Вистиномер: Не е точно дека СЗО и бугарската влада договориле нов бран на сојот омикрон

Published on:

Не е вистина дека Кирил Петков и претставник од СЗО договориле со владата на Бугарија пик на сојот омикрон со 10.000 случаи дневно и бустер дози за учениците. Станува збор за комплетна измислица. СЗО нема овластување да издава наредби до земјите членки, ниту да се меша во внатрешните одлуки што тие ги носат за прашања од доменот на јавното здравје. Исто така, тврдењата во постот не кореспондираат со изјавата на бугарскиот премиер Петков од 14 јули, во којашто ги информира бугарските граѓани дека ги очекува спокојно лето во однос на ковид пандемијата. Што се однесува до вакцинацијата во  Бугарија, таа не е задолжителна,  вклучително и за децата, пишува Вистиномер.мк.

 

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој е наведено дека Светската здравствена организација направила договор со Бугарија, а кој го објавила Русија преку агенцијата ТАСС. Наводниот договор, заедно со наводниот скандалозен разговор според постот се одржал на 5 јули годинава и  наводно се одвивал меѓу извесен Џон Дејвид од СЗО и бугарскиот премиер Кирил Петков. Во постот разговорот се цитира во директен говор и наводно Дејвид од СЗО бара од Петков да гарантира дека владата на Бугарија ќе го исполни својот дел од договорот и ќе има врв на сојот омикрон. Потоа Петков е цитиран дека рекол:

Сакам да бидете спокоен! Сè е подготвено за новиот бран, ќе имате 10.000 пациенти дневно! Вие плаќате, ние доставуваме!

Потоа во цитираниот дел, Дејвид бара од Петков да им се наметне на учениците во Бугарија бустер дозата од вакцината, на што Петков според наведеното во постот одговорил дека и тоа е договорено и дека повторно ќе се наметне паника во бугарското општество.

Кирил Петков: Ќе ги натераме родителите да си ги дадат децата за бустер доза! Исто сакам да се знае дека следниот кабинет, кој и да е, ќе ги слуша вашите нарачки!

Џон Дејвид: Совршено, сите ќе бидете многу среќни!

Петков: Сакам да се знае дека се е готово! Веќе имаме подготвено, за 10. 000 пациенти дневно!

Целиот разговор во овој пост е измислен. Во моментот на разгледување на постот, достапен беше и линк од бугарски медиум кој го имаше објавено разговорот на бугарски јазик, меѓутоа објавата подоцна беше избришана од веб-страницата. На линкот, додека тој беше достапен, не постоеше никаков доказ, ниту видео ниту аудио запис, ниту наведен извор за наводниот разговор.

„Вистиномер“ со пребарување не успеа да најде ниту еден службеник кого официјално Светската здравствена организација го ангажирала, вработила или консултирала, а кој се вика Џон Дејвид – името на лицето за кое во постот се тврди дека е претставник на СЗО, кој наводно имал разговор со Кирил Петков.Од друга страна, бугарскиот премиер Петков на 14 јули, (по точно 9 дена откако на 5 јули на novinitebg.eu е објавен наводниот скандалозен разговор), ги информира бугарските граѓани дека ги очекува спокојно лето.

Сакам јасно да им кажам на сите бугарски граѓани дека нема и не се предвидени ограничувачки мерки поврзани со затворање на бизниси, нема барање на ковид сертификати и нема предвидување да се ограничи движењето. Сакам да ги успокојам сите дека ја следиме ситуацијата многу внимателно, но деновите покажуваат дека Бугарите може да имаат едно спокојно лето, изјави Петков.

Тој додаде дека во планот за акција на Бугарија за справување со коронавирусот има шест етапи, базирано на зафатеноста на болничките кревети, креветите на интензивна нега и општите епидемиолошки показатели.

Во моментот поголемиот дел од Бугарија се наоѓа во етапата нула, со исклучок на неколку области во етапа број еден, рече Петков.

Главниот државен здравствен инспектор, доцент Ангел Кунчев, пак, посочи дека нема никаква револуционерна промена во планот.

Всушност основната причина поради којашто спремивме нов план, е промената во Законот за здравје, кој налага таков план за да има можност министерот за здравство при неопходност, да воведе различни противепидемиски мерки. Продолжува растот на заболените, но тој е далеку од пикот кој го имавме пред само неколку месеци. Денес има 118 помалку заболени од вчера, рече Кунчев.

Тој додаде дека во зоната број еден во која се наоѓа Софија, ќе се воведе носење маска во здравствените установи, социјалните домови и домовите за стари лица. Ако работодавачите одлучат, може работниот процес своеволно да го организираат со работа од дома.

На 8 јули на Фејсбук страницата на Министерството за здравство на Бугарија е објавена препорака луѓето од ризичните категории да не ја одложуваат вакцинацијата против ковид-19, како возрасните граѓани, оние со срцеви болести, болести на белите дробови, бубрезите, вклучително и деца со такви коморбидитети, луѓе со ослабен имунитет и бремени жени, кои инаку имаат поголем ризик да им е потребна хоспитализација.

