„Вечна слава на хероите-борци од антихитлеровата коалиција кои го победија нацизмот и ги ослободија европските народи!“. Оваа реченица е испишана на спомен-обележјето позади Универзалната сала во центарот на Скопје, коешто беше свечено откриено на 9 мај 2020 година од рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин и тогашниот градоначалник на општина Центар, Саша Богдановиќ.
Како што објавија општинските власти тогаш, спомен-обележјето е подигнато во чест на 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна. Средствата за изградба на спомен-обележјето ги има обезбедено Амбасадата на Руската Федерација во земјава, додека самиот амбасадор Баздникин на отворањето пред две години рече дека спомен-обележјето во Скопје е изработено како прототип, односно извор на идејата за него послужил споменикот на советските војници во рускиот град Ржев, во чија близина загинале речиси 400.000 советски војници и офицери.
„Споменикот што го отвараме денес е посебен, прв од ваков вид. Тој претставува потврда за единството на народите на антихитлеровата коалиција, која ја ослободи Европа од нацистите и нивните помагачи“, изјави на 9 мај 2020 година, рускиот амбасадор Баздникин, повторувајќи ги зборовите слични на она што е испишано на спомен-обележјето.
Историски факт е дека на 9 мај 1945 година завршило едно мрачно поглавје од светската историја, кога во Берлин, германските сили ја предале потпишаната капитулација на советскиот маршал Жуков и британскиот маршал Тедер. Сепак, тоталитарните просоветски режими инсталирани по крајот на Втората светска војна низ Источна Европа и страдањата на огромен број од граѓаните од нив, до денешен ден го поставуваат за актуелно прашањето: дали европските народи биле ослободени или по овој ден продолжила советската окупација на земјите од Источна и Средна Европа? И дали до денешен ден, историските факти за Втората светска војна се видоизменуваат и реконтекстуализираат за нечии пропагандни потреби?
Мета.мк упати прашања до Општина Центар и Општина Карпош, на чија територија се поставени спомен-обележја донирани од Руската амбасада во Скопје, за да ја појаснат целокупната процедура според која се поставени тие.
Во делот на спомен-обележјето во чест и спомен на 9 мај 1945 година, Општина Центар ја прашавме дали при неговата изработка биле консултирани македонски историчари, експерти од Институтот за национална историја во Скопје или здруженија на историчари од земјава.
„Според нашите сознанија, Општина Центар нема исконсултирано историчари по повод подигнувањето на ова спомен обележје“, е краткиот одговор кој Мета.мк го доби од Општина Центар.
Општинските власти ни објаснија дека текстот на спомен-обележјето е изработен од Руската амбасада во Скопје, исто како и неопходната проектна документација за неговото поставување во централното градско подрачје. Воедно, од Општина Центар велат дека средствата за спомен-обележјето се обезбедени од Амбасадата на Руската Федерација и од општинскиот буџет за него не е потрошен ниту еден денар.
Сличен одговор добивме и од Општина Карпош во однос на спомен-обележјето на советскиот космонаут Јуриј Гагарин, коешто во април 2015 година беше свечено откриено во скопската населба Капиштец. На настанот присуствуваше тогашниот руски амбасадор во земјава Олег Шчербак, заедно со скопскиот градоначалник Коце Трајановски и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Од денешна перспектива, од Општина Карпош за Мета.мк велат дека спомен-обележјето на Јуриј Гагарин е донација од Амбасадата на Руската Федерација во Македонија по повод Денот на космонаутот Јуриј Гагарин. Освен што ја примиле донацијата, Општина Карпош немала никакви финансиски трошоци за тоа, со исклучок на обврската да го одржува спомен-обележјето.
На прашањето дали при изработката на рускиот споменик биле консултирани македонски историчари, експерти од Институтот за национална историја во Скопје или здруженија на историчари од земјава, одговор од Општина Карпош не добивме.
„Јуриј Гагарин е симбол на храброста и на победата, како и на желбата да се откријат нови простори. Гагарин е човек кој отвори ново поглавје во светската историја, во развојот на науката и на воопшто на човештвото“, е краткото објаснување кое Општина Карпош го прати до Мета.мк.
Инаку, Општина Карпош продолжува да ја одбележува годишнината од првиот лет во вселената на Јуриј Гагарин. Па така, на 12 април годинава, тричлена делегација од Општина Карпош, по повод 61 година од летот на Гагарин, положила свежо цвеќе пред неговиот споменик, заедно со рускиот амбасадор Сергеј Баздникин, кинескиот амбасадор Џанг Зуо, босанскиот амбасадор Драган Јаќимовиќ, претставник на српската амбасада во Скопје, како и претставници на политички партии и група на граѓани од земјава. На настанот присуствувале и почесните конзули на Русија во Битола и Охрид Сергеј Самсоненко и Велимир Стојковски, лидерот на Демократската партија на Србите во Македонија Иван Стоилковиќ и извршниот директор на Македонско-руската стопанска комора Дејан Бешлиев.
Руско игралиште со табла на украински град на него
Последниот случај кога Амбасадата на Руската Федерација во Скопје „донираше“ во централните скопски општини е минатата година, кога во октомври беше пуштено во употреба детското игралиште со руска тематика позади Универзалната сала. Околу реквизитите со кои треба да си играат децата од околните згради беше поставена ограда со табли со имињата на руски градови, меѓу кои беше вметнат и украинскиот град Севастопољ лоциран на окупираниот полуостров Крим.
