Борис Камчев: Дезинформаците и фабрикацијата на вестите се едни од главните лостови на режимот и причина за долгото владеење на Путин

Published on:

Борис Камчев е надворешно-политички новинар и коментатор кој моментално е ангажиран како известувач на Македонската информативна агенција (МИА) од Вашингтон, а исто така е редовен соработник на LNG Publishing, американска издавачка куќа од Вашингтон, за која пишува за индустријата со нафтени деривати на Русија, земјите од поранешниот СССР и земјите од регионот на Источна Европа. Камчев претходно работел како дописник од Русија за повеќе македонски дневни и неделни изданија, бил ангажиран и како соработник за бизнис теми во редакцијата на The St. Petersburg Times, а соработувал и со Russia Profile, англиско интернет-издание на РИА Новости.

Борис е автор на две книги за Русија: „Русија на Путин“ и „Автократизам и вертикала“, издадени во Скопје во 2013 и во 2020 година. Во интервју за „Вистиномер“ зборува за актуелни теми поврзани со руската воена агресија врз Украина, состојбата со дезинформациите, пропагандата и хибридните закани кои доаѓаат од Русија, затворањето на независните медиуми во Русија, како и влијанието на пропагандата на Кремљ врз земјите од Западен Балкан, како и врз спорот што земјава го води со Бугарија, пишува „Вистиномер“.

Интервјуто подолу го пренесуваме во целост:

 

Каква е актуелната состојба на внатрешен план во Руската Федерација во однос на дезинформациите? Како инвазијата врз Украина влијаеше врз нивната продукција и ширење? Дали се забележува нивно зголемување или, пак, нивното ниво е стабилно со оглед на мислењата на некои аналитичари дека Кремљ ја подготвува јавноста во земјата за ваква војна со години наназад, барем од 2014 година?

Контролата на главните извори на информации во Русија е приоритет на власта на рускиот претседател Владимир Путин уште од 2000 година, кога тој ја презеде претседателската функција од неговиот претходник Борис Елцин.

Teнденциозното известување, дезинформациите и фабрикацијата на вестите се еден од главните лостови за одржување на режимот и причина за долготрајната власт на Путин. Во Русија тие се јавуваат во различни форми – од оцрнување и заплашување на критичарите, опозициските политичари и критичките новинари или реторика со екстремни конзеративни ставови кон ЛГБТ заедницата, до протекување на таканаречени „компромати“, односно компромитирачки материјали за да се отстранат фунционери кои паднале во немилост на владејачките структури, пред сѐ, на тнр. „силовики“, моќните претставници на министерствата за сила и принуда, или на самиот Путин.

Не би кажал дека дезинформациите биле намалени пред анексијата на Крим во 2014 година, а потоа се зголемиле. Како ефективна алатка на власта, пропагандата во Русија постоела уште откако е измислен печатениот медиум, освен за време на краткиот период на демократизација во 1990-те. Поточно би било да се каже дека со почетокот на антизападната реторика на Путин и барањата за ревизија на глобалниот поредок истакнати од руската дипломатија уште од 2007 година, дезинформациите се интернационализираат со додавање на компонентите како антиамериканизам, антиукраинизам или описи за наводната декаденција на Европа.

Круната на овој геополитички судир со Западот, пред сѐ, со САД, како што знаеме, беше вмешаноста на Кремљ во американските претседателски избори во 2016 година (и во многу други избори низ Европа) и изборот на Доналд Трамп, кој за многумина познавачи на состојбите победи со помош на усовршената руска пропаганда и количеството и ефективноста на дезинфромациите лиферувани во американскиот домен на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер. Не случајно, во 2011 година, Путин рече дека „глобалниот интернет е алатка на ЦИА и треба да се заузда“ со премолчена закана дека „ќе ве натепаме со ваш камен по ваша глава“.

„Руското општество моментално е во невидена апатија и безизлез. Пропагандата, барем на домашно поле, е забревтана машина, како и секогаш. Со апсолутната контрола на власта врз медиумите и судството, контрола на еден тоталитарен систем, и малку преостанатите прогресивни Руси не можат да сторат многу за некакви промени.“

Пропагандата и дезинформациите околу одлуката на Кремљ да започне и да води воена агресија против Украина или „војна на агресија“, како што е опишана на Запад, е само природен редослед на состојбите што траат уште од 2000 година. А од нив, најблескав пример беа лагите на руските политичари и дипломати дека натрупувањето војска на границата со Украина е „наша внатрешна работа“ и дека не се подготвува напад на соседната земја, па откако тоа се случи, изјавуваа дека таа „воена операција“ (исправниот термин според воената цензура во Русија) ќе биде „молскавична“ и краткотрајна.

Колку негативно се одрази затворањето на неколкуте преостанати независни медиуми во Русија со почетокот на војната, како и укинувањето на пристапот до Фејсбук, Инстаграм и Твитер? Играа ли овие медиуми и социјални мрежи голема улога во информирањето на јавноста во Русија, или, пак, нивната улога беше ограничена?

