Наративи за најчести (про)руски дезинформации поврзани со војната во Украина

Published on:

Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари 2022 година, започна интензивна пропагандна војна водена од завојуваните страни, но тука ја разгледуваме руската пропаганда наменета за светот и за сопствените граѓани, со цел да се оправдаат агресивните дејства на руската армија врз суверената држава Украина. Поточно, ги разгледуваме поглавните наративи врз кои се градат дезинформациските пораки, кои во огромен дел се среќаваат и на Балканот и во Северна Македонија во нејзиниот комуникациски простор, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Најголем дел од овие наративи што имаат за цел да ја оправдаат руската агресија се среќаваат на социјалните мрежи, помалку и со повнимателен речник можат понекогаш да се најдат и во традиционалните, но многу повеќе на онлајн медиумите. Некогаш во интервјуа, некогаш изразени како колумни, а некогаш само преземени од социјалните мрежи на Запад или во Русија, па пласирани во форма на видеосодржини во медиумскиот простор.

Еве ги почестите и поглавните дезинформациски наративи за кои правиме преглед:

 „Специјалната воена операција“ е предизвикана од Украина

Главен наратив:До „Специјалната воена операција“ мораше да дојде бидејќи војната не е започната сега туку уште во 2014 година со превратот на Мајдан, кога на власт беа поддржани екстремистички структури кои покренаа војна против сопствените граѓани.“

Целта на овој наратив е да ја оправда руската инвазија на Украина, најпрво нарекувајќи ја не војна или инвазија, туку „специјална воена операција“, што значи дека таа нема за цел трајно и неограничено времетраење, нема за цел трајна окупација на Украина, туку преку ограничени воени средства да постигне цел да ги собори од власт „екстремистичките структури“ што дошле на власт во Украина преку пуч организиран на плоштадот Мајдан во Киев на почетокот 2014 година.

Пучот во овој наратив треба да се разбере како резултатот до кој се дојде по продолжение на немирите наречени ЕвроМајдан, кои започнаа по откажувањето на украинската влада и тогашниот претседател Виктор Јанукович да го потпише Договорот за асоцијација со ЕУ при крајот на ноември 2013 година.

Фото: Викимедија

По повеќенеделните немири во кои имаше и загинати и повредени кои самиот Јанукович ги оцени како пуч, тој пребега во Русија преку Крим, а договорот со ЕУ беше потпишан на крајот од февруари 2014 година. Во мај беа организирани претседателски избори на кои победи Петро Порошенко и за време на чиј мандат во 2014 година започнаа судирите помеѓу проруските милиции во Донбас со Украинската полиција и армија. Во овој период, поточно во март 2014 г. следеше и руската анексија на Крим, откако претходно беше одржан нелегален референдум на полуостровот, а на 21 март таа година Русија донесе одлука за присоединување кон територијата на Руската федерација. Тврдењето е дека по сите овие настани Украина ја управуваат реакционерни екстремистички сили кои имаат за цел да ги узурпираат правата на руското население во Украина, почнувајќи од јазикот до регионалното самоуправување.

Значи наративот е оправдување на „специјалната воена операција“ со постоење на сили кои се антируски во генерална смисла и антируски во локална смисла, против руското малцинство во Украина и кои влечат корени од 2014 година.

 

Косово како оправдување и за Донбас

Главен спореден наратив на овој е споредбата на состојбата на Донбас со Косово и Србија: „На политиката околу Косово и Србија се гледа дволичноста на Запад, бидејќи има Резолуција на ООН 1244, но тоа е само мртва буква на хартија, бидејќи за Запад не важи и Косово е признато од западните земји.“

