинацијата за никого, односно дека луѓето ќе бидат присилно вакцинирани, освен елитата. Оваа докторка која уште од времето на свинскиот грип шири теории на заговор, за време на ковид пандемијата во САД се обиде да продава свој лек против ковид, што беше спречено од американските власти. Дезинформацијата што ја разобличи „Вистиномер“ во просторот на социјалните мрежи ја шири домашна позната антиваксерска активистка.
Друга дезинформација поврзана со вакцините се појави кон средината на ноември, при што се рециклира, исто така преку видео објавено на пост на Фејсбук, стара антиваксерска приказна дека кај бебињата наводно се појавува ослабнат имунолошки систем ВАИДС – автоимуна болест -доколку нивните мајки биле вакцинирани, додека овој синдром кај бебињата од невакцинираните мајки не се регистрирал. Преку користење официјални и стручни извори од Клиниката за Гинекологија и акушерство во Скопје, преку ставови на Комисјата за вакцинација при МЗ и Институтот за јавно здравје, „Вистиномер“ ја разобличи и оваа дезинформација.
Вo истиот период од познат припадник на американското Q движење во земјава, како што тој самиот за себе тврди, беше разобличена уште една дезинформација дека вакцините против грип убивале. Дезинформацијата е пласирана наменски, токму во време кога во Северна Македонија се администрираат повеќе десетици илјади вакцини против сезонскиот грип.
Ваквиот зголемен наплив на антиваксерски постови и дезинформации може да се должи на две работи, напиша британски Гардијан, а пренесе Мета.мк. Имено, промените во политиките на управување на Твитер довеле до зголемување на групи и автори кои пласираат вести под лажни профили, а од друга страна намалувањето на бројот на вработените довело и до намалено модерирање на содржините. Истовремено, трендовите покажуваат дека и на Фејсбук, еднаш згаснатите профили брзо се обновуваат, а и термините што ги користат во дезинформациите за вакцините се различни од стандардните зборови под кои алгоритмите на мрежата работат при пребарување по клучни зборови.
Дезинформациски наративи за електричната енергија и анти-кризните мерки
Продолжуваат дезинформациите за електричната енергија и за анти-кризните мерки, при што најголемата партија во опозиција често се користи со спинови. Наместо директна невистина, се зема во основа точна вест и потоа таа се спинува за да се постигне крајната цел. Една таква типична беше за блокадата на ВМРО-ДПМНЕ на Законот за здолжување на ЕСМ кај ЕБОР од 100 милиони евра, при што беше искористена една одредба од Условите за потпишување на договорот, која кажува дека еден од условите е и спроведување на Националниот акциски план за енергија НЕАП, за затворање на ТЕЦ Осломеј до крајот на 2023 и на РЕК Битола до 2027. Но, опозициската партија не посочува дека во таа точка од условите стои зборот, „доколку“. Имено, таа точка вели дека „Доколку не биде поинаку кажано“, се мисли од Владата на Северна Македонија, тогаш важи оваа обврска на земјата чија институција го зема кредитот. Ова стана појасно во едно интервју со Мицкоски од 10-ти ноември, каде што тој вели, „да тоа е така, но и за тоа имаме решение“, итн. Околу 35-тата минута од видеото може да се види за кој тип спин станува збор.
Но, како виновник за ваквите спинови може да се посочи и Владата, бидејќи многу малку, но и многу доцна настапи во јавноста со детали околу овој договор за заем. Малку повеќе се пренесуваат изјавите и соопштенијата што ги пласира Владата (и СДСМ), за главната причина за нарушување на пазарот за електрична енергија, а тоа е руската агресија на Украина и дека со ваквиот проблем се соочуваат сите земји во регионот, па и Европа. Кризната состојба поради војната што доведе и до инфлација секаде во светот и во Европа, тукашните опозициски партии ги ползуваат за наративи дека станува збор за власт што носи мизерија и дека народот трпи и за леб.
Скандалот Онишченко
Посебна тема која се допира со спинови кои се странично поврзани со Русија и со Украина, е скандалот Онишченко – руско-украински државјанин кому му е доделен македонски пасош, односно станал македонски државјанин во мај 2022 година. Наративот на опозицијата е дека Алексанадар или Олександар Онишченко е врвен руски разузнавач кој бил меѓу најблиските разузнавачи на Путин, а АНБ била неспособна или намерно не сакала да го открие тоа и затоа нејзиниот директор не треба да оди за амбасадор во Париз каде што е веќе назначен и има агреман, па до наративот кој се пласира дека Онишченко добил државјанство откако имал средба со вицепремиерот за економски прашања и не само поради економски интереси за државата.
За ваквите информации што ги нуди опозицијата конкретни документи или попрецизно лоцирање на извори нема, освен зборот „кредибилни извори“. Но, големиот простор за ваквите наративите што имаат потенцијал и за дезинформации, се должи и на фактот што премиерот и другите инволвирани лица не се изјаснуваат прецизно и во детали.
Премиерот изрази згрозеност, а по затворената седница на Влада не сакаше да дава изјави, освен дека АНБ ќе има нов директор. Најмногу на оваа тема зборуваше актуелниот директор на АНБ, Виктор Димовски, на и по седницата на соодветната собраниска комисија за надзор врз работата на безбедносните служби Тој рече дека се откриени двајца вископоставени службеници во АНБ каде бил направен пропустот, но дека истрагата продолжува за да се види дали има и други случаи и кој бил мотивот за пропустот во службата.
Простор за шпекулации, спинови и дезинформации остава и незакажувањето на продолжувањето на Комисијата за надзор на АНБ и АР, по скандалот во кој се утврди дека на затворена седница протекува онлајн аудио исказ на директорот на АНБ во живо. По ова Претседателот на Собранието Талат Џафери забрани Комисијата да работи додека не се расчистела полициската истрага за тоа како протекол тонскиот запис онлајн.
Пишува: Теофил Блажвски