За ова детско игралиште со заеднички вложувања на Руската амбасада во Скопје и Општина Центар, по написот на Мета.мк, реакција имаше од Украинската амбасада во Скопје. По предизвиканиот дипломатски скандал, таблата со градот Севастопољ од игралиштето мистериозно исчезна, Општина Центар објасни дека не знае кој ја отстранил таблата од локацијата, додека кон крајот на минатата година од Украинската амбасада во земјава добивме објаснување дека реагирале кај македонските власти за игралиштето.
„Амбасадорката на Украина во земјава г-ѓа Наталија Задорожњук оствари и низа релевантни средби во МНР каде го изрази ставот за недозволивото учество на официјални претставници од Северна Македонија, посебно раководството на Општина Центар, во обидот на руската страна да го легализира статусот на привремено окупираните територии на Автономната Република Крим и г. Севастопољ како посебен субјект на Руската Федерација“, изјавија за Мета.мк од Украинската амбасада кон крајот на декември 2021 година во однос на поставената табла со градот Севастопољ на руското детско игралиште.
Меморијален споменик или спомен-обележје?
За разлика од неконсултирањето на стручните експерти-историчари и високообразовните и научни институции во земјава, а со тоа и можноста да се провлечат пропагандни содржини кај спомениците од оној што ги донира, и Општина Центар и Општина Карпош велат дека, барем формално-правно, ја испочитувале законската процедура која што е неопходна пред поставувањето на руските спомен-обележја низ Скопје.
Локалните власти од Центар за Мета.мк објаснуваат дека тие се законски покриени при изведбата на спомен-обележјето. Советот на Општина Центар на 4.5.2020 година ја одржал 45-тата седница, на која била донесена Одлуката за подигнување на руското спомен-обележје по повод 75-годишнината од победата над фашизмот. Само неколку дена подоцна, ова спомен-обележје, како веќе изработено, свечено е пуштено во употреба на 9 мај 2020 година.
И од Општина Карпош за Мета.мк велат дека поставувањето на спомен-обележјето на Јуриј Гагарин го минало општинскиот филтер, кој е неопходен според Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата на земјава.
„На 24 ноември 2014 година Советот на општина Карпош донесе одлука за
поставување на споменикот на локацијата на која е и денес“, велат од Општина Карпош, како чекор кој претходел пред неговото свечено отворање во април 2015 година.
За разлика од Општина Центар, во Општина Карпош поминале неколку месеци од донесувањето на општинската одлука до поставувањето на спомен-обележјето.
Но, тука се поставува и прашањето дали руските донации во Скопје се меморијални споменици или пак навистина спомен-обележја? Во Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата, којшто е објавен на веб-страницата на Министерството за култура, и на Агенцијата за администрација, се прави дистинкција меѓу двата термина, но е оставен и простор за слободно толкување.
Во членот 3 од Законот, се посочува дека меморијални споменици се поединечни или група објекти и монументални дела од архитектурата, скулптурата, сликарството и применетата уметност со историски и уметнички содржини и вредности за настани и личности кои се од исклучително значење за Република Македонија, и тоа за развојот на нејзината државност, за нејзиниот државно-правен континуитет и да се вградени во историскиот развој на земјата.
Како такви, меморијален споменик може да се подига со одлука донесена од Собранието на Република Македонија, а не од општините.
Веќе во членовите 4 и 5 од Законот, се објаснува дека спомен-обележја се бисти, скулптури, плочи, чешми, фонтани и други уметнички и архитектонски дела и творби кои одбележуваат настани и личности од исклучително значење за земјава или кои се од локално значење, а за кои одлука за нивната изградба ја даваат општините или Градот Скопје. Овој закон беше надополнуван во 2008 и 2015 година во периодот на градењето на т.н. проект „Скопје 2014“, токму во делот на членовите околу изградбата на споменици, а коишто беа менувани од тогашната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ.
БИРН уште пред неколку години ја објави Одлуката на Општина Центар за подигањето на споменикот на Александар Македонски на плоштадот „Македонија“, за којшто наместо да одлучува парламентот, постапката за негово подигнување беше спроведена преку Општина Центар. Професорот Мирослав Грчев од Архитектонскиот факултет уште пред неколку години пишуваше дека споменикот на Александар Македонски е „шверцуван“ како општинско спомен обележје од локално значење, со што суштински се суспендирани уставниот поредок и правната држава преку заобиколување на националното Собрание.
Но, и актуелната власт предводена од СДСМ до денес нема направено измени во Законот за меморијалните споменици и спомен-обележјата за да се направи јасна дистинкција меѓу двата термина и да се заостри процедурата за нивното подигнување, како би се избегнало туѓа пропаганда преку споменици да се шири низ населените места во земјава.
Резултатот од ова се нови обележја што никнуваат насекаде низ земјава во изминатиов период, со кои може да се ретушираат историските факти во корист на нечија пропагандна цел, а без притоа содржините на овие спомен-обележја да ги минат државните и експертските филтри кои треба да го исполираат она што ќе се појави како финално дело во јавниот простор.