Македонските државјани не смеат да војуваат за странска армија, бидејќи тоа е кривично дело

Published on:

Оваа објава што се споделува на Фејсбук ја дезинформира јавноста дека и Македонци ќе може да војуваат во Русија. Тоа во нашата држава е кривично дело, исто како и борбата за која било странска армија и се казнува со затворска казна. Учеството во странска легија за македонските граѓани е  спротивно на член 322-а од Кривичниот законик кој забранува учество на државјани на С. Македонија во која било војска или друга странска воена или полициска формација, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се споделува текст од портал, со наслов:

И Македонци ќе може да војуваат за Русија? Отворени точки за прием на странци во руската војска: Еве што може да очекуваат доколку потпишат договор за услуги

Во текстот се вели дека се примаат апликации за странските државјани кои сакаат да се пријават во вооружените сили на Руската Федерација, како и дека се одговараат прашања поврзани со приемот на странски државјани во воена служба по договор. Потоа се вели дека Министерството за внатрешни работи (на Русија н.з) посочило дека странците кои потпишале договор за служба во вооружените сили на Русија имаат право на поедноставено стекнување руско државјанство, исто како и членовите на нивните семејства, односно родителите, сопружниците и децата.

Меѓутоа, законски, не е можно она што го пишува во насловот од текстот. Државјаните на С. Македонија не смеат да се борат за странска армија, бидејќи тоа претставува кривично дело, независно за која армија станува збор.

На 9 март годинава, Министерството за надворешни работи издаде соопштение во кое ги потсетува македонските граѓани дека учество во која било странска војска е кривично дело. Од МНР тогаш посочија дека како земја пријател на Украина, постои разбирање за сложената состојба во која се наоѓа Украина.

Воедно сакаме да потсетиме дека Република Северна Македонија во целост ја осудува воената агресија на Русија врз Украина, и тоа соодветно земјава го демонстрира и во ОН, НАТО, ОБСЕ и на сите други билатерални и мултилатерални форуми, нагласија од МНР.

Од Амбасадата на Украина во Скопје за Порталб тогаш рекоа дека сите украински амбасади во светот информираа за оваа иницијатива на Зеленски за доброволно учество во редовите на Меѓународната легија за одбрана на Украина. Додаваат дека тие немаат намера да регрутираат и секогаш ќе се придржуваат до македонските закони.

Мета.мк веќе пишуваше дека учеството во странска легија за македонските граѓани е спротивно на член 322-а од Кривичниот законик, кој забранува учество на државјани на С. Македонија во која било војска или друга странска воена или полициска формација. 

Во периодот од  2014 до 2021 година, регистрирани се 11 кривични дела „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“, за кои кривично се пријавени 56 сторители.

И од Владата претходно за медиумите се повикаа на Кривичниот законик, кој јасно дефинира дека учеството во странска војска или обука од странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации, организирани групи, надвор од територијата на Северна Македонија се казнува со затвор од најмалку четири години.

И министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во изјава за „Click Plus“ изјави дека учеството во војната во Украина е забрането со закон и секој што ќе оди ќе биде санкциониран. 

Законот не прави дискриминација дали ќе се борите во Украина или на Блискиот Исток. Законот вели дека незаконското учество во војни во странство се казнува со затвор и истото ќе важи за сите, па и за оние кои одат во Украина, рече Османи. 

Националниот координатор на Националниот комитет за спречување насилен екстремизам и борба против тероризмот, Златко Апостоловски за СДК изјави дека ако македонските државјани заминат да се борат како доброволци на руска или на украинска страна во актуелната војна со инвазијата на Русија во Украина, ќе одговараат за истото кривично дело како тие што беа на боиштата во Ирак, Сирија или се приклучија на ИСИС.

Поради сите горенаведени факти оценуваме дека не е вистина наведеното во насловот од текстот што го рецензираме, дека и Македонци ќе може да војуваат во Русија. Тоа во земјава е кривично дело, исто како и борбата за која било странска армија и се казнува со затворска казна.

Related