Фото-вест: Зад Универзална сала во Скопје отворено детско игралиште со руска тематика

Published on:

Детско игралиште со руска тематика изникна зад Универзалната сала во центарот на Скопје во текот на предизборната кампања пред локалните избори во земјава. Игралиштето, на кое треба да си играат деца од околните згради, е со подлога – мапа на Руската Федерација и испишано е името на државата „Русија“ на руски јазик. Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ ја најави изградбата на детското игралиште на Фејсбук кон крајот на септември годинава, но не сподели детали околу тематиката.

Во текот на изминативе денови беше поставена и ограда на игралиштето, која што се состои од имињата на најголемите руски градови, заедно со грбот на секој град. Меѓу имињата на градовите вметнат е и Севастопољ, град лоциран на полуостровот Крим, којшто Руската Федерација го анексираше од Украина, за што во моментов се води жесток спор меѓу двете земји. Инаку, како земја-членка на НАТО, Северна Македонија во изминатиов период недвосмислено го поддржуваше територијалниот интегритет на Украина.

Општина Центар без преголема помпа ја најави изградбата на ова детско игралиште. Градоначалникот Саша Богдановиќ на 27 септември кратко објави на Фејсбук дека привршуваат градежните работи на детското игралиште зад Универзалната сала, на улицата „Владимир Полежиноски“.

„Игралиштето добива нови квалитетни детски реквизити, подна подлога, ново зеленило, како и клупи и канти за отпадоци“, напиша на Фејсбук Богдановиќ, без притоа да го наведе идниот руски „амбиент“ на игралиштето.

Инаку, на само 50-тина метри од детското игралиште, во 2020 година Руската амбасада во Скопје, во соработка со Општина Центар, изгради спомен-обележје во чест на Денот на победата над фашизмот и 75-годишнината од завршувањето на Втората светска војна.

Related