Со овој спореден наратив треба да се оправда главниот, зошто дошло до „специјална воена операција“ од страна на Русија во Украина. Имено, тоа било непочитување на заклучоците од Минск, мировни преговори меѓу претставници на руските власти во Донбас и украинската влада со посредство на Франција, Германија и ОБСЕ. Како што во наративот се оправдува непочитување на резолуцијата 1244 на ООН за Косово, така се поистоветува и непочитување на Договорите од Минск за Донбас до кои дојде по 2014 година. Но, во наративот никаде не се споменува дека Косово сè уште е далеку од тоа да стане земја членка на ООН, дека сè уште е непризната од неколку земји членки на ЕУ, меѓу кои Шпанија и Грција и дека дијалогот на Белград и Приштина сè уште е активен и покрај сите потешкотии, вклучувајќи дека на Косово работите не се решаваат со оружје како во Украина. И најважното, прашањето на Косово сè уште е под редовен интерес на ООН, зашто тоа е обврска од Резолуцијата 1244 донесена по војната меѓу НАТО и тогашна С.Р.Југославија во 1999 година, со што де факто беше и легализирана воената интервенција на НАТО.

Всушност, овој наратив со Косово се користеше и при анексијата на Крим во 2014 година, што може да се види од анализата на АП, пренесена во тоа време во домашните специјализирани блогови. Интервенцијата на НАТО на Косово многу често на почетокот на агресијата на Русија врз Украина се користеше и како оправдување за воената операција преку поставување на реторички прашања: А што правеше НАТО на Косово (и во Либија, Сирија, САД во Ирак и Авганистан, итн.) и зошто Американците можат, а Русите не можат?

 

„Демилитаризација и денацификација“ на Украина

Главен наратив:На Русија не ѝ е потребна територија, целта на „специјалната воена операција“ не е територија туку „денацификација“ и „демилитаризација“, т.е. неутрална Украина каде нема да има антируска пропаганда и територијата нема да биде користена за заплашување на Русија.“

Овој наратив оди со првиот главен наратив дека војната се води против екстремистичките структури на власт во Украина Во првото обраќање на рускиот претседател Владимир Путин, како цел на „специјалната вена операција“ беа употребени зборовите „денацификација“ и „демилитаризација“. По навлегувањето на руските трупи на украинска територија на 24.02.2022,Путин се обрати до јавноста, истакнувајќи дека:

По барање на населението во Доњецк и во Луганск, кои се жртва на геноцид веќе осум години од страна на режимот во Киев, наредив специјална воена операција. Ќе се стремиме кон демилитаризација и денацификација на Украина и на приведување кон правдата на тие што извршија бројни крвопролевања врз мирните жители вклучително и врз граѓани на Руската Федерација.

Ова всушност ја покажа намерата на Путин за промена на власта во Украина, покажа дека нема реално „casus belli“ за војната и на некој начин ја спореди оваа војна со напредувањето на Црвената армија против Хилтерова Германија, по што беше наметнат друг режим во повеќето источноевропски земји под Советската чизма. Тука како покривање на наративот, најчесто се користеа симболите на Украинската држава, кои се споредуваа со симболите на украинската управа под војската на Вермахтот во Втората светска војна, се употребуваше изразот „бандеристи“ поради десно радикалниот политичар од тоа време Степан Бандера, кој и ден денешен остана контроверзен лик дури и за Украина и Украинците, бидејќи за едни е херој за други предавник. Во интернет просторот и во традиционалните руски медиуми многу често се даваа фото и видео докази од постоењето и дејствувањето на полкот „Азов“, кој неколку години навистина функционираше како радикална парамилитарна воена единица во Донбас, но која во последните 5-6 години беше ставена под команда на регуларната армија на Украина, реформирана и легална воена единица. Во исто време, никаде не се споменуваа активностите на проруските парамилитарни организации кои дејствуваат во источна Украина од 2014 година, ниту пак, постоењето и улогата на платениците од т.н. Група Вагнер на тие територии.

Што се однесува до „демилитаризацијата“ на Украина, таа се поставува како цел со оправдување дека НАТО и Запад со своето ширење на Исток, ја планира и Украина во своите редови, територија од која ракетите на НАТО би биле поставени на само 500 км од Москва, итн. Сепак, нема уверливи докази дека тоа било планирано, иако Украина и Грузија се споменуваат како потенцијални членки во НАТО сојузот уште од 2009 година. И, иако украинското раководство и претседателот Зеленски откако почна војната, првично при првите обиди за преговори во Турција се согласија со некој вид неутрална Украина, а потоа откако продолжија воените операции итно бараа прием во НАТО по брза постапка, од САД и од НАТО добиваа неутрални или одбивачки одговори за таква можност.

