Наспроти она што го спинува Јакимовски, дека „земјава и со сила ќе беше внесена во НАТО, и без да го смени името“, определбата за евроатлантски интеграции на која било држава е самостојна и независна одлука на секоја од нив. За што впрочем говорат фактите и бројките – 30 држави се членки на НАТО Алијансата, а има и држави од европскиот свет кои не се дел од истата. Досега, историски, не е познат случај некоја држава „со сила да биде внесена во НАТО“ и без да ги испочитува препораките и барањата на Алијансата, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Во интервју на емисијата „Само вистина“ на 5 јули годинава, Стевчо Јакимовски, градоначалник на Општина Карпош, говорејќи за францускиот предлог, се осврна и на други прашања, во кои можат да се забележат спинувања. Јакимовски на својот профил на Фејсбук објави мал сегмент од интервјуто, каде што меѓу другото вели дека Македонија со сила би била внесена во НАТО, и без да го смени името, бидејќи, според него, „нивниот влог е поголем од нашиот“.
Спин: Дали сега ви станува јасно зошто Македонија мораше да влезе во НАТО? Гледајте што се случи во Украина, причината за влез и да не сакавме да влеземе со сила ќе нè внесеа, ни име ќе менувавме ни ништо. Во Европа не сакаат да остават празен простор. Они сакаат нас да нè држат под контрола, ако ние го одбиеме предлогот, они имаат поголем проблем отколку што имаме ние. Они се плашат да нè пробие Истокот овде во Македонија. Они се плашат други влијанија да има овде, не сакаат да остават ни парче педа од Европа каде што ќе може евентуално значи дали Русија, дали Кина дали Арапскиот свет итн., да продре овде со инвестиции во Македонија и тоа е нивниот проблем и нивниот страв. И ние треба да сфатиме дека како што ние се плашиме, така се плашат и они, ама нивниот влог е поголем од нашиот, рече Јакимовски.
Контраспин: Определбата за евро-атлантски интеграции на која било држава е самостојна и независна одлука на секоја од нив, за што впрочем говорат фактите и бројките, дека 30 држави се членки на НАТО Алијансата, а има и држави од европскиот свет кои не се дел од истата. Досега, историски, не е познат случај некоја држава „со сила да биде внесена во НАТО“ и без да ги испочитува препораките и барањата на Алијансата.
Оттаму, она што го говори Јакимовски, во ниту еден случај не кореспондира со реалноста, бидејќи за влез во НАТО Алијансата постојат строго дефинирани регулативи. Имено, НАТО го има она што се нарекува Акционен план за членство, кој им помага на земјите кои се стремат да станат членки да се подготват за членство и да ги исполнат клучните барања со давање практични совети и насочена помош.
Определбата за евро-атлантско интегрирање на Република Северна Македонија не датира од вчера или од денеска, туку уште од далечната 1993 година, кога Собранието усвои Резолуција, во која се дефинирани надворешно политичките приоритети на земјата, а тоа се членството во НАТО и во ЕУ. Доколку, како што вели Јакимовски, нашиот влог бил помал а нивниот (мислејќи на НАТО Алијансата и ЕУ) поголем, тогаш нашето членство во НАТО би се случило многу поскоро. Но, патот на земјава до членство во НАТО беше прилично тежок, пред сè поради спорот со Грција за името. Доколку патот на земјава бил толку отворен за влез во НАТО, тогаш спорот воопшто немаше ни да постои.
Но, спорот беше реален, исцрпувачки и долготраен. Во финалната Декларација од Самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година, Алијансата донесе одлука дека земјата треба да добие покана за членство по решавањето на спорот за името со Грција. Во рамки на декларациите на следните Самити на НАТО (Лисабон 2010, Чикаго 2012, Велс 2014 и Варшава 2016), беше повторена формулацијата од Букурешт дека Алијансата ќе упати покана за членство во НАТО веднаш по постигнувањето на взаемно прифатливо решение за името во рамки на ООН.
На Самитот на НАТО во Брисел, во 2018 година, на состанок на ниво на шефови на држави и влади, донесе одлука да ја покани Република Северна Македонија да ги започне пристапните разговори за членство во Алијансата.
Наредната, 2019 година, Македонија изрази подготвеноста и способност на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, содржани во Вашингтонскиот договор и Студијата за проширување на НАТО од 1995 година, како и желбата за добивање покана за пристапување кон НАТО.
