Објава манипулира со фотографии, тврдејќи дека се прикажани страдања на „руски деца од Донбас“

Published on:

На една од фотографиите воопшто не станува збор за дете од Донбас, туку од Ирак, по име Мухамед Адман, кој настрадал од шрапнел. Друга фотографија е злоупотребувана за ширење манипулации уште во 2015 година и истите ги има дебанкирано сајтот за проверка на фактите Стоп фејк. Третата  фотографија, пак, пишува Си-Ен-Ен, ја има направено италијанскиот фотограф Енди Рочели во 2014 година за време на украинско-рускиот конфликт во Донбас и на неа се прикажани деца без родители во Славјанск, Украина, кои барале засолниште во подрумот на прифатилиштето, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Анализираме пост на Фејсбук кој коментирајќи ја војната во Украина, манипулира со јавноста споделувајќи фотографии од деца за кои тврди дека се „руски деца од Донбас“, фотографирани во последните осум години. Постот алудира на наводна агресија која Украина ја спроведува врз руското население во Донбас. Нашата проверка покажа дека тврдењата во постот се невистинити и манипулативни.

Во објавата на Фејсбук се вели:

Сосема друг епилог имаат работите кога наместо 3ца генерали и Москва, одлучува само еден генерал, кој притоа има одврзани раце да одбрани руска територија.

За првата слика со изјавата на Зеленски, нека не се плаши за нивното уништување, зошто кај да е Украинците и НАТО ќе стигнат до Кремљ.

Првото видео е од BBC, а второто видео е од тоа како им започна денот на украинските соороспии и северџани. И се уште им трае.

 А последните 3 слики да не се збуните, се руски деца во Донбас, изминативе 8 години, се наведува во постот кој го рецензираме.

Доколку на Гугл ги пребарате фотографиите за кои се тврди дека прикажуваат „руски деца од Донбас“, ќе сретнете сосема поинаква приказна за нив.

На првата фотографија, воопшто не станува збор за дете од Донбас, туку од Ирак, по име Мухамед Адман, кој настрадал од шрапнел.

Фотографијата е многу постара и на пребарувачот Тин Aј можат да се најдат записи со неа од 2008, 2009 и 2013 година. Фотографијата во сите написи кои успеавме да ги најдеме на Гугл се поврзува со Ирак, а не со Донбас, како што сугерира постот што го рецензираме.

Фотографијата со второто дете е злоупотребувана за ширење манипулации уште во 2015 година и истите ги има дебанкирано сајтот за проверка на фактите Стоп фејк.

Фото: Принтскрин, www.stopfake.org

Во средината на септември истата година, социјалните мрежи почнале активно да шират инсценирана фотографија од момче кое шета среде гранатирани згради. Во објавата се тврдело дека момчето е од Донецк и дека ја бара својата мајка меѓу остатоците од зградата, уништена од бомбардирањето на украинската армија.

Фотографијата била дури и објавена на веб-страницата на руската телевизија РенТВ на 17 септември, со истото образложение – дека станува збор за момче кое меѓу урнатините ја бара мајка си.

Но, ова не е целосната вистина.

Фотографијата е од видео клипот „Ангел: песна за децата од Донбас“ (00:51), а малото момче е еден од актерите учесници во целосно испланирана изведба, пишува Стоп фејк.

На снимката всушност се прикажани урнатини од градот Никишин во Донецката област, каде што се прикажани момче и девојка како бараат помош.

Видеото беше објавено на Јутјуб на 16 септември. Неговиот режисер Ден Леви, на 17 август на Фејсбук напиша дека децата на видеото се брат и сестра, дека имаат родители и дека моментално живеат во прифатилиште.

Стоп фејк објавува и видео од 1 септември годинава, кое покажува дека момчето и неговата мајка се добри, дека се заедно и дека живеат во прифатилиште.

Третиот приказ од објавата што ја рецензираме е поделена на два дела, односно на две фотографии.

Горната, како што објавува Гардијан е направена во јули 1941 година за време на Втората Светска војна и прикажува деца од Русија кои се кријат во засолниште за време на воздушни напади на источниот фронт.

Долната фотографија, пишува Си-Ен-Ен, ја има направено италијанскиот фотограф Енди Рочели во 2014 година за време на украинско-рускиот конфликт во Донбас и на неа се прикажани деца без родители во Славјанск, Украина, кои барале засолниште во подрумот на прифатилиштето. Тоа била една од последните фотографии направени од италијанскиот фотограф Рочели, кој бил убиен за време на минофрлачки напад. Славјанск во 2014 година беше само неколку месеци под окупација на про-руските сепаратисти и оттогаш е под владение на украинските власти. Тоа значи дека во периодот од 2014 до почетокот на актуелната војна во Украина на 24 февруари 2022 година, ако градот бил предмет на артилеристи напади, тие биле вршени од страна на про-руските сепаратисти. А, по 24 февруари 2022 година, пак, градот бездруго беше редовно артилериска мета на руските сили со цел да се скрши отпорот на украинските бранители и Славјанск да се освои, заедно со блискиот регионалниот центар Краматорск. Но, и двата града се сè уште под украионска контрола, а опасноста и артилериските напади врз нив сега се далеку помали откако блиските стратешки локации, градовите Изиум и Лиман, од кои доаѓаа артилериските напади врз Славјанск, по септемвриската украинска контра-офанзива повеќе не се под контрола на руските сили.

Војната во Донбас беше вооружен конфликт во регионот Донбас во Украина, дел од пошироката руско-украинска војна. Во март 2014 година, веднаш по протестното движење Евромајдан и последователната Револуција на достоинството, почнаа протести на проруските, антивладини сепаратистички групи во областите Донецк и Луганск во Украина, наречени Донбас. Овие демонстрации започнаа приближно во исто време со руската анексија на Крим и беа дел од пошироките проруски протести низ Јужна и Источна Украина. Со прогласување на Донецк и Луганска Народна република (ДПР и ЛПР, соодветно), вооружените сепаратистички групи поддржани од Русија зазедоа владини згради низ Донбас, што доведе до вооружен конфликт со украинските сили.

Имајќи го предвид сето ова, може да се каже дека објавата содржи невистини и манипулации со цел да ја доведе јавноста во заблуда. Најголем дел од фотографиите не прикажуваат деца во воен контекст во Донбас или „руски деца во Донбас“. Жителите, а со тоа и децата од Донбас се граѓани на Украина, кои говорат руски, како и многу други жители ширум Украина. Само една фотографија прикажува деца засолнети во подрум во Донецк во 2014 година. Поради сето ова, постот го оценуваме како невистинит.

Related