При користењето на овој наратив за денацификација и демилитаризација генерално се употребуваат фактите дека Русија е огромна држава со најголема копнена територија на светот, додека областите во Укрина во кои се војува, а сега се и анектирани, се едно мало делче кои како територија не ѝ се важни на Русија, туку таа војува да ги заштити Русите на тие територии. Но, овој наратив има премногу слабости за да биде уверлив. Првата слабост е политиката на Путин која може да се препознае со претходните војни и немири од Приднестровје (Тирнистрија) во Молдавија, преку војната со Грузија поради Абхазија и Јужна Осетија од 2008 г, а конечно, анексијата на Крим, за што и самиот Путин зборува како исправање на грешката на одлуките на комунистичкото раководство на СССР под палката на Никита Хрушчов за доделување на Крим на Украина во педесеттите години од минатиот век, наратив поддржан од руските државни медиуми.

 

Украина е прокси на НАТО, а Украинците се жртва

Главен наратив: „Украинците се жртва. Нив ги користи Западот (или НАТО зависи од ситуација до ситуација) за да војува со Русија. Украина е прокси за војната на Запад против Русија“.

Овој наратив е директен руски наратив кој потекнува од шефот на дипломатијата Сергеј Лавров од април 2022 година. Кога при крајот на април годинава министрите на одбрана на западните земји се собраа во Берлин да разговараат за координирана воена помош на Украина, Лавров изјави:

НАТО во суштина е вмешан во војна со Русија преку ‘прокси’ и го вооружува својот застапник (Украина-н.з.). Но војната значи војна.

Оттогаш не престанува повторувањето за користење на Украинците и Украина како алатка за војната на НАТО против Русија, заземајќи драматични и вознемирувачки реченици од типот дека Украинците се топовското месо на НАТО, наратив што го шират руските мејнстрим и алтернативни медиуми, како оној на Соловјев шоуто, но чие потeкло може да доаѓа како во овој конкретен случај од Кина – преку најпознатиот кинески глобален таблоид „Глобал тајмс“. Разликата е во тоа што во „Глобал тајмс“ тој наратив е спакуван во анализа и мислење, додека од страна на пропагандните посредници се користи во груба форма од една речница како апсолутна вистина.

А вистината на наративот е далеку од таква. Бидејќи во овој наратив нема да може да се прочита дека Русија е таа што своеволно навлезе на територија на Украина и почна да ја бомбардира речиси целата нејзина територија и дека Украина, согласно меѓународното право има право на самоодбрана, користејќи ги притоа сите свои врски со пријателските земји во светот, вклучувајќи го и правото на набавка на оружје за своите војници, без оглед дали е донирано или купено.

Еден од споредните, но сепак презентирани во едно време и како главни наративи кои се компатибилни со претходните два, е вооружувањето на Украина со биолошко оружје под раководната палка на САД, т.е. Пентагон.

 

Биолошко оружје во Украина под капата на Пентагон

Главен наратив:Запад (НАТО) со години ги тренираше и обучуваше Украинците и ги подготвуваше за војна. Запад таму разви мрежа биолошки лаборатории за биолошко оружје што би се користело против Русите во мир и во војна“.

Овој наратив го покрена официјална Москва и тоа во Обединетите нации уште во март 2022 г., иницирајќи расправа во Советот за безбедност, каде што изнесуваше наводни докази за своите тврдења. Но, на овие тврдења на рускиот постојан претставник во ООН Василиј Небензња, прв се спротивстави високиот претставник на Генералниот секретар на ООН за разоружување Изуми Накамитцу кој рече дека немаат сознанија за постоење на такво оружје, но и дека постојат регуларни канали преку кои владите на земјите можат да ја изразат својата загриженост и да ги адресираат таквите тврдења. Русија не успеа да го докаже ова свое тврдење, а тоа го констатираа и факт-чекинг сервисите на неколку угледни западни медиуми (види тука и тука, тука и тука), исто како што е констатирано и од „Вистиномер“ во серија текстови.