На 6 февруари 2019 година, во седиштето на НАТО во Брисел, претставниците на 29 земји – членки на НАТО, го потпишаа Пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, по што почна постапката за ратификација на Пристапниот протокол од страна на сите 29 земји членки на Алијансата. Процедурата за ратификација на Пристапниот протокол беше финализирана на 19 март 2020 година, кога Aмбасадорот на Кралството Шпанија во Вашингтон, го предаде инструментот за ратификација на Вашингтонскиот договор, со што се заокружи третата и последна фаза од пристапниот процес.
Ова практично значи дека цели 25 години за земјава траеше процесот за членство во НАТО, по изразена желба и подготвеност од страна на Република Северна Македонија, а не со сила. Дека членството во НАТО не е присилно, говори и листата на држави кои не се членки на Алијансата.
Србија, која е наш сосед и е далеку поголема и стратешки посилна држава, не е членка на НАТО и јасно го изразува својот став дека не сака да биде. Никогаш не било обзнането дека кој било се труди присилно да ја натера Србија да стане членка. Во својата колумна за Балкан Инсајт, Олег Чуприна, украински докторски кандидат во Центарот за европски и евроазиски студии на катедрата за социологија при Универзитетот Мејнут, Ирска, се осврнува токму на овој дел, дека Србија има аспирации за членство во Европската Унија, но не сака да биде НАТО членка.
Неодамнешните анкети во Србија, на пример, укажуваат на силно мнозинство кое има антизападни ставови многу слични на оние доминантни во самата Русија; околу 70 отсто од Србите сметаат дека НАТО е закана за европската безбедност. Ова е и покрај фактот што Европската унија, со повеќето нејзини членки, исто така дел од НАТО, е убедливо најголемиот трговски партнер на Србија [62 отсто од целата трговија], инвеститор [67 отсто од сите странски инвестиции] и донатор. Со околу 300 милиони евра неповратна помош, Србија е меѓу првите три приматели на трансфери на пари од ЕУ, пишува во анализата на Чуприна.
Австрија исто така нема намера да се приклучи во НАТО и држи неутрален став, а и на спроведените анкети, 75 отсто од испитаниците во Австрија се изјаснуваат како неутрални кога станува збор за НАТО или за Русија. Со објавувањето на нивната намера да се приклучат на одбранбената алијанса на НАТО, Финска и Шведска ја напуштија децениската, поточно вековната неутралност, но австрискиот канцелар Карл Нехамер изјави дека Австрија нема намера да го следи нивниот пример.
Тој го повтори тоа во април, непосредно пред да отпатува за Москва на средба со рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине инвазијата врз соседна Украина, велејќи: „Австрија беше неутрална, Австрија е неутрална, а Австрија ќе остане неутрална“.
И тука исчезнува дилемата дали некои држави, како на пример нашата, принудно би биле внесени во НАТО, па дури и без промена на името и дека „ние повеќе им требаме ним, отколку тие нам“. Придобивките од членството во НАТО Алијансата се повеќе од јасни. На пример, истражувањето „Економски придобивки и предизвици од членството во НАТО“ е насочено кон утврдување на економските ефекти од пристапувањето во НАТО. За таа цел, во 2019 година изработена беше компаративна анализа на Албанија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Романија и Македонија, за утврдување на буџетските импликации, ефектот врз БДП и странските директни инвестиции (СДИ), како и индикатори кои се однесуваат на доброто владеење.
Според анализите на индикаторите од Светската банка и постојната економска литература, доброто владеење се зголемува во истражуваните земји-членки и тоа позитивно влијае врз економијата. Во однос на БДП се забележува просечно зголемување за 90% во периодот од пет години по влезот во НАТО, споредено со периодот од пет години пред влезот во НАТО за анализираните земји и просечно зголемување на СДИ за дури 292%. Меѓутоа, не може да се тврди дека овие позитивни промени се директна последица на влезот во НАТО, бидејќи истовремено земјите поминуваат и низ интегративните процеси во Европската Унија и други засилени процеси на структурни реформи. Сепак, постоењето корелација помеѓу овие позитивни промени и членството во НАТО се охрабрувачки за една потенцијална земја-членка како Македонија, стои во анализата.
Оттаму, прашањето не е кој на кого повеќе му треба, како што се обидува да спинува Јакимовски, туку на кантар да се стават придобивките и она што би се изгубило доколку земјава не станеше членка на НАТО.
Факт е дека големите сили сакаат да имаат што повеќе држави на своја страна, но факт е и дека секоја држава членка од тоа имаат корист, во спротивно членството би било чиста небулоза. Но, невистина е она што го спинува Јакимовски, дека некоја држава со сила би била принудена да заземе страна, со оглед на тоа што пред нас имаме безброј примери на држави далеку помоќни од С. Македонија кои остануваат неутрални.
Пишува: Мери Јордановска