Видео материјалот всушност е клип од филм снимен во 2017 година, а не украински војници кои заминуваат во војна. Видеото потекнува од филмот „The War of Chimeras”. Филмот ја документира приказната за млад брачен пар за време на битката кај Иловајск, која се одвиваше во 2014 година во близина на Доњецк, Украина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме содржина споделена на социјалната мрежа Фејсбук, која содржи видео материјал за кој се тврди дека потекнува од руската инвазија на Украина која се случи на 24 февруари 2022 година.
Во периоди на воени конфликти, видео материјалите кои го портретираат она што луѓето во погодените подрачја го доживуваат – предизвикуваат емоции особено внимание кај читателите и се врежуваат во меморијата. Откако почна воената инвазија на Русија врз Украина, македонските медиуми постојано објавуваат видео материјали, фотографии и сведоштва на воените дејствија, но дел од нив, како што објавивме и претходните денови, или не потекнуваат од тековната воена инвазија, или се невистинити и фабрикувани, или пак се стари од други воени конфликти кои се случувале во други делови од светот.
Во написот е споделено видео од војници кои се простуваат од своите партнерки, сцени придружувани со неизвесност и тага.
„Проклета војна! Сцени на вознемиреност, збогување, љубов во Киев“, пишува во описот на видеото.
Дали ова видео е навистина од тековната инвазија на Русија врз Украина?
Видео материјалот, всушност, е клип од филм снимен во 2017 година, а не украински војници кои заминуваат во војна. Видеото потекнува од филмот “The War of Chimeras”. Филмот ја документира приказната за млад брачен пар за време на битката кај Иловајск, која се одвиваше во 2014 година во близина на Доњецк, Украина.
Описот на филмот гласи: „Сторија за војната, љубовта и смртта, претставена преку непосредните учесници во настаните.“
На следниот линк може да се погледне фотографија од истиот филм, од двојката која се прегрнува на видеото, која во македонските медиуми е претставена како да е од тековната инвазија на Русија врз Украина. Таа фотографија е објавена на страницата на чешкиот институт за документарен филм.
Поради горенаведеното, оценуваме дека станува збор за пост кој е само делумно невистинит, во делот каде е споделено видео (едно од неколкуте) од војници кои се простуваат од своите сакани, наводно наводно пред актуелната инвазија, а, всушност, станува збор за видео клип од филм од 2017 година.