Еден од сличните наративи, но не воен, туку економски, е наводниот бизнис интерес на големи американски компании, кои купиле огромен дел од најплодното земјиште во Украина.

Главен наратив:Неколку големи американски компании како што е Монсанто, зад кои стојат три големи американски фондови имаат купено 170 илјади квадратни километри од најплодната украинска земја и тоа е уште еден од поглавните причини зошто се води војна во Украина. Војна за ресурси.“

Овој наратив и класична дезинформација започна во јули годинава. На 27 јули, веста за продажбата на украинското земјиште на американски фирми се појави во многу странски проруски медиуми, меѓу кои: Газета.руЊузФронтВести.руАргументи НеделиНешнал Телевижн и други. На крајот излезе дека целата вест е „дезинформациски куршум“, за чиј историјат може да прочитате и на Вистиномер.

Европа – најголема колатерална жртва поради САД

Главен наратив: „Европа ќе биде најголема колатерална жртва на војната. Причината е што не е суверена и одлуките во нејзино име ги носи САД. Се посочува дека причините, фактички се повеќеслојни, но главна е таа што во Европа нема силни политички елити. Во Германија главната политика ја водат зелените, партија зад која се кријат агресивни и ултрарадикални политичари и кои наместо да се борат за еколошки горива, тие се предводници во целосната забрана за увоз на рускиот гас. Во Франција Емануел Макрон одамна нема влијание како што го имале поранешните француски претседатели, итн, итн“.

Отприлика вака оди овој (про)руски наратив кој прогнозира дека како резултат на ваквата ситуација ќе дојде до судир меѓу политичките елити во Европа со сопствените граѓани и завршува со тоа дека европските земји ќе бидат најголема колатерална штета.

Ваквиот наратив може да се сретне и на балканските простори преку оценки на тукашни аналитичари пренесени и од Спутник, но реално е започнат уште од почетокот на војната, бидејќи и други посериозни аналитичари расправале за ова прашање. Основата на наративот, иако е (про)руски, може да се најде уште од првите месеци на војната и беше ширен и од медиуми на Запад, за што зборува овој преглед на печатот од мај на Ал Џезира. Наративот се засили и сега во октомври со последните социјални немири во Франција.

Целта на овој наратив е Европа, т.е. пред сè земјите членки од ЕУ, да се одвојат од единствените ставови со САД и со политиката на НАТО во врска со војната во Украина, за да се ослабне притисокот врз Русија да се откаже од инвазијата во Украина и да може полесно да ги оствари своите геостратешки цели.

Демонстрации во поддршка на Украина. Фото: Depositphotos.com

Но, и покрај дебатите во земјите членки на ЕУ и на Балканот, факт е дека почетокот на агресијата на Русија во Украина ги обедини не само државните политики на европските земји, туку и на граѓаните уште во првите денови по агресијата. Масовни протести беа одржувани ширум Европа, серија санкции кои беа постепено воведувани кон Русија, а последиците поради енергетските проблеми, намалувањето на испораките на рускиот гас и нафта се адресираа единствено, со некои исклучоци кога станува збор за некои прашања за ограничување на цените на нафтата, гасот или увозот на ураниум за руските нуклеарните електрани во одредени европски земји кои се уште работат. Појаснувањето на штетноста на овој проруски наратив, можеби најдобро го има отсликано Славој Жижек во свој авторски текст за Гардијан, каде што оценува дека пацифизмот на Европа би бил најпогрешниот одговор кон руската инвазија во Украина.

