Јанко Бачев споделува неверодостојна изјава на Фидел Кастро за следна војна во Европа

Published on:

Лидерот на политичката партија Единствена Македoнија, Јанко Бачев, на својот Фејсбук профил сподели изјава која наводно ја кажал поранешниот претседател на Куба, Фидел Кастро. Но, иако Кастро никогаш не изјавил вакво нешто како што тврди Бачев, оваа објава е многу вирална со 180 споделувања и над 1.000 реакции, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Кажано пред 30 години прецизно и точно. Фидел Кастро во 1992 година: „Следната војна во Европа ќе биде меѓу Русија и фашизмот, само што фашизмот тогаш ќе се вика демократија“

[Извор: Фејсбук профил на Јанко Бачев; Датум: 21.08.2022]

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

На оваа објава прикачена е фотографија на која е прикажан Фидел Кастро, а под фотографијата во наводници и на шпански јазик напишана е изјавата која што ја цитира Бачев. Но, вистината е дека Кастро нема кажано дека „следната војна во  Европа ќе биде помеѓу Русија и фашизмот, само што фашизмот тогаш ќе се вика демократија“

Пребарувањата на Интернет покажуваат дека Кастро никогаш не изјавил вакво нешто, ниту, пак, нешто слично. Во ниту една компилација на негови цитати не може да се најде посочената изјава, ниту кога се пребарува на англиски јазик, ниту на неговиот мајчин шпански јазик.

На веб-страницата наречена ЛАНИК –латиноамерикански мрежен информативен центар, има дата база од сите говори на Кастро, вклучително и на оние од 1992 година,  годината за којашто Бачев во објавата на Фејсбук тврди дека Кастро наводно ја кажал изјавата за следната војна во Европа.

На оваа веб-страна, може да се пребаруваат сите говори на Кастро од 1959 година до 1996, вклучувајќи ги и сите говори кои што ги дал во 1992 година. Освен што пребарувањето на говорите од 1992 година не покажува дека Кастро изјавил ваквонешто,  туку со пребарување по клучни зборови  не се  наоѓа никаков пишан документ во ниту една друга година со ваква изјава.

На веб-страницата fidelcastro.cu, која што е специјална веб-страница за ликот и делото на Кастро, во посебен дел ги има сите негови говори и цитати кои што исто така може да се пребаруваат по клучен збор. Доколку го пребарувате зборот „фашизам“ или пак, зборот демократија, коишто се споменуваат во наводната изјава на Кастро, се појавуваат неколку изјави, но не и таа која ја цитира Бачев.

Британскиот весник „Гардијан“ ги има издвоено најважните цитати од кубанскиот лидер, но и тука не може да се најде спорната изјава.

По повод неговата смрт во 2016 година, и „Ројтерс“ ги издвои неговите најистакнати цитати, ама и тука не може да се најде изјавата за следната војна во Европа.

„Википедија“, исто така, има издвоено десетици негови изјави на повеќе теми, дадени низ годините на неговото владеење, меѓутоа и тука нема ништо слично на таа изјава. Единствено нешто што е забележано дека тој го изјавил во 1992 година поврзано со Русија е негова изјава за распадот на Советскиот сојуз.

СССР се самоуништи на неверојатен начин. Одговорноста за тоа самоуништување несомнено лежи во рацете на лидерите на земјата, оние кои ја водеа таа нација. Сега, некои од нив беа свесни дека ја уништуваат, а други не.

Изјавата не може да се најде ни на веб-страницата за цитати каде што се издвоени 138 најпознати изреки на Кастро.

Пребарувањата на оваа изрека на англиски јазик покажуваат дека таа е споделена на некои социјални мрежи како Редит, Quora, без контекст и извор на информацијата.  На шпански јазик изјавата може да се најде на Твитер, објавена на 5 јули, како и на 8 април оваа година на корисници од латинска Америка. И тоа е сè што може да се најде поврзано со оваа изјава.

Доколку навистина имало ваква впечатлива изјава на светски познатиот кубански лидер, несомнено дека таа ќе беше запишана од историчарите – хроничрите и местото ќе ѝ беше помеѓу сите останати познати негови изјави. Вака, без никаков пишан траг и без никаков подетален извор на информацијата, се чини дека оваа изјава е измислена сега, во ова време кога Русија навистина води војна на тлото на Европа, односно во Украина за да може да се оправда таа војна.

ИЗВОРИ:

Оцени: Симона Атанасова

Related