Значи, во Бугарија вакцинацијата за сите, вклучително и за децата е препорака, а не задолжителна. Така што тврдењето во постот, дека ќе им се наметне вакцина на децата во училиштата преку креирање паника во општеството е невистинито.

Сервисот за проверка на факти во Бугарија, веќе се има занимавано со невистинитите тврдења кои се шират на социјалните мрежи дека наводно СЗО нарачува пик на пандемија со сојот омикрон. Овие тврдења освен тоа што немаат концизен извор и немаат докази, не кореспондираат со начинот на којшто СЗО функционира генерално. СЗО нема моќ да издава наредби и да им се меша во националните здравствени политики на земјите членки. СЗО не дава пари според бројот на новозаразени, како што невистинито се тврди во постот што го рецензираме. Тоа го има потврдено и ексминистерот за здравство, Венко Филипче во едно интервју за „Слободен печат“ летото 2020 година. Прашан „дали е точно дека СЗО ѝ дава финансиска поддршка на нашата земја според бројот на заразени и починати, односно дека, колку повеќе заразени пациенти со ковид-19 имаме, толку повеќе пари во државниот буџет се слеваат од СЗО“, Филипче вели:

Не, тоа е апсолутно лажна вест.

…Апсолутно нема никаков финансиски бенефит, ниту од бројот на пациенти, ниту од починати, тоа е дефинитивно една лажна вест.

Досега, во две и пол години од ковид пандемијата се покажа дека коронавирусот е непредвидлив, дека се заразија огромен број луѓе и однесе многу жртви, но сепак за теоретичарите на заговори, кои ја потценуваат, не ја признаваат или ја искривуваат сликата за опасноста на болеста ковид-19, секој нов бран е плански смислен за рестрикции и узурпирање на човековите слободи и присилно вакцинирање (иако вакцината е комплетно на доброволна основа со писмена согласност).

Во Бугарија се појавила и лажна информација дека рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров открил наводен план на СЗО да ја рестартира пандемијата во Бугарија, нешто што бугарските проверувачи на факти го оценуваат за неверодостојно и непоткрепено со докази, односно невистинито.

Вистината е дека ниту еден од разговорите вклучително и оној цитиран во постот што го рецензираме, во реалноста не постои, туку станува збор за целосна фабрикација која има за цел да создаде невистинита слика во јавноста дека пандемијата е помалку опасна отколку што е, дека доколку се случи да порасне бројот на заразени тогаш тоа е фабрикувана статистика. Иако во реалноста,  бројките на заразени и бројките на хоспитализирани се базирани на ПЦР тестирања и примени лица во болничките установи.

СЗО нема овластување да им дава наредби на земјите ниту да им се меша во здравствените политики и одлуки. Основата на односите меѓу организацијата и земјите, се меѓународните здравствени упатства кои ги дефинираат правата и обврските на државите за време на меѓународните здравствени кризи. Комуникацијата на СЗО е главно преку упатства и препораки кои не се задолжителни или правно обврзувачки. СЗО може да прогласи пандемија на светско ниво, но не може да нареди затворање на земјите, присилна вакцинација, ниту пак, наменски и таргетирано да го зголемува бројот на заразени од ковид-19. Во постот што го рецензираме, извор на објавениот измислен, фиктивен разговор кој никогаш не се одржал меѓу Кирил Петков и претставник на СЗО, е страницата novinitebg.eu. Таа, како што наведуваат бугарските проверувачи на факти, постои помалку од еден месец, а најстарата публикација во неа е само од 24 јуни годинава. Оттогаш се објавуваат по неколку информации дневно, сите потпишани од Николаи Димитров и се варијација на истата тема, дека наводно повторно ќе се зголеми бројот на заболени од ковид-19 во Бугарија по нарачка на СЗО.

Текстовите се кратки, со големи букви, голем број правописни грешки, граматички и интерпукциски исто така. Сајтовите се направени на платформата Вордпрес, без импресум, а за многу кратко време објавуваат голем број невистинити или целосно измислени материјали за актуелни теми кои потоа активно се дистрибуираат на социјалните мрежи, пишува Фактчек.бг.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина оти Кирил Петков и претставник од СЗО договориле со владата на Бугарија пик на сојот омикрон со 10.000 случаи дневно и бустер дози за учениците. Станува збор за комплетна измислица. СЗО нема овластување да издава наредби до земјите членки, ниту да се меша во внатрешните одлуки што тие ги носат за прашања од доменот на јавното здравје. Исто така, тврдењата во постот не кореспондираат со изјавата на бугарскиот премиер Петков од 14 јули, во којашто ги информира бугарските граѓани дека ги очекува спокојно лето во однос на ковид пандемијата. Што се однесува до вакцинацијата во  Бугарија, таа не е задолжителна,  вклучително и за децата.

Related

Leave a Reply

Please enter your comment!
Please enter your name here