Беше сосема предвидливо дека со војната во Украина и стегањето на гајките во руското општество со дрaконските казни за мирен протест и слободно изразување, како и новововедената воена цензура, ќе настрадаат неколкуте преостанати назависни медиуми како ТВ Дожд или радиото Ехо на Москва. Несомнено, улогата на oвие медиуми беше значајна во информирање на јавноста.

Покрај тоа, укинувањето на Фејсбук и Инстаграм ги запре приходите на илјадници популарни лица од руското новинарство, шоу бизнис и обични претприемачи, кои на овие платформи емитуваа свои емисии, ток-шоуа или реклами со огромна гледност што се броеше во десетици и стотици илјади потписници. Голем дел од нив, како и новинарите од горенаведените аутлети заминаа во странство, може да се рече во егзил, барајќи други начини за егзистенција, или известувајќи од сооседните демократски земји како Естонија, Латвија или од Грузија.

Каква е улогата и колкава е моќта на медиумите финансирани од Кремљ, а наменети за странските публики како РТ (Russia Today), Спутник и другите? Дотолку повеќе што некои од нив престанаа со работа во одредени земји, а на некои социјални мрежи се појавува предупредување пред да се пристапи до портал во сопственост на руската држава и слично.

Со воената агресија врз Украина, моќта на државните руски медиуми на Запад, во многу земји е целосно деградирана. Иако во земјите како Србија, С. Македонија или Бугарија, каде Путин традиционално има некоја поддршка, тие сè уште некако влијаат врз јавното мнение, но не во таков обем како пред инвазијата. Во многу земји како Германија или Велика Британија тие се забранети, а со маркирањето на социјалните мрежи дека тие медиуми се спонзорирани од руската држава, тоа влијае негативно на нивната популарност која е сведена на критички коментари или оцрнување од страна на западната публика.

Каква е состојбата со хибридните закани и пропагандата на Кремљ на меѓународно ниво, во западните земји и во регионот на Западниот Балкан споредено со периодот од пред војната во Украина? Може ли да се каже дека со почетокот на употребата на оружјето, пропагандата на Кремљ сега е од споредна важност, или, пак, сметате дека таа сѐ уште има многу важна улога и покрај фактот што западните земји се обединети и во осудата на војната во Украина и кога станува збор за политиките во однос на Руската Федерација?

Во контекст на ова, пред неколку дена, амбасадорите на САД и на Велика Британија во ОН jа обвинија Русија за ширење дезинфомации и заплашување и задржување новинари кои ја кажуваат вистината за Украина. Овие осуди се едни од низата слични во изминатиот период, по започнувањето на војната.

На пропагандата на Кремљ во западните земји е ѝ даден решителен удар и таа сега има поголема важност дома отколку надвор. Хибридните закани сега се сведуваат на уцени или блеф за наводно користење тактичко нуклерано оружје во Украина или со прелетувања на стратешки бомбардери. Хибридните закани на социјалните мрежи и преку традиционалните медиуми ја немаат таа моќ каква што ја имаа пред војната.

„Пропагандата и дезинформациите околу одлуката на Кремљ да започне и да води воена агресија против Украина, или „војна на агресија“ како што е опишана на Запад, е само природен редослед на состојбите што траат уште од 2000 година. А од нив, најблескав пример беа лагите на руските политичари и дипломати дека натрупувањето војска на границата со Украина е „наша внатрешна работа“ и дека не се подготвува напад на соседната земја“

Дали во Русија постои свест за потенцијалните штети врз земјата и врз граѓаните од меѓународните санкции ако тие продолжат да опстојуваат на среден или на долг рок? Успева ли пропагандата на Кремљ да ги сузбие информациите за потенцијалните опасности и штети од санкциите врз сопствените граѓани и врз руската економија?

Руското општество моментално е во невидена апатија и безизлез. Пропагандата, барем на домашно поле, е забревтана машина, како и секогаш. Со апсолутната контрола на власта врз медиумите и судството, контрола на еден тоталитарен систем, и малку преостанатите прогресивни Руси не можат да сторат многу за некакви промени.

Денешната ситуација во Русија најдобро може да се опише преку зборовите на славната руска дисидентка, авторка и мислителка, Валерија Новодворскаја, која во еден свој есеј од 1994 година напиша:

„Од 16 век ние егзистираме според законите на манијакално-депресивната психоза, која само по 100 години стана национална карактеристика.“

Овој опис најмногу одговора за сегашна Русија. Апсолутно никој не знае до какви тектонски длабочини ќе падне земјата по воената агресија врз Украина и меѓународните обвиненија до Путин и генералите за направени воени злосторства. И колку таа ќе биде изолирана и по евентуалното потпишување мировен договор околу Украина. Има гласови на отпор внатре во власта, кај нејзиниот мал либерален дел и кај некои прорежимски олигарси, но тие се мали и нерешителни за една поопширна акција за создавање услови за внатрешен пуч и смена на власта, сеедно дали на мирен начин или преку насилна револуција.

