Вистиномер: На видеата од Буча, Украина, нема исценирани тела кои мрдаат

Published on:

На споделуваното видео, наместо „труп кој ја помрднува раката”, се гледа дамка на стаклото на автомобилот. Раката е непомрдната исто како и починатото тело на асфалтот, меѓутоа дамката на стаклото се помрднува, во исто време како што се движи и автомобилот. Истото објаснување го објавија и проверувачите на факти на Би Би Си, а со слична анализа излезе и Дојче Веле, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која се спори масакрот во Буча (град во киевската област во Украина) преку видео материјал со следниот наслов:

Масакрот во Буча. Мртвите мрдаат Путин не ги дотепал!

Видео материјалот е вознемирувачки, а споделената објава е многу вирална, односно има над 340 споделувања. На видеото се гледаат повеќе мртви, неподвижни тела на улица во Буча, додека од автомобил во движење е снимена целокупната траурна атмосфера. Снимката оригинално меѓу првите, ја објави телевизијата Еспресо, а од неа е видливо, дека починатите не носат воена униформа, односно дека станува збор за цивили, кои се убиени пред куќите, во дворовите, на тротоарите.

Сателитската снимка од местото на ужасниот настан, покажува дека некои од телата биле таму со недели.

Меѓутоа, целиот обид да се фрли сомнеж дека ова убивање на цивили навистина се случило, почна од руското Министерство за одбрана кое тврди дека видеото од возилото е исценирано, односно дека двајца актери ја играат улогата на убиени Украинци во исцениран масакр. Такво е тврдењето и во постот што го рецензираме. На Телеграм и на Твитер, Министерството за одбрана на Русија тврди дека на видеото, едно од лицата снимени наземи, ја помрднува раката, додека другото, кога ќе се погледне од ретровизорот, станува од асфалтот.

На Телеграм, властите на Русија тврдат дека е лага дека руската војска ја напуштила Буча, откако претходно зад себе оставила огромни жртви меѓу цивилното население. Нивните аргументи се дека вестите за Буча во повеќе странски медиуми се појавиле одеднаш, па изгледале како планирана медиумска кампања. Понатаму тие прашуваат каде биле снимките четири дена, со оглед на тоа што руските сили го напуштиле градот на 30 март.

„Видеото со телата збунува. На 12 секунда, „трупот” од десната страна ја помрднува раката. На 30 секунда во ретровизорот ,,трупот” станува и седнува. Се чини дека телата на снимката се намерно поставени за да се создаде драматична слика. ,,Масовната гробница” со телата е дело на вооружените сили на Украина, исто како што пред еден месец во воздух го дигнаа и мостот кај Ирпин и го блокираа градот. Михаил Подољак користи вакви монтирани снимки како изговор да бара оружје од западните земји”, се вели во објавите на Телеграм со тврдење дека масакрот е исцениран. 

И руски дипломати, институции, и амбасади го споделија истиот наратив, дека станува збор за украинско сценарио, а не за масакр што се случил од нивна страна врз локалното цивилно население.

Но, фактите се поинакви.

На третата и четвртата секунда од видеото, наместо „леш кој ја помрднува раката”, се гледа дамка на стаклото на автомобилот. Раката е непомрдната исто како и починатото тело на асфалтот, меѓутоа дамката на стаклото се помрднува, во исто време како што се движи и автомобилот.

Во делот од снимката за кој се тври дека во ретровизорот се гледа тело кое станува и седнува, исто така има свое објаснување. Ретровизорите на автомобилите имаат блага закривеност поради што имаат и сигурносни предупредувања дека предметите во огледалото се поблиски отколку што се чини. Визуелната дисторзија која се забележува на снимката создава илузија дека телото се помрднало или дека станало.

Истото објаснување го објавија и проверувачите на факти на Би Би Си, а со слична анализа излезе и Дојче Веле.

Тие со анализа на видеото и успорување на снимката, исто така покажаа дека се работи за точка која што се наоѓа на ретровизорот, најверојатно нечистотија.

Поради сите горенаведени факти, оценуваме дека не е вистина дека „мртвите од масакрот во Буча мрдаат”. Станува збор за реално убиени граѓани на Украина чии тела се документирани на улиците на Буча, а за кои има и сателитски снимки да ја поткрепат веродостојноста на грозоморниот чин.

Related