Станува збор за видео кое што Асошиејтед Прес го има објавено на својот Јутјуб канал уште на 19 март 2011 година, а потекнува од Бенгази, Либија. Насловот на тоа видео е „Авион соборен од либиски бунтовници“, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.
Текстот подолу го пренесуваме во целост:
Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, преку којшто е споделена вест со наслов „ЕКСКЛУЗИВНО ВИДЕО: Срушени најмодерните руски авиони, паѓаат како круши“.
Веста е објавена на 24 февруари 2022 година, истиот ден кога Русија направи инвазија на Украина. Во веста се вели дека херојската украинска армија се бори на секој чекор за својата татковина, а дека најмодерни руски авиони се погодени и паѓаат како круши.
Потоа се презентира и видео материјалот кој би требало ова да го „докаже“.
Меѓутоа, станува збор за видео кое што Асошиејтед Прес го има објавено на својот Јутјуб канал уште на 19 март 2011 година, а потекнува од Бенгази, Либија. Насловот на тоа видео е „Авион соборен од либиски бунтовници“.
Во описот на видеото пишува дека либиски бунтовници собориле воен авион кој го бомбардирал Бенгази.
Скратена верзија од тој видео материјал е претставена во постот што го рецензираме како да е соборен руски авион од страна на украинските сили. Дека станува збор за сосема истата снимка, само во скратена верзија, покажува и фактот што на двете видеа во позадина се слушаат извици од луѓе, сосема на истите делови од видеото, а авионот е соборен пред два бели столба.
Во изминатите денови, во повеќе наврати се користат стари видеа и фотографии, неповрзани со руската инвазија врз Украина, коишто медиумите ги употребуваат за да го илустрираат нападот на Русија врз Украина. Такви примери, меѓу останатите, може да погледнете овде и овде.
Со оглед на тоа што видео материјалот е објавен во светските медиуми пред 10 години, оценуваме дека не е вистина оти ,,ексклузивното видео” илустрира рушење на најмодерни руски авиони во Украина, туку претставува соборен авион од либиски бунтовници во Бенгази.