 

Каква беше улогата на пропагандата на Кремљ во однос на С. Македонија во периодот по влезот на земјата во НАТО, па до денес? Не може да се очекува дека значителен дел од пропагандните напори на Кремљ ќе бидат насочени против С. Македонија, но се смени ли нешто на пропаганден план откако земјава влезе во НАТО?

Според мое мислење, С. Македонија е дел од регионот на Балканот каде Русија има значајно влијание, заедно со Србија, српскиот дел на Босна и Бугарија. Секако дека актуелниот спор што го наметна Бугарија е добра шанса за дезинформации. Руското влијание работи на тој начин што ги злоупотребува ранливите точки во западните општества и се обидува да ги засили со цел расколот да постигне геополитички размери и општествен распад, а тоа да користи за сопствени тесногради интереси.

„Денешната ситуација во Русија најдобро може да се опише преку зборовите на славната руска дисидентка, авторка и мислителка, Валерија Новодворскаја, која во еден свој есеј од 1994 година напиша: „Од 16 век ние егзистираме според законите на манијакално-депресивната психоза, која само по 100 години стана национална карактеристика“. Овој опис најмногу одговора за сегашна Русија.“

 

Како гледате на пропагандата на Кремљ кога станува збор за експлоатацијата на спорот меѓу С. Македонија и Бугарија? Кремљ многу често, во изминатите 18 месеци, се ставаше на страната на С. Македонија во овој спор на социјалните мрежи и тоа особено на Твитер преку твитовите на нивните амбасади во Скопје, а донекаде и во Софија. Има ли Кремљ капацитет да влијае негативно, на влошување на овој спор преку својата пропаганда, па и преку хибридни акции?

Не ги следам толку Твитер налозите на руската амбасади во Скопје и Софија, но од она што го велите се потврдува наративот дека кога се однесува за важноста на прашањето за пристапување на С. Македонија во ЕУ кај домашната бугарска политичка сцена, Москва прави раскол во Бугарија со поддршка на едната страна, наместо да повика на изнаоѓање взаемно прифатливо решение, како што тоа го прават ЕУ и САД.

 

Со оглед на тоа што во моментов вие сте во Вашингтон и ја следите и оваа страна на судирот, како таму се гледа на влијанието на дезинформациите на Кремљ и во Европа и во САД? Се преземаат ли некои позначајни мерки за борба против дезинформациите на Кремљ? На пример, има ли активности за борба против дезинформациите во најновиот пакет на САД за поддршка на Украина вреден 40 милијарди долари?

На влијанието на овие дезинформации се одговори жестоко со санкции против руски ентитети и поединци од 2017 година наваму, а по руската вмешаност во претседателските и конгресните избори на САД. Од 2016 година наваму Русија стана внатрешно политичка тема како за актуелната власт така и за националните медиуми како Си-ен-ен (CNN), Фокс њуз (Fox News) или Ем-ес-ен-би-си (MSNBC).

За разлика од одговорот на ЕУ на руската пропаганда кој е поконцентриран со мерки за нарушување на приватноста против технолошките компании и уште во 2015, се формираше оперативна група за борба против неа како East StratCom task force во European External Action Service (комбинирано министерство за надворешни и за одбрана на ЕУ), администрацијата на Бајден презема друг тип иницијативи. Во борбата со руската пропаганда таа повеќе се потпира на истите технолошки компании како Гугл, Твитер и Фејсбук. Постои и оддел во Стејт департменот наречен Global Engagement Center кој споделува информации со неколку безбедносни агенции и странски влади за руските дезинформации на социјалните мрежи, во медиумите, и за руски прокси веб-сајтови.

„Оваа војна, значи не само војната во Украина, туку и хибридно-пропагaндната војна на Кремљ против Западот, не е избор на САД и на НАТО сојузниците од Европа.“

 

Дали според Вас, единството и заедништвото на демократскиот свет во борбата против Кремљ има потенцијали да се одржи на подолг рок, односно онолку долго колку што ќе биде потребно за војната да заврши со исход од кој би биле задоволни и Украинците и НАТО сојузниците? Колкав е ентузијазмот на САД да се истера работата до крај?

Оваа војна, значи не само војната во Украина, туку и хибридно-пропагандната војна на Кремљ против Западот, не е избор на САД и на НАТО сојузниците од Европа.

Во дел од напорите за жешката фаза од овој конфликт да заврши што побргу, тие се принудени да ги вооружуваат Украинците за поефективен отпор на руската агресија. Колку поуспешен приказ западните медиуми имаат за навистина огромното и без преседан единство во одговорот на руската агресија – со обемно и ефикасно вооружување, со досега незабележани рестриктивни санкции, забрани и бојкоти – толку поскоро Москва ќе сфати дека нејзините напори не даваат плод и дека мора да седне на маса за мировни преговори и крај на војната.

Секако дека токму САД се предводници на тој ентузијам што постои во Европа војната да заврши што поскоро.

Related