Не НАТО туку ШОС е најсилниот воен сојуз

Главен наратив:НАТО не е најсилен воен сојуз, тоа е ШОС – Шангајска организација за соработка – Русија, Кина Индија Иран, Пакистан, а набљудувач е и Северна Кореја со најсилна армија во светот – 3 милиони редовни војници, итн.“

Овој наратив произлегува од големината што ја опфаќаат земјите што се редовни членки на Шангајската организација за соработка (ШОС) формирана уште во деведесетите, а засилена во 2001 г. со влегувањето на Узбекистан, по што во 2002 г. беше потпишана Декларацијата од Шангај за организација за соработка.

Наративот е компатибилен со наративот дека ова што сега се случува во Украина е всушност промена на геополитиката во светот, дека тој од униполарен и биполарен преоѓа во мултиполарен, зашто основата на овој наратив е и во рамките на Шангајската група (ШГС) за соработка во деведесетите, кога во 1997 таква декларација за мултиполарност на светот потпишаа поранешниот руски претседател Борис Елцин и поранешниот кинески лидер Џијанг Цемин.

Шангајската организација за соработка денес е група од 9 земји членки, четири земји набљудувачи и десетина земји кои одржуваат дијалог, а митот за најголемата воена сила доаѓа со просто збирање на воените потенцијали, пред сè на Русија, Кина, Индија и Пакистан – сите и нуклеарни сили. На последниот самит на Шангајската организација одржан во септември во Самарканд, Узбекистан, учествуваа и Турција и Иран (Иран се стекна со официјален статус на земја членка), но единството ни од далеку не е онаккво какво што го фаворизираат проруските наративи. На самитот на средбата меѓу кинескиот претседател Си Џинпинг и Владимир Путин, самиот Путин изјави дека Кина изразила загриженост и прашања во врска со руската војна во Украина, иако пријателството и тесната соработка меѓу двете земји останува. Дилемата и натаму останува и со секое гласање за некој предлог поврзан со војната во Украина на некое од телата во рамките на системот на ООН, каде што можат да се видат и разликите во гласањето меѓу земјите членки од ШОС, најчесто со воздржаност од гласање за разлика од ставот на Русија и Белорусија кои секогаш гласаат идентично.

Како и да е, Шангајската организација е моќен сојуз на земји што го покриваат евроазискиот простор и што имаат огромен број жители и заедно гледано претставуваат значајна економска моќ во светот, но се далеку од нивно третирање како воен сојуз, нешто слично на НАТО, или пак, сила која може да се замисли дека заедно би изведувала воени операции против НАТО.

Вклучувањето на Северна Кореа во овој проруски наратив е лажен, зашто оваа земја нема официјални врски со Шангајската организација, иако е факт дека воените врски на Северна Кореа со Кина и со Русија особено, се засилуваат, исто како и со Иран, во моментот.

Во врска со овој наратив за Шангајската организација, во интернет просторот можат да се сретнат и други слични наративи како што е следниот:

Главен наратив:Турција е поголем сојузник на Путин отколку на НАТО. Тука е и Иран и состанокот летоска во Техеран бил токму со таа цел, да се зајакне сојузот меѓу овие три земји. Тоа било сторено по иницијатива на Русија со години наназад, при што била свесна дека некогаш треба да направат отстапки и кон Турција. Ама овие две земји, Турција и Иран ги истерале Американците од Блискиот Исток. Русија беше свесна дека НАТО поранешните пријатели на Русија ги претвора во непријатели, па и Русија тргна по тој пат“.

Овој наратив се потпира на два факта – првиот за улогата на Турција и Иран во Шангајската организација, а вториот за военото учество особено на Иран во последните месеци со испорака на свои дронови, а сега и ракети земја – земја за Русија. Русија со помош на евтините, а ефикасни ирански дронови успеа да ѝ нанесе значителна воена и цивилна штета на Украина во последните денови. И тоа е неспорно, иако засега е тешко замисливо Иран да иницира војна против НАТО или нејзина земја членка со цел да ги рашири НАТО силите кои сега, сепак се концентрирани на европско тло. Улогата на Турција пак, е посебна и таа останува земја членка на НАТО, а посебната позиција и интересите на Турција можат да се видат и од говорот на претседателот Реџеп Таип Ердоган на самитот во Самарканд, пренесени од Агенцијата Анадолија.

