Вистиномер: Ако покрај телата на цивилите во Буча немало крв, тоа не значи дека немало и злосторства

Published on:

Сателитските снимки од теренот, кои беа објавени од страна на медиумите, покажуваат дека некои од телата на убиените во Буча биле во иста позиција со недели, што значи дека дури и да имало крв, таа веќе би била отстранета од атмосферски настани во моментот кога се направени фотографиите и кога новинарите влегле во Буча, предградие на Киев во Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук, во која под знак прашалник се доведуваат убиствата на цивили во предградието на Киев, Буча, со оглед на тоа што, според постот, покрај ниеден од убиените немало капка крв. Во овој случај, оценуваме дека е пропуштен контекстот, од повеќе причини кои ги образложуваме подолу.

Во постот се вели:

На една ТВ гледав снимки со убиени луѓе по улиците. Интересно покрај ниеден од убиените не видов ни капка Крв. Веќе видено на ТВ, се вели во постот што го рецензираме.

Станува збор за предградието Буча, каде што беа најдени тела по улиците и масовна гробница. Репортерот на новинската агенција АФП во Буча, во близина на Киев, кој бил на теренот, изброил најмалку 20 тела, а на еден маж му биле врзани и рацете.

Украинските сили ја вратија контролата врз градот оваа недела, а фотографиите покажуваат широко распространето уништување. Постот што го рецензираме алудира на тоа како убиства воопшто да не се случиле, со оглед на тоа што покрај ниту еден од убиените немало крв. Во оваа констатација оценуваме дека е  пропуштен контекстот.

На сателитските снимки од теренот, објавени од страна на медиумите, се вели дека телата на убиените биле во Буча со недели, што значи дека дури и да имало крв, таа веќе би била отстранета од атмосферски настани во моментот кога се направени фотографиите и кога новинарите влегле во Буча.

Истражување на весникот „Њујорк тајмс“ покажува нешто уште повеќе: на сателитски снимки на американската фирма Максар се препознава дека труповите на улицата „Јаблунска“ се наоѓале уште од 19 март, некои дури и од 11 март. Споредбата „пред и после“ меѓу сателитските снимки од 19 март и погоре наведеното вирално видео од втори април, покажува дека телата лежат на улицата во целосно истата позиција. Овие снимки јасно зборуваат против руското тврдење, според кое лешовите се појавиле дури по повлекувањето на руските трупи на 30 март, пишува Дојче Веле. 

Ако се земат предвид овие тврдења, тоа значи дека дел од телата биле на улиците повеќе од три недели, па дури и доколку наоколу имало крвави траги, сосема очекувано е истите повеќе да ги нема, дотолку повеќе што во март во предградието имаше и врнежи, магла и други временски прилики.

Нападот во Буча и неговите последици врз цивилното население во меѓувреме се детално документирани од страна на голем број новинари и во случајов никако не може да се тврди или алудира дека станува збор за некакво измислено сценарио. За истите имаше бројни реакции од страна на видни функционери и политичари, кои побараа одговорност и одговори за случајот и малку е веројатно сите тие лица да биле доведени во заблуда за убиства за кои индиректно се тврди дека не постојат, како во случајот со објавата што е предмет на оваа рецензија.

Медицинските факти говорат дека не мора да значи дека доколку е пукано врз одредено лице, истото мора видливо да крвари.

Насилните изливи на крв што ги гледате во филмовите се едноставно за драматичен ефект и не се многу реални, пишува Science Focus.

Во истиот напис се вели дека сѐ зависи од тоа каде настанува повредата по испуканите куршуми и дека многу често, доколку во лицето е пукано во пределот на абдоменот, можат да настанат интерни крварења и истите да не бидат видливи, односно покрај лицето да нема крв.

Поради сето погоре наведено, оценуваме дека на објавата што ја рецензираме е пропуштен контекстот. Заради тоа може да се случи корисниците на социјалната мрежа да помислат дека со ова се побиваат фактите оти во Буча навистина се случил масакр на цивилно население, нешто што веќе е потврдено и документирано со видеа, снимки и со изјави од очевидци.

Related