Таа позиција е многу специфична и би барало многу поголем простор за да се објасни попрецизно, но сепак, нејзината улога во НАТО како цврст сојузник е неспорна, а нејзините исто така специфични односи со Русија дури и се во полза на побрзо наоѓање крај на војната во Украина. Бидејќи на турско тло како страна од доверба се одржуваше и првата рунда мировни преговори меѓу Москва и Киев, како и договорите со кои се одблокираа украинските црноморски пристаништа за извоз на украинското жито.

Руската армија е непобедива, досега само се загревала

Тенковски единици на РА. Фото: Russian Army Wallpapers

Главен наратив: „Русија, досега во оваа специјална воена операција употребила највеќе 190 илјади војници, што не е ни 20 отсто од регуларната војска на Русија. Тоа е најдобар показател дека ништо сериозно не ни почнало во Украина и дека Русија досега само се „загревала“. Од друга страна, Украина ги мобилизирала сите свои ресурси од 18-60 години. Најголем дел од нивната регуларна армија е веќе уништен.“

Овој наратив е всушност величење на руската воена моќ, за непобедливоста на Вооружените сили на Руската Федерација (руската армија) и дека ова што досега се случуваше на военото поле во Украина било само „загревање“. Основата на ваквата дезинформациска реторика може да се најде на повеќе места, но најдиректно е поврзана со говорот на Путин пред Парламентот од 7 јули 2022.

Но, факт е дека на руската војска не ѝ оди баш најдобро во Украина уште од самиот почеток, кога безуспешно застана на десетина километри од Киев, соочена со голем отпор и после неколку недели мораше да ги повлече трупите што напредуваа од север од Белорусија, со изговор дека целта е ослободување на Донецк и Луханск. Уште на почетокот на април почна да се известува за запирањето на напредувањето кон Киев и за руски план Б, а оправдувањето стигна од устата на Сергеј Лавров дури на крајот на март, кога изјави дека единствен приоритет е ослободувањето на Донбас.

При крајот на август, додека сите медиуми известуваа дека Украинската армија подготвува и започна(ла) контраофанзива на југот за пробивање на фронтот околу Херсон, беше изведен изненадувачки напад во правец на Харкив, по што веќе на средината на септември беа ослободени големи територии на тоа подрачје.

На крајот на септември веќе почна да се најавува анексијата преку завршените петдневни референдуми во четири области во Украина каде што живее руско малцинство. Путин формално ја прогласи анексијата на почетокот на октомври, но напредокот на военото поле сè уште е на страната на Украина на бранот од офанзивата од крајот на август. Тоа, пак, и назначувањето на новиот главен командант на руските сили во Украина, генералот Сергеј Суворикин, доведе до промена на руската тактика, со започнување на масовни ракетно-воздушни напади на енергетски и други инфраструктурни објекти, при што се употребуваат и иранските дронови.

Поводот беше диверзијата на Керчовскиот мост на 9 октомври, што ја спојува Русија со Крим и е изграден по анексијата во 2014 година, по што, веќе на 10-ти, започна ескалацијата со бомбардирањето на украинските градови, која трае и до денес и која доведе до уништување на 30 отсто од енергетските капацитети на Украина. Руската мобилизација од септември, скорешното признание на генералот Суворикин дека работите кај Херсон се тензични, прогласувањето на воена зона во ново анектираните територии, зборува за ескалација на војната, но никако не и за воената надмоќ на Руската армија во смисла дека е непобедлива и дека прашањето на остварување на целите од „специјалната воена операција“ не може да биде доведено под сомневање.

* * *

Ова се според изборот на Вистиномер, поглавните руски и проруски дезинформациски наративи кои треба да послужат за остварување на геостратешките цели на Русија и добивање на војната во Украина што започна со агресијата на Русија на 24 февруари 2022 година.

Екипа на